Иконите треба да се почитуваат
Братот Вељко Милошевиќ раскажуваше, како еднаш се нашол во неволја и како таа ситуација го научила да ги почитува светите икони.
На времето додека имал работна обврска како финансиски чувар му било доверено да чува големи работи кои биле државен имот. После кратко време бил обвинет дека е виновен поради некоја проневера. Сепак, тој знаел дека е невин и затоа со цело срце и душа му се молел на Бога. И навистина, Господ ја услишал горештата молитва и на дело се докажала неговата невиност.
Еднаш додека Му се молел на Бога, во сон му се јавиле двајца луѓе со светли лица и го запрашале која слава ја слави. Тој им одговорил: Свети Врачи Козма и Дамјан. Тогаш, му рекле: „Да, тие се свети Лекари, но ти не ги познаваш, затоа што нивната света икона ја немаш во твојот дом“. Му заповедале да ја набави иконата, а и кандило да запали пред неа. Така треба, бидејќи тие се чувари на домот негов, исто како што секој светител е заштитник на домот во кој се прославува таа домашна слава. Најпосле, тој ја земал иконата, ја поставил во домот и Му се заблагодарил на Бога и на светите Лекари за сè што му помогнале.

Колку само домови кои имаат домашна слава, немаат икона од светителот кој го празнуваат, а некои не сакаат ни да имаат, а и некои свештеници не ги поучуваат своите парохјани дека треба да си набават икони од своите домашни слави. А, оние кои имаат икони, многу малку ги почитуваат, не палат кандило пред нив, не ги покадуваат, не им се молат, ги спомнуваат додека пијат ракија и тоа е се. Кутрите тие, никој не ги просветлува, никој не се грижи за нив. Дури имаат и веруваат во некои многубожечки обичаи и бајачки, а за тоа никој не ги поправа и на патот кон спасението не ги упатува! Затоа оние што се повикани (свештеници и верници), ќе го изгубат Царството Божјо бидејќи на никого не го предаваат.
Сон, пред трагична смрт
Динко Чоловиќ, сонувал дека шета низ гробишта и наеднаш го видел својот покоен чичко како станал од гробот. Држел во рацете некаков коноп. Чичкото набрзина се доближил до него, му ги врзал рацете со конопот и го повлекол во гробот. Наредниот ден, Динко како и секој ден, работел во својот дуќан, но сонот кој го сонил го оставил под големи импресии и цел ден бил замислен и вознемирен. На многумина им раскажал за сонот. Имено, чувствувал некакво зло па затоа сонот му го раскажал и на секретарот на локалната самоуправа, а тој му рекол: „Не се плаши, Динко! Сонот е лага, само Бог е вистина“.
Истиот ден кога се смрачило, заминал Динко, така уморен, заедно со родителите на спиење. Додека неговите сестри по вечерата биле излезени пред куќата, да поседат малку на ладовинка. Околу десет часот навечер, поминал пред куќата некој познат пијаница Станко и така поднапиен ги нападнал девојките кои го исмејувале и се подигрувале со него. Девојките го повикале во одбрана својот брат, кој така сонлив се дигнал од кревет и му залепил еден шамар на напаѓачот, а овој во знак на одбрана извадил нож и го прободел право во срцето, па така Динко паднал мртов во дворот. Кога излегле од куќата родителите на Динко и виделе што се случи, го нападнале пијаницата, а тој во таа гужва го убил и таткото на Динко, а мајка му тешко ја ранил. Ете така Динко, наредниот ден е погребан заедно со татко му во истиот гроб каде што чичко му го повлекол него.
Камо среќа да стигнел веднаш да се исповеда и причести, па така за смртта да се подготви за да отиде во Рајот без грижа, бидејќи пролеаната крв која ја дал без никаква вина, би му ги измила сите гревови и би го приготвила за Царството Божјо со Светите Маченици и така би примил венец на славата. Блазе му на тој кој на смртта своја се присетува и за неа секојдневно со молитва, пост и Причест се подготвува.
Таинствен просјак
Во еден град неодамна, еден имотен велепоседник ги повикал на слава своите десетина пријатели, а меѓу нив имало и свештеник. Домаќинката уште од рани зори почнала да го припрема ручекот грижејќи се пречекот на гостите да биде на највисоко можно ниво. Околу десет часот дошол некој непознат просјак со торба на рамото и побарал милостина. „Ајде заминувај“ – му рекла домаќинката. „Не ми пречи во работата“! – „Не ти давам ништо“! А сиромавиот, без зборови – си заминал.
После дванаесет часот, кога гостите седнале на поставената трпеза, и кога свештеникот станал да го благослови јадењето, супата пред него постанала крвава. Не верувајќи им на очите погледнал и по другите јадења: лебот, месото, сирењето и сѐ останато, и тоа било како во крв да е потопено. Згрозени од ситуацијата, а најмногу домаќинката, свештеникот ја запрашал, дали некој дошол тој ден кај нив. Таа жална и потоната во тага раскажала, како некој непознат просјак дошол, а таа го избркала од куќата. Кога свештеникот го слушнал тоа, побарал веднаш некој од домашните да отидат и да го побараат просјакот и да го вратат во куќата. Отишле и го поминале секое место во градот, насекаде прашувале, но никој не можел да им каже дека виделе таков просјак тој ден во градот или пак нешто слушнале за него. Кога се вратиле во куќата, свештеникот читал молитви и сите присутни скрушено Му се молеле на Бога за прошка. После молитвата јадењето си ја добило својата прородна боја.
Болен впечаток останало кај сите присутни кои биле на трпезата, а домаќинката многу добро ги запаметила зборовите на свештеникот, дека покрај сѐ останато треба да дели и милостина и да не пропушта во иднина да ги нахрани гладните.
Господ го испратил својот Светител да ги искуша суровите, да ги исправи и поучи себичните, за да прават добри дела кон гладните, а не само на ситите, бидејќи така Господ заповеда: кога правите гозби повикајте ги сиромасите и бедните и оние кои не можат да ви вратат, и така ќе ја заработите наградата и на Небото и на Земјата.
Казна за безверието
Недалеку од еден манастир живеел еден имотен селанец, со немирен дух, рамнодушен кон верата и склон кон отфлање на црковните обреди и Светите Тајни воопшто. Бил далечен на црквата и манастирот, а и другите ги одвраќал да одат натаму. Секое одење по манастирите го нарекувал бесмислица и остро се одрекувал на секое постоење на духови и светители. Многумина го опоменувале за тоа и му навестувале дека поради таквите тешки зборови нама да доживее природна смрт. Така и станало!
Еднаш ја повикал толпата и почнал да ја покрива пченката, раскажувајќи на нивата со смеење и шеги за разни народните обичаи. Наеднаш нешто силно го треснало по главата и домаќинот паднал мртов на земјата. Толпата со чудење ја гледала страшната глетка: домаќинот со разнесена глава, а малку понатаму од него стоела желка излезена од својот оклоп, со тежина од околу два килограми, која еден орел ја испуштил од канџите од голема висина за да го скрши оклопот, а потоа да може да ја изеде. Но наместо да падне на камењата, желката поднала право врз главата на домаќинот, баш на таа глава која хулела на светињата Божја.
Сите присутни биле премногу зачудени од оваа несреќа и долго ја паметеле трагичната смрт на овој неверник, лошата негова судбина, која била поврзана со неговите непристојни, богохулни постапки во животот.
Ако свесно и намерно грешиш, тоа е хула кон Светиот Дух, која не се простува, освен ако грешникот уште додека е жив горко не се покае и со добри дела го исчисти своето злодело. Господ долго го чека грешникот, но кога ќе се заврши долготрпението, тогаш го сече како неродно дрво и во оган го фрла, каде што ќе го проколнува денот кога се родил, затоа што во својот живот со зло се користел и во зло го поминал.
Превод: Протоѓакон Бобан Ѓорѓиевски
Православна светлина бр. 72