Луѓето кои ме научија на свет живот

Spread the love

Loading

Архимандрит Григориј (Зумис) Дохијарски

Од детска возраст ги слушав зборовите на преподобниот Јован Лествичник: „Монаштвото е постојано себепринудување“. И мојата покојна баба Захаро често ми ја повторуваше поговорката:

„Работниот ден започнува од ноќта“. Ќе згрешиш ако ја оставиш денешната работа за утре.

Јас почнав да се восхитувам на добродетелта на себепринудување и ја засакав уште пред да ја спознаам на дело. И до сега јас сакам да ја стекнам како соодветна на мојот карактер како ништо друго. Еднаш го прашав старецот Амфилохиј:

„По што се разликува монахот од мирјанинот?“

А тој ми одговори:

„Монахот се одликува со постојано себепринудување“.

Потоа цела вечер ми раскажуваше за монаси кои се подвизувале во себепринудување.

Себепринудувањето ми донесе толку полза, што ми дојде мисла да го посветам ова поглавје на некои луѓе, монаси и мирјани, кои се потрудија да се принудат себеси, за кои слушав или кои ги знаев лично.

На Рождество Христово во 1959 година дојдов во моето село, за да го поминам празникот со семејството. Вечерта излегов на прошетка низ полињата, но не затоа што бев склон да се опивам од убавината на природата, туку за да ја разгледам земјата на својот остров во тоа време (во родното место не бев отишол четири години). Излегов за да ги видам обработените полиња, обоени во разни бои, никнатите посеви, кои едвај ѕиркаа од земјата, искроените лозја без лисје, со оголени дебели стебла, кои како змии лежеа на земјата. Излегов за да го почувствувам мирисот на влажна земја, за да видам како пловат по небото белите облаци, кои им навестуваа на луѓето скорешен дожд.

На едно место среде лозјето видов интересна слика: девеесетгодишен старец, која седеше на столче и ја копаше лозата со едно мотиче. Се преместуваше од еден корен до друг, седејќи на столчето. Секој пат, кревајќи ја мотиката, тој силно изговараше: „Помогни ми, Мајко Божја!“ Дојдов до него. Стариот веќе беше испотен и задишан од умор.

„Како оди работата, чиче?“

Тој се исправи и љубезно се поздрави со мене. Староста и уморот не му пречеа да изрази благородност. Го знаев уште од детството: тој беше еден од поранешните наемни работници кај мојот татко.

„Да, ете, се трудам околу лозјето, сега само од тоа можам и да заработувам“.

Сето тоа се случуваше сѐ дотогаш, кога се појавија таканаречените селски пензии. Овој дедо на еден остров на Егејското море мораше да заработува за да преживее. Во него постојано имаше чувство на достоинство: не сакаше да се најде во таква положба, кога поради милостина би морал да тропа по туѓи врати. Јас ја завршив својата прошетка, ја задов неговата мотика и иако не бев обучен за тоа, успеав до вечерта да ископам многу лози.

Бог не го заборави и не го остави без помош: еден побожен странец го зеде во својот дом во Атина и заедно со неговата добра жена го догледа, по што, овој му го препиша на негово име својот имот со бедната колиба.

Уште во детството бев убеден во тоа дека жените некогаш се посилни од мажите. Една бедна девојка имаше силна желба да основа манастир на земјата, која ја наследи од родителите. Ноќе во својата куќарка, која малку се разликуваше од штала, таа ткаеше од памук едноставни ткаенини, од кои селаните си шиеја за себе пантолони и кошули. А преку ден со своето магаренце одеше низ селата и ги продаваше платната, за да собере пари за изградба на манастир. Во тие благословени години зборот „милостина“ не беше познат во нашите краишта. Оној кој сакаше да живее побожно, мораше многу да работи. Ползејќи на колена мораше да го корне кромидот и да го јаде со сув леб и горчливи маслинки под сенката на тукушто изградените ѕидини на храмот, да пие лошо вино од шише, за да го омекне парчето сув леб. Неговите раце мораа многу да се трудат, за да изградат црква или камбанарија, кои денес ги украсуваат островите на Егејското море.

Во една студена божиќна ноќ со татко ми сретнавме една девојка од селото; таа со две магариња чекаше некој човек кој ѝ ветил дека ќе ѝ донесе цемент. Таа сета се тресеше од студ. Татко ми растреперен ѝ рече: „Оди мила моја, во својот манастир. Не треба тука да стоиш и да чекаш ноќе, особено на вакво невреме“.

Таа изгради свој манастир, живееше во него со својата сестра и сега почива во земјата на живите.

Кога бев старешина на манастирот Лонговарда, еднаш отидов во една куќа, која му припаѓаше на манастирот, во кој живеше сам еден стар монах, грижејќи се за манастирската стока. Кога се приближив го видов дедо Гавриил, кој тогаш имаше 92 години; тој носеше храна за прасињата. Со едната рака се потпираше на патерицата, а во другата носеше конзерва со храна: разматено брашно во вода со остатоци од храна. Едвај се движеше.

„Што правиш, отец Гавриил? Ако паднеш, свињите ќе те изедат и тебе“.

„Отец, знаеш дека нашиот манастир е сиромашен. Во оваа година јачменот воопшто не роди. Ако немаме некоја стока за продажба, тогаш од што ќе живееме?“

Отец Дамјан, легендарниот економ на манастирот, со водата која остануваше од миењето нозе ги миеше скалите кои водеа кон ќелиите. И ги миеше не со џогер, туку со партали, на колена ползејќи од скалило на скалило.

Баба Лукија, монахиња од Бодрум во Мала Азија, до длабока старост копаше во нивата. Секоја година ми велеше: „Ова е последен пат“ – додека не наполни 100 години.

Да, и мојата баба, која исто така беше човек кој секогаш се принудува себеси, ми велеше:

„Никогаш нема да видиш ден во кој ќе ги завршиш сите работи. Треба многу часови да кратиш од ноќниот сон, ако сакаш да чувствуваш задоволство од тоа, дека нешто си направил“.

Себепринудувањето е карактерна црта на светите и на сите истакнати луѓе. Оние кои се принудуваат себеси во материјалните работи, обично се принудуваат и во духовните.

„Мати Лукија, по цели денови работиш во нивите. Некогаш си го испуштила ли своето монашко правило?“

„Се шегуваш ли, Маноли? Како тогаш би можела да се причестам?“

„Отец Јосиф, откако стана монах, го испушташе ли своето правило, бидејќи од утро до вечер ја копаш земјата и ги закројуваш дрвјата?“

„Не, не се сеќавам на таков грев“.

„Отец Гавриил, ти успеваш ли да го исполниш своето правило? Бидејќи по цел ден работиш во нивите и се грижиш за стоката, за да има во манастирот млеко и јајца“.

„Да, отец, и своето правило го исполнувам, и сите служби ги исчитувам“.

Видов многудетни мајки кои уште пред изгрејсонце се враќаа од реката со помодрени нозе од студената вода, носејќи на грбот кошница со испрани алишта. Секогаш одеа навечер да перат за да заштедат време, за да можат да се вратат дома пред да се разбудат децата, но и поради тоа, за да не видат соседите какви парталави облеки имаат дома. Облеката за излегување секогаш била убава, но домашната била толку бедна, што денес не можеме ни да го замислиме тоа. Но и бедната мајка имаше чувство на лично достоинство, поради кое сакаше да ја сокрие својата сиромаштија. Ете ја древната благородност! Ете какво е наследството на предците: нашите мајки, без оглед на четирите векови ропство, го сочувале стремежот да блескаат на улица, слично на византиските царици.

Повторно и повторно себепринудување.

„Мамо, кога ќе можеме ние да седиме на убавите клупи и спокојно да се восхитуваме на морето и прекрасните острови во далечината, а одблизу на ливадите, лозјата и планините од нашиот остров? Живееме во такво чудесно место, а не можеме да се насладуваме од него. Цел ден одиме со наведнати глави од работа и ги гледавме само чорапите од своите чевли. Мамо, нашиот дом стои на толку прекрасно место! Од сите страни од височината се гледа цел свет, како на дланка, до каде гледаат очите, но постојаната работа не ни дозволува да кажеме како Давид: „Сѐ си направил премудро!“ (Псал. 103,24). Во септември започнува гроздоберот и собирањето дрва за во зима. Во октомври ќе ги чистиме шталите од изметот, за да ги наѓубриме нивите, а на животните да им биде чисто во зима. Со првите дождови ќе минуваме низ полињата со плуг, а во ноември – сеидба, која ќе трае до февруари. Во март обработка на лозјето. Во април ќе се родат принови кај стоката, прихранување на малите и подготвување на сирење. Во мај жетва, која ќе трае до празникот на светите апостоли. Во јули мачното вршење на гумното: постојано трчање од утро до четири или пет попладне. Во август собирање на мешунките: безеље, леќа, грав. А ќе одмориме на 36 август, бидејќи во тој месец толку денови се собираат…

„Сине, не негодувај: на Бога тоа не Му е угодно. Помоли Му се, за да бидеме здрави и да можеме да работиме. Бог го љуби трудољубивиот човек и го благословува со двете раце“.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!