![]()
Како треба христијаните да се однесуваат после Причест? Дали треба да останеме и да помогнеме да се исчисти црквата, или пак да си одиме дома? Како правило, повеќето од нас се причестуваме во Недела. Потоа имаме домашни обврски, излегување на кафе, пријатели и така натаму. Дали е таквото однесување полезно, и можеме ли да ја сочуваме благодатта добиена преку Светата Тајна Причест?
Свештеник Алексеј Веретелников, клирик на црквата Руски Новомаченици и Исповедници во Строгино, Москва:
Навистина, мора да признаеме дека во духовната пракса на христијаните можеме да најдеме многу за правилата околу подготовките за Светата Причест, но многу малку околу тоа како треба да се однесуваме после оваа тајна.
Но може да забележиме дека некои од светите отци даваат навистина интересни совети околу активностите после Причест. Така, св. Теофан Затворник советува да се избегнува преспивање за да не паднеме во нечисти искушенија од лукавите духови. Познато е дека св. Јован Шангајски поминувал долго време после службите и Причеста во црква, во олтарот, уживајќи го чувството на соединетост со Христос после примањето на Неговите Тело и Крв. Како млад свештеник, св. Јован Кронштадски пишувал за воздржувањето од спиење и јадење месо на денот кога се причестувал, а во последните години од неговиот живот – целосно воздржување од храна. Но ова не значи дека овие правила треба да бидат следени од сите. Покрај тоа, во темпото на градскиот живот за многу луѓе неделата е единствениот ден кога имаат прилика да се сретнат со нивните пријатели и да уживаат во добро друштво. Се разбира, не е грев доброто друштво и шолја кафе или чај. Но истовремено, доколку е возможно, на денот на Причеста треба да се воздржуваме од празни и безделнички разоноди и да бидеме насамо со себеси и Бог барем малку. Неопходно е да се обидеме да ја зачуваме внатрешна смиреност колку што може повеќе и да одржуваме кратка молитва во умот, за да умот и срцето ги зачуваме од празни или, полошо, грешни помисли. Не треба да ни се одвлекува вниманието кон световната врева и безделнички разговори. Денот Недела бара од нас да правиме добри дела, особено во денот на Причестување. Препорачливо е да се посвети време читајќи Свето Писмо, молитви и дела на милосрдие.
Како центар на духовниот живот, Евхаристијата бара да бидеме будни и внимателни кон нашите дела, зборови и мисли.
Протоереј Димитриј Вилекжанин, настојател на Црквата „Рождество на свети Јован Крстител“, село Оршанка (Јошкар-Олинска и Мариска епархија):

Прво, благодатта нема да биде изгубена после Причест доколку се однесувате со љубов кон луѓето околу вас. Без разлика дали сте во кафич, во продавница или на улица: Ако се однесувате кон другите со љубов и зборувате многу, благодатта нема да ве напушти, дури и ќе се зголеми во вашето срце. Како што велат светите отци, може да молчите а да бидете расеани во мислите, а може и да зборувате и да бидете во Духот. Затоа, најважното нешто е да не грешиме и да останеме во љубовта. Возможно е после Причеста да молчиме, да се затвориме во ќелија, но истовремено да грешиме повеќе во мислите отколку на улица зборувајќи со луѓе. Мислам дека најважното нешто е да се однесуваме со благи чувства и љубов кон луѓето
Второ, благодатта нема да ве напушти ако вашиот ум е во Царството. Дури и ако физички зборувате со некого, целта е да не ја врзувате душата со земни интереси. Бидејќи ако се прилепите до земните нешта со цело ваше срце, тогаш се разбира, благодатта ќе ве напушти. Секогаш треба да имате кратка молитва во вашата душа, и може да правите сѐ освен грев со вашето тело и ум.
Свештеник Георгиј Фирсов, клирик при храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Вешњаки, Москва:
Секој има различен ден: некој, на пример, мора да оди на работа после Причест. И ако човек може да се контролира себеси, без да зборува премногу или да се впушта во глупави активности, тогаш сметам дека тој може да оди на работа или да се сретне со пријатели после Литургијата. Се разбира, не би одел во клуб или на места коишто се прегласни и директно поврзани со грев после Причест. А во секојдневието, зошто да не се сретнете со пријатели или да седнете на кафе ако сте во мирно и ведро расположение? Ако имате некаков „ѕвер“ во вас, секогаш ќе се чувствувате лошо – пред или после Причест.
Некогаш свештениците ги советуваат луѓето да останат во црква после Причест и да помогнат со бришење на иконите и чистење на свеќниците, но ќе си дозволам себеси да се пошегувам на оваа тема. Сметам дека отците што го велат ова се настојатели. Јас лично ги охрабрувам сите да одат кај нивните мајки што не ги виделе две недели, кај бабите, или во посета кај некој друг. Можете исто така да останете во црквата – ова е исто така наша фамилија, и треба да сте вклучени во парохискиот живот. Луѓето се запознаваат меѓусебно кога мијат подови и чистат прозорци, или сортирајќи свеќи. Ова е исто така корисно. Па настојателите сепак се во право. Но доколку вашиот сопруг со децата е дома, вашата супа не е зготвена, подот не ви е исчистен или имате други домашни обврски кои ве чекаат и вие останувате во црква пола ден, верувам дека тоа не е добро. Доколку работиме шест дена во неделата и на единствениот слободен ден сме во црква до вечерта, изгледа како злосторство и ќе биде апсолутно лошо за нашите семејни односи.
Свештеник Леонид Кудрјачов, настојател при храмот „Благовештение на Пресвета Богородица“ во Оренбург.
Претпоставувам дека секој свештеник ги знае поплаките на парохјаните за колку е тешко да се искористи денот кога земаат Причест за нив и во тишина. Тие сакаат, но не можат! Сега сосетката се јавува за разговор, па роднините доаѓаат ненадејно, па внуците, па потоа мораат да одат некаде и да прават нешто. Поради ова благодатта се разлева, и метежот на животот брзо ја задушува возвишената духовна состојба стекната во црквата. Тие претрпеле еднаш, два пати, но колку можат да трпат?! Тие се вознемирени од соседите и околностите, и гневот и тензијата се појавуваат – тоа не се воопшто плодовите за кои апостолот Павле зборуваше: Љубовта, радоста, мирот, долготрпението, кротоста и доброста… (Гал. 5,22). Што треба да правиме? Како да се зачуваме безбедно од светот и сѐ што е во светот на денот на Причестувањето? Во која пештера да се сокриеме? Има ли друг начин како праведно и правилно да живееме на денот кога се Причестуваме? Мислам, да.
Да ги разгледаме алтернативите.
Светите Дарови се Самиот Господ Исус Христос. Тој е нашата благодат! Преку Причестувањето ние сме во Него, и Тој е во нас. Сега да се запрашаме себеси зошто Спасителот сака да биде соединет со нас.
Нема едноставен одговор на ова прашање – не случајно Причеста е наречена Тајна. За мене овој настан е толку повеќеслоен што можам само да размислувам за еден аспект одеднаш. Овој пат размислувам за фактот што Господарот ја воспоставил праксата на Причестување со цел да замине и да не замине, да се вознесе, но истовремено да остане со нас преку сите денови до крајот на времето. Тој продолжува да живее на земјата преку Неговото Тело -Црквата; Тој одржува мистична врска со членовите на Телото преку Причеста.
Така, Господ Исус Христос живеел на земјата пред 2000 години и живее сега во христијаните. Знаеме од Евангелијата дека Тој поминал триесет години во секојдневна светост, правејќи ги секојдневните работи добродетелно. Потоа три години им служел на луѓето, проповедајќи вистина и лекувајќи ги болните. И конечно, времето за да се земе Крстот кон Голгота пристигна. И сите овие варијации за Христовиот живот може и ќе бидат пројавени во причесниците: секојдневна светост, служење на другите и искушенија. Ова значи дека кога сме се причестиле, нема потреба да го заклучуваме Христос дома, нема потреба да ја ставаме Неговата светилка под поклопец, нема потреба да го криеме Него од луѓето. Царството Божјо се приближи и ние не смееме да се повлечеме.
Секој пат кога се Причестуваме, ние, членовите на Телото Христово, добиваме поттик за дејствување. Но страшно е да се дејствува. Што ако е тешко? Што ако згрешиме? Што ако нешто не успее?
Но да ги погледнеме апостолите. Тие се Причестија на Тајната Вечера, и потоа мораа да минат низ низа искушенија. Тие во ништо не успеаја! Не успеаја да Го поддржат Христос за време на молитвата во Гетсиманската градина – заспаа. Избегаа кога Го приведоа. Петар се одрече од Христос. Сѐ тргна наопаку. Ако тие мислеа на начинот којшто модерниот православен парохијанин мисли, ќе одлучеа дека најдобро воопшто да не се Причестуваат поради таквите последици. Или барем дека треба поретко да се Причестуваат, подалеку од искушенија. Но наместо тоа тие започнаа да учествуваат во Светото Воскресение секојдневно и почесто.
Навистина, може да правиме грешки и да имаме падови, но човекот учи од сопствените грешки. Учиме да ги усогласиме нашите животи со волјата на Христос: да не Му се противиме, туку да Му се предадеме, да Му веруваме и да ја поставиме Љубовта во центарот на нашиот живот.
Јеромонах Димитриј (Першин), клирик на Вознесенскиот собор во Алма-Ата:
Причеста е учествување на Тајната Вечера. Ова е заедница со Христос, со Кого стануваме сродни во тајните на Крштение и Миропомазание. Ова е зошто молитвите на свештеникот на светата трпеза се насочени кон Него, сепак во име на верните кои дошле во црква.
И после Причеста ние го покажуваме ликот на Христовата љубов во овој свет. Ја исполнуваме мисијата која Бог Отецот ја довери на Неговиот Син за да ја сподели со нас. Така, соединети со Него на Тајната Вечера, ние сме сведоци на Единствениот Кого сме Го примиле во Причеста, преку Кого живееме и Кому му служиме.
Се трудиме да не ја изгубиме благодатната радост која ги допрела нашите срца, туку да ја зголемиме во делата на љубовта, грижа за гладните, жедните, болните или затворениците.
Бидејќи далечината помеѓу нас и Бог е далечината помеѓу нас и оние на кои сме им потребни. Ова е големата радост на Христијаните – нема потреба да одиме на поклоничко патување за да се доближиме до Бог.
Доволно е да направиме неколку чекори кон уморна жена, дете што плаче, збунета стара жена; да измиеме садови кога не е наш ред, да го изметеме подот, да ја завршиме домашната, да го избегнеме интернетот, да поиграме одбојка или фудбал со тинејџерите, и да им зборуваме за значењето на животот. И конечно, да отидеме до најблискиот дом за стари лица или болница и да се вклучиме во нивната работа.
А да не зборуваме за читањето на Словото Божјо, коешто ја освежува душата како извор во жештина.
Сето ова – грижата за оние близу и далеку, верноста на нашиот збор и исполнување на нашите должности – може да се претвори во молитва или барем да биде умствено стоење пред Бог, Кој ги испратил во нашите животи луѓето и околностите, благодарение на кои ние можеме да растеме по Неговата мера. А Неговата мера е онаа на љубовта на Крстот.
Превод од англиски јазик: Марко Трајковски
Православна светлина бр. 77