Светскиот живот ги лишува луѓето од слободата

Spread the love

Loading

Светскиот живот ги лишува луѓето од слободата, и оние кои ќе му се препуштат, ги држи во тешко ропство. Лицемерието и егоизмот како постојани својства на светскиот живот.

Преписка помеѓу светиот Теофан Затворник и неговото духовно чедо кое заминало на живеење во странство

Минатиот пат не зборував за сето она до кое се допревте во вашето писмо. Вие велите: „Еве што друго гледам: сите некаде брзаат, брзаат нешто да уловат, и никој ништо не успева да дофати. Еднаш се случи да минувам низ една прометна улица – каков метеж и суета! Но потоа гледам: и во куќите исто, а исто е веројатно и во нивните души. И не можам да поверувам: зарем е можно така да се живее? Еве што гледам друго: едниот го притиска другиот, го стега и измачува. Никој нема сопствена волја и слобода. Не смееш да се облекуваш како што сакаш, не смееш да одиш како што сакаш, не смееш да зборуваш како што сакаш – и ништо не смееш онака како што сакаш. Кај нив како сѐ да е потчинето на некој закон, за кој не се знае кој го напишал – тој закон сите ги притиска, но никој не се осмелува да го прекрши. Затоа и самите стануваат тирани еден на друг. А ако се осмелиш да не го послушаш – уште полошо! Јас на пример, пеам кога ми се пее. Затоа што тоа е рај: и на мене самата ми е пријатно, и на оние кои ме слушаат. А тука, сакаш – нејќеш, пеј! Тоа се бара од тебе многу фино и културно, но да одбиеш би го сметале за злочин. И пееш. Неподносливо ти е тешко, да пукнеш, но се преправаш дека пееш од срце. Тоа сум го приметила и кај други. И тоа е слобода! Однадвор гледано – слободна сум. Слободна, со врзани раце и нозе! По тој повод почнав да се запрашувам, дали тие прават од срце и сѐ останато? И? Можеби грешам, но не сум видела ништо што би било од срце. Ласкање и љубезност – исто, меѓусебно почитување – исто! Сѐ е извештачено. Позади усогласената и префинета надворешност се крие сосема поинаква душа, за која, кога би можела однадвор да се покаже, никој не би рекол дека е префинета, дури не би рекол ни дека е поднослива. Се чини дека кога се сретнуваме, претставуваме собир на лицемери и лицемерки. Комедија! И што е уште почудно – меѓу сите владее некаква студенило. Па како тоа?! Сите се дружат, се чини како да се спремни душата своја да ја дадат, а наоколу се чувствува студенило!“

            Сосема точно. Нема што да се додаде на вашиот опис. Сето тоа е забележано одамна, и на сето тоа му е обрнато внимание. Еве како свети Макариј Велики ги претставил метежот и трката кои вие сте ги забележале: „Децата од овој век станале налик на пченица која е ставена во земно решето, сеејќи сѐ низ непостојаните помисли на овој свет, со непрестајно мешање на: светските работи, желбата и комплицираните материјални сфаќања. Сатаната ги протресува душите, и со решетото, односно со земните работи, го просејува целиот грешен човечки род. Уште од времето на падот, кога Адам ја престапил заповедта и се потчинил на лукавиот кнез кој ја презел власта врз него, со непрестајни измами и конфузија на мислите, сите синови на овој век тој ги сее, и ги доведува до судири во земното решето. Како што пченичните зрна, во решетото на оној кој ги сее непрестајно се удираат, се фрлаат во воздухот и се преплетуваат, така и лукавиот кнез на земните работи ги оптоварува луѓето, ги колеба, ги доведува до состојба на немир и напнатост, ги присилува да се среќаваат со суетните помисли, нечистите желби, со земните и светските врски, непрестајно поробувајќи го целиот грешен Адамов род. Самиот Господ им го претскажал на апостолите идното станување на ѓаволите против нив: „ете, сатаната посака да ве сее како пченица, но Јас се молев за вас за да не се изгуби вашата вера“ (Лк. 22,31–32). Затоа што овој збор, како и одлуката која Создателот му ја соопшти на Каин – дека тетеравејќи се и треперејќи, во немир ќе живее на земјата (Битие 4,12) – таинствено служат како слика и пример за сите грешници, затоа што родот Адамов, кој ја престапил заповедта и станал грешен, тајно го примил на себе ова подобие. Луѓето се вознемирени од загрижувачки мисли, мисли на страв, секаков немир, желби и најразлични задоволства. Кнезот на овој свет ја вознемирува секоја душа која не е родена од Бога и како пченица, непрестајно ја превртува во решетото, на најразличен начин ги вознемирува човечките мисли, колебајќи ги луѓето и ловејќи ги со помош на светските измами, со телесни задоволства, стравови и грижи“ (Беседа 5,1–2).

            Еве ви додаток на вашиот поглед. Добро сте забележале што е и како е. А свети Макариј укажал на причината и на потеклото на таквата состојба. Во кругот за кој зборуваме, таков поглед на нештата не се прифаќа, ним не вреди да им се каже ниту збор за ова. А Вас ве молам да го присвоите овој поглед, и секогаш да го држите во мислите. Тој ја изразува суштината на нештата, и затоа што го примивте со увереност, ќе ви служи како ограда од опиеноста на светскиот живот. За да размислите подобро за ова, и за уште повеќе да се сложите со таквиот начин на размислување, потрудете се да ја прочитате целата петта беседа на светиот Макариј. Таа книга ја имав дадено на Вашата мајка, и таа имаше намера да ја набави.

            Ќе додадам и од моја страна, како таа трка за нешто и незадоволство од ништо, зависат од она за кое пишував минатиот пат: баш затоа што со таков начин на живот не се храни целата човечка природа и не се задоволени сите нејзини потреби. Незадоволената страна, како онаа која е гладна бара храна, а потребата за задоволување на гладта и жедта го гони човекот да бара. Човекот лута и бара, но затоа што постојано се врти во истиот круг – кој не може да го задоволи неговиот глад – нема ни задоволување, ниту на гладот, ниту на жедта, не престанува ни потрагата по храна, не престанува ни трката. И никогаш нема да престане кај оние што живеат по духот на светот. Непријателот ги држи во заслепеност, поради што тие не ги приметуваат грешките, дека не трчаат по вистинскиот пат и дека не одат каде што треба – во тој мрак тој ги мачи и ги дави тие несреќни души. Ѓаволот толку ги помрачил што никој не смее ни да им спомне дека не се во право. Затоа што ќе почнат да рикаат како диви ѕверови. Не е ли тоа рикањето на оној лав што бара некого да го раскине?

            Што се однесува на другите страни на светскиот живот кои сте ги приметиле, ќе го кажам само тоа дека поинаку не може ни да биде. Затоа што таков е животот на паднатиот човек чија појдовна точка е самољубието и егоизмот, кој како цел се поставил самиот себе, а сѐ друго како средство. Тука се наоѓа причината за тоа што секој сака да ги наметне своите желби на другиот или да го врзе со своите желби, што многу добро го именувавте како тиранија. Штом некој не ги ограничува своите желби, во позадина на сето тоа стои егоизам кој сака да ве намести по негово, или да ве направи средство. Тука е и причината за лицемерието, чија суштина е, со употреба на големо лукавство на секој начин да се прикријат сопствените лоши страни, а не да се поправат; во спротивно би се прекинало влијанието врз другите и со тоа веќе не би можеле да бидете користени како средства. Тоа е и причината зошто со сите владее студенило – затоа што сите се затворени во себе и не зрачат со зраци на животна топлина околу себе.

            Вие секако дека сретнувате неколку лица со симпатично расположение на срцето: тие се прилепуваат за вашето срце. Тоа е остаток од чувството на сродност со која човекот е створен; но тоа чувство тука стои во служба на егоизмот, кое го користи како најдобро средство за да си ги подреди работите. Јас знам едно такво лице. Подобро е вистински егоист, отколку таков „симпатичен“. Кај едните барем може лесно да се примети за што станува збор, а кај другите ретко на кого тоа му оди од рака.

            Навистина, вие речиси непрестајно сретнувате услужливи луѓе, но тие целат на тоа, поради една услуга, потоа десеткратно да ве искористат, во нивна корист. Ќе речете: „Па како тоа? Сите се повикуваат на честа, а да се покажеш нечесен во нешто значи – да се уништиш себе“. Навистина е така, но таа чест е маска за егоизмот; важно е да не паднеш во калта, поради кое често се допуштаат најнечесни постапки, само ако е можно да се сокријат од другите. Вие слушате, или веќе имате слушнато приговори од типот: тој е егоист! Немојте да мислите, дека на тие што го зборуваат ова, егоизмот им е непознат. Не, тој приговор се однесува на оние кои не допуштаат со нив да се управува, и во своите егоистички цели да ги употребуваат оние кои така судат за нив. Сум слушнал дека таквите личности, дури и монасите ги прекоруваат за егоизам: како да живеат само за себе. Сироти монаси! Ниту јадат, ниту пијат, ниту спијат; дење и ноќе се на нозе, во послушанија, без да имаат свои желби и своја волја – а наидоа меѓу егоисти! Веќе по ова можете да пресудите каква вредност имаат обвиненијата за егоизам кои ги сретнувате, или ќе ги сретнете помеѓу светските луѓе. Тие значат: Наишла косата на камен[1].

            Прегледувајќи го ова што го напишав, гледам дека сум донел многу груб суд за светскиот живот, но нема да ги повлечам зборовите. Можеби и не би го напишал тоа што го напишав, но бидејќи Вие и самите веќе сте ги приметиле темните дамки на светот, јас добив желба да запеам со истиот тон. И не мислам дека тоа нешто ќе ве растажи, после она што и самите го кажавте. Но, очекувам од Вас прашање: „Тогаш како да се живее“? Тоа ќе го решиме понатаму во нашето допишување. Сега ќе го кажам само ова: секако дека не е можно да се одделите од сите, но колку е можно повеќе избегнувајте да влегувате во кругот на тој светски живот, а кога ќе ве вовлечат против вашата волја, држете се таму како да Ве нема – гледајќи не гледајте, и слушајќи немојте да слушајте. Оставете го она што го гледате да помине покрај очите, и она што ќе го слушнете да помине покрај ушите. Надворешно правете го тоа што го прават другите, навидум отворено, но своето срце чувајте го од чувствата и страстите. Тоа е најважно – срцето чувајте го и бидете таму само со телото, а не и со душата, за на правилен начин да ја исполните заповедта на апостолот: „кои се ползуваат од овој свет, како да не се ползуваат“ (1.Кор. 7,31). Под поимот „свет“ се мисли она што ние го разбираме како светски живот. Вам ви е потребен светот, односно неопходно ви е да имате допир со светскиот живот; но кога своето срце ќе го држите подалеку од светот, тогаш ќе живеете како таков живот да не Ви треба, односно, ќе учествувате во него не поради тоа што ќе имате симпатии и желби во него да учествувате, туку изнудено од Вашата сегашна позиција.

            Ве уморив со опширно пишување, но Вие ме натеравте. Ве молам, на вашето внимание да не му прелета она што е напишано, особено последните редови.

Превод: Андријан Ѓорѓиев, апсолвент на Теологија


[1] Се мисли на егоистичните луѓе, кој налетале на „цврст орев“ или тврд отпор, односно на смирението на монасите.

Православна светлина бр. 77

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!