Писмо до ќерка ми

Spread the love

Loading

Хорхе Букај

Хорхе Букај е лекар и психотерапевт за возрасни, парови и општествени групи во Буенос Аирес.

Специјализиран за лекување на ментални заболувања, најпрво работел во болници и клиники, а потоа држел предавања во институции, колеџи, театри, како и на радио и телевизиски станици. Кога решил да се занимава и со пишување, повеќе од дванаесет негови книги биле преведени на најмалку дваесет јазици и станале омилени кај читателите.

Денес живее во предградието на Буенос Аирес со сопругата и двете деца.

Во декември 2009 година во Атина ја претстави својата книга „Да гледаш во љубовта“. Таму прочита едно прекрасно писмо што ѝ го напишал на својата ќерка.

Советите што ѝ ги дава се, можеби, сè она што би сакал секој родител да им го каже на своите деца во неколку реченици…

Не е лесно да се биде родител. Никогаш не си сигурен дали сè што им нудиш е доволно, дали сè што кажуваш е правилно. Секогаш постои сомнеж. Можеби децата ни се сè уште мали. Но уште отсега, размислувајќи за различни настани што ни се случиле во животот — тешкотии, разочарувања, дилеми, сомнежи — да чуваме некои белешки со она што сакаме да им го кажеме кога ќе пораснат. Тогаш кога ќе бидат доволно зрели за да го разберат нивното значење… Тогаш кога ќе се прашуваат и ќе им требаат одговори…

Во продолжение следува Писмото на Хорхе Букај:

Пред да умрам, ќерко моја, би сакал да бидам сигурен дека те научив:

Да ѝ се радуваш на љубовта.

Да имаш доверба во своите сили.

Да се соочуваш со своите стравови.

Да се воодушевуваш од животот.

Да бараш помош кога ти е потребна.

Да дозволиш да те утешат кога те боли.

Да ги носиш своите одлуки.

Да ги браниш своите избори.

Да си бидеш пријателка самата на себе.

Да не се плашиш дека ќе се посрамотиш.

Да знаеш дека заслужуваш да бидеш сакана.

Да им зборуваш на другите нежно.

Да го сакаш и да се грижиш за детето што (ќе) го носиш во себе.

Да не зависиш од одобрувањето на другите.

Да не ги преземаш одговорностите на сите.

Да не го бркаш аплаузот, туку сопственото задоволство од она што го правиш.

Да даваш затоа што сакаш, никогаш затоа што мислиш дека си должна.

Да ги прифаќаш своите ограничувања и слабости без гнев.

Да не ги наметнуваш своите мерила, ниту да дозволиш другите да ти ги наметнуваат своите.

Да кажуваш „да“ само кога навистина го сакаш тоа, и да кажуваш „не“ без чувство на вина.

Да ризикуваш повеќе.

Да ја прифаќаш промената и да ги преиспитуваш своите уверувања.

Да се обидуваш да ги исцелиш старите и поновите рани.

Да се однесуваш со почит и да бараш и кон тебе да се однесуваат со почит.

Да ја планираш иднината, но да ја живееш сегашноста.

Да ѝ веруваш на својата интуиција.

Да негуваш здрави односи во кои еден со друг се поддржувате.

Да ги направиш разбирањето и простувањето свои приоритети.

Да се прифатиш себеси таква каква што си.

Да растеш учејќи од своите неуспеси.

Да си дозволиш да се распееш од смеа среде улица, без некоја посебна причина.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!