![]()
Свештеник Јани Мулев
Сигурен сум дека од сите оние кои доаѓаат во црква секоја недела ретко кој знае што значи самиот збор Црква. Името доаѓа од грчкиот термин Еклисиа, што значи Собрание, собирање на народот на едно место, односно, литургиско собрание. Кога народот кој е крстен и ја практикува верата, се собира заедно со својот епископ, свештеници, ѓакони и монаси во храмот на Литургија, за да се причестат сите со Телото и Крвта Христови, соединувајќи се со Христос се соединуваат и меѓу себе и треба да функционираат и живеат како едно тело – ете тогаш можеме да зборуваме за Црква. Всушност, самата Литургија е идентитет на Црквата, и Црквата се поистоветува со Литургијата, па затоа дури и храмот, во кој се служи Литургијата го добил името Црква, и затоа е невозможно да се зборува само за Црквата, одвоена од Литургијата, како и обратниот случај, невозможно е да се зборува за Литургијата, одвоено од Црквата.

Црквата е продолжен Христос нив вековите, Негово Тело, а Самиот Он е нејзина глава. Црквата е невидлива и видлива, духовна и материјална, небесна и земна, Божествена и човечка. Уште во Стариот завет постоела невидливата Црква, која се сочувала преку праведниците и пророците сѐ до доаѓањето на Синот Божји во тело, во личноста на нашиот Господ Исус Христос. Со Неговото воплотување, со примањето на човечко, материјално тело, и Црквата започнува да постои како видлива, материјална Црква. Во поново време отците на Црква велат дека Педесетница е денот кога се родила Црквата, односно денот кога Светиот Дух во вид на огнени јазици слезе врз апостолите и ги направи први епископи на Црквата, па оттогаш тие започнаа да служат Литургија и да ракополагаат нови епископи и свештеници. Првата црковна заедница е основана во Ерусалим, затоа и прв автор на првата Литургија е апостолот Јаков, кој бил и прв епископ на Црквата во Ерусалим. А верниците во Антиохија први започнале да се нарекуваат христијани.
(продолжува…)
Православна светлина бр. 75