![]()
На 16.01.2026 година беа откопани моштите на преподобна Елисавета, во манастирот Пасареа (Романија). Но која е таа светителка и зошто е значајна ќе видиме подолу во текстот.
Родена е на 16 јули 1970 година во Молдова-Сулица, округ Сучава, а на крштевањето го добила името Родика. Нејзините родители, Василе и Марија Лазар, имале единаесет деца, од кои две преминале кај Господа уште во рана возраст.
Во септември 1986 година, на 16-годишна возраст, се замонашила во Пасареа, по едно поклонение со две братучетки, при што побарале духовен совет од повеќе духовници.
На 12 декември 1990 година била пострижана за расофорна монахиња од архимандритот Макариј Јоница, духовник на Манастирот Пасареа, добивајќи го името Елисавета, и ѝ било доверено послушанието во работилницата за филигран на Романската Патријаршија при Манастирот Пасареа.
Во 1996 година била префрлена во Романската установа во Ерусалим, за да се грижи за храмот и да пее на певница. Во Светата Земја тешко се разболела, а лекарите веќе не ѝ давале надеж за преживување. Му се молела на свети Јован Јаков (Хозевит) од Њамц, за време на молитвата нејзината душа како да се одвоила од телото и патувала низ пеколот и рајот, и од свети Јован Јаков добила совет да го следи во живот на тихување и осаменост во пустината.

Се вратила во татковината, каде што живеела како пустиничка во планините Џумалау и Њамц. На 6 август 1998 година, на празникот Преображение Господово, примила постриг во мала схима со името Теодора, а на 19 април 2006 година примила постриг во голема схима со името Елисавета.
Во 2014 година, болна од рак, силите ѝ ослабеле и се вратила во Манастирот Пасареа, каде што го продолжила молитвениот и подвижничкиот поредок што го стекнала во пустината. На само 44 години, на 5 јуни 2014 година, се преселила во небесните живеалишта.
Откопување на нејзините мошти во манастирот Пасареа (16.01.2026)
Ликот на Св. Елисавета блеска како примерот на древните пустиножители, вели Неговото Преосвештенство Тимотеј Праховенски
„Ликот на схимонахињата Елисавета (Лазар) блеска како примерот и животот на древните пустиножители. Таа го поттикнува секој од нас да го цениме времето и што е можно поголем дел од него да му го посветиме на Господ“, изјави Неговото Преосвештенство отец Тимотеј Праховенски, викарен епископ на Архиепископијата на Букурешт.

Јерархот ја отслужи службата за ексхумација на моштите на преподобна Елисавета од Пасареа, во подготовка за прогласувањето на нејзината канонизација и нивното пренесување во манастирската црква.
Го отфрли секој световен товар
„Таа ги поттикнува монасите да не љубат ништо повеќе од Бога, како што ни се вели и во моментот на монашкиот завет: да не љубите ништо повеќе од Бога – ни честа, ни славата, ниту овие нешта, какви и да се, со други зборови, колку и да се обидуваат да го измамат секого од нас“, додаде Неговото Преосвештенство Тимотеј Праховенски.
„Како што се молиме и слушаме на секоја Литургија – сета световна грижа сега да ја отфрлиме – таа, која ја отфрли световната грижа, нè повикува и нас да одиме по овој пат на служење на Господа Бога и нашиот Спасител, Исус Христос“.
„Што ли значело тоа за неа? Како ја победила суровоста на студот со жарта на молитвата? Со што се хранела? Со шумски јагоди, со киселец, како и света Теодора? Или со помошта што ја добивала од неколку добронамерни отци од Скитот Појората, кои извесно време ѝ биле духовни раководители? Или од разни луѓе кои разбрале дека таа е суштество кое ги бара височините на Тавор и ѝ помагале, сè додека тешката болест не ја принудила да слезе од планините?“ – продолжи ерархот.
Плод на бројно семејство
Неговото Преосвештенство истакна дека светителката е родена во бројно семејство од округот Сучава, со девет деца, кои родителите ги носеле на поклонички патувања до манастирите – често и пеш.
На крајот од словото, Неговото Преосвештенство Тимотеј Праховеанул му се заблагодари на семејството на светителката, наведувајќи дека нејзиниот татко и браќата сè уште се живи.
„Сигурен сум дека сите го носат во срцето она што схимонахињата Елисавета го направи за своето семејство, за крајот во кој се роди и за овој манастир“, изјави викарниот епископ.
Една од најголемите светителки на Романците
„Сметам дека таа е една од најголемите светителки што ги изнедрил романскиот народ и верувам дека оваа светителка, иако наша современичка, достигнала мера на светост каква што имале древните преподобни“, изјави Резван Михај Клипичи за Радио Тринитас.

„Познати се многубројни чуда што таа ги извршила и за време на животот и по упокојувањето: многу исцеленија и многу чудесни настани со луѓе кои имале потреба од поука и благослов во мошне важен миг од својот живот“.
Патријаршискиот советник потсети дека света Елисавета живеела во пустината заедно со други непознати пустиножители, оставајќи и писмено сведоштво за подвизите на отците што ги запознала во пустината, особено за отец Зинон и отец Назариј.
Светиот Синод на Романската Православна Црква минатата година објави канонизација на 16 жени со свет живот: монахињи, сопруги и мајки (маченички, монахињи, сопруги на владетели, мајки на светители и исповеднички).
Прогласувањето на нивната канонизација се одржува оваа година, која во Романската Патријаршија е прогласена за Година на спомен на светите жени од црковниот календар (мироносици, маченички, монахињи, сопруги и мајки).
По молитвите на света Елисавета Пасаренска, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.
Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев