Новогодишно слово

Spread the love

Loading

Митрополит Антониј Сурошки

(31.12.1978)

Денес одново ни се отвора вратата на времето и ни доаѓа пред очи Новата година. Преку таа врата на времето ние го гледаме Рождеството Христово кое ни доаѓа и ќе го празнуваме за само една седмица. И преку Рождеството Христово во оваа нова година во времето стапува вечноста, Живиот Бог влегува во времето, станува човек, со Своето тело се вклучува кон сето создание; времето и вечноста се проникнуваат, и сега стоиме пред вратите на тоа чудо: времето и вечноста. Бог и човекот се соединуваат во еден поток на животот и спасението. И како и секоја година, кога се загледуваме во минатото и гледаме кон иднината, нѐ зафаќа болка за тоа што толку блиски заминале во вечноста, и истовремено се разгорува во нас таква радост, што тие стапиле во онаа вечноста, која сега како поток се влева во времето.

И повторно, гледајќи кон минатото, гледаме колку многу работи не сме успеале да ги завршиме во текот на оваа година: поради слабост, поради заборавеност, поради бавност, поради нашата лоша волја. И пред да влеземе во новата година, да се покаеме пред Бога, да ги признаеме нашите грешки и да собереме од изминатата година животно искуство, кое ќе ни овозможи да не ги повторуваме и да не правиме слични грешки. Целата смисла на животот е само во тоа, „да Го љубиме Бога, да го љубиме ближниот“ и сѐ да се извршува во името на таа љубов.

Во една стара приказна се вели, дека го прашале некој мудрец: „Кое е најважното време во животот? Кој е најбитниот човек во твојот живот? Која постапка е најважно да се направи?“

И одговорот бил ваков:

„Најважно време во животот, тоа е сегашниот миг, затоа што минатото поминало, а идното уште не дошло; најзначајниот човек во твојот живот – тоа е оној кој „сега“ е пред тебе и кому можеш да му направиш добро или зло; и најважното дело во животот е во „овој миг“, „на овој човек“ да му дадеш „сѐ“ што може да му се даде…

Да влеземе во Новата година со тоа чувство на одговорност и вдахновение; да влеземе во Новата година со вера, дека силата Божја во немоќта се покажува; во нашата немоќ, како што се покажала таа во слабостите на светителите, кои биле силни само со силата Божја; да веруваме дека сѐ ни е можно во Господа Исуса Кој нѐ укрепува.

И пред вратите на новата година сакам да ги повторам зборовите, кажани на почетокот од војната од кралот Георги VI кон својот народ: „Побарав од стражарот, кој стоеше кај вратите на новата година: Дај ми светлина, та со увереност да можам да стапам безопасно во неизвесното… и тој ми рече: „Стави ја својата рака во раката Божја – тоа ќе биде за тебе подобро, отколку светлина и извесен пат“…

Да зачекориме и ние со таква доверба и со таква вера во Новата година; и кога ќе се молиме, за Господ да нѐ благослови и нас и годината, да се обраќаме во молитва на светиот Стефан Сурошки, чиј спомен го славиме, тој нека ни биде стражар, тој вратар кој ќе ни ја отвори новата година, во која со него ќе влеземе и ќе нѐ благослови, та, слично на него, оваа година да ја направиме година на Божјата волја и благодат.

А сега примете благослов од Господа Бога, и да го испееме молебниот за нашите гревови и за простувањето Господово, за нашата надеж и за верноста, која ние Нему Му ја ветуваме; и да зачекориме во оваа година без страв, со растреперено и побожно срце.

Благословот Господов да дојде на вас, со Неговата благодат и човекољубие, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

error: Content is protected !!