За стравовите

Loading

Вкусувајќи од дрвото на познанието на доброто и злото, првобитниот човек ја изгубил благодатта. Благодатта го држела во рајот, така што тој не чувствувал срам од својата голотија, не чувствувал страв од Бога, не чувствувал страв од животни. Оној момент кога го напуштила благодатта, тој почувствувал срам и страв. Кога Бог го побарал во рајот и го повикал, Адам и Ева се скриле во шумата. И кога Бог го прашал: „Зошто се криеш Адаме?“, тој рекол: „Слушнав дека доаѓаш и се уплашив“. Во исто време им се отвориле очите и тие го спознале срамот, срам што се голи. Така, првата појава на страв била уште во рајот. Суштината, основата на сите наши стравови се наоѓа тука: губење на благодатта и страв од смртта. Додека првиот човек во рајот бил исполнет со благодат, тој не чувствувал страв бидејќи бил бесмртен. Божјата благодат го одржувала во бесмртност, во вечност и му давала вкус во душата и тој ја чувствувал својата бесмртност. Кога ја изгубил благодатта, тој изгубил контакт со вечноста и сфатил дека е смртен. Така и сите ние денес: поради своето чувство на смртност, ние се плашиме. Животот надвор од рајот, кој прогонството од рајот го донесе на оваа планета, на овој свет, практично произлезе од страв.

Главната манифестација на Божјата благодат, Светиот Дух или Божјата љубов, се појавува во две чувства: чувството на бесмртност и чувството на љубов. Тоа е, како што вели св. Исаак Сириски, всушност, чувствување (спознавање) на Бога. Значи, спознавањето на Бог не е ништо друго туку спознавање на бесмртноста, чувствување на огност на бесмртноста кој гори во нас и кој ни дава до знаење дека не постои смрт, и чувствување на безусловна љубов. Постојат неколку фактори кои влијаат на тоа како еден човек ќе се развива и како ќе се однесува кон стравот, кој е присутен во сите нас. Нема човек без страв. Првиот фактор е генетиката, и тоа првобитната генетика, која ја носиме од нашите Прародители. Втор е генетиката која ја носиме од нашите крвни сродници. Во генот се вградуваат сеќавањата и памтењата на нашите предци. Дали во тоа време имало војни, страдања, недоразбирања – тоа сѐ се вградува во нашите гени и ние тоа го носиме. Бидејќи, сите знаеме дека постојат луѓе кои полесно поминуваат во кризни ситуации во животот и луѓе кои потешко ги пребродуваат истите. Некој е повеќе и полесно подложен на страв, некој многу помалку. Третиот фактор е развојот на нас самите, од детството до зрело доба. Четвртиот фактор се демонските сили.

Стравот е само средна вредност од пет степени: постои грижа, вознемиреност, страв, паника и ужас. Сите ние се грижиме, и тоа, на некој начин го имаме. Но, доколку дојде до хипертрофија на грижите, ние преминуваме во вознемиреност. Вознемиреноста е веќе нешто што нас многу повеќе нѐ пореметува, нешто што многу повеќе ни пречи во нормалниот живот бидејќи секогаш сме имале чувство дека нешто лошо ќе ни се случи. Вознемиреноста може да биде многу исцрпувачка. Но, ако, со одредена помош успееме, тоа е добро. Но доколку не успееме, тогаш запаѓаме во страв. Стравот е веќе сериозно пореметување, кое практично многу, многу нѐ успорува во сите наши животни активности, ни го загорчува животот и може целосно да нѐ блокира. Доколку не успееме да го запреме стравот, преминуваме во паника т.н. паничен синдром, кој е исклучително непријатен. Во паниката, човекот е во состојба да направи нешто најстрашно, себеси или на другите. И, конечно, што исклучително ретко се случува, тоа е преминување во ужас. Ужасот не може долго да се трпи. Во ужасот, ако потрае, го губиме или разумот или животот. Ужасот ретко им се дозволува на луѓето во светот. Ужасот го доживуваат само оние најголемите подвижници, во пустините, во горите и пештерите, кои дошле – лице в лице – во контакт со злото, лично со сатаната. Ним им се отвораат очите во метафизички ужас. Ним им се отвораат очите за оној пад и оној ужас во кој човекот навистина се наоѓа. Но, заради огромното човекољубие Божјо, земајќи предвид дека Бог е свесен колку сме слаби, Он никогаш не ни дозволува да продреме во тој метафизички ужас на нашиот пад, бидејќи никој не би останал нормален ниту жив.

Современата психијатрија се занимава со стравот; тоа се т.н. анксиозни пореметувања. Постои почетно анксиозно пореметување, анксиозност. Тоа е таа вознемиреност, тоа е грижата. Тие велат дека таа почетна анксиозност, тој прв страв, прва грижа, прва вознемиреност – тоа ни е вродено, бидејќи на тој начин се штитиме во оваа природа, оваа творевина, од громови, поплави, животни итн. Таа почетна анксиозност може да хипертрофира во т.н. генерализирана анксиозност и тоа без причина.

Тие го делат стравот на:

1) реален страв, кој сите го имаме, кој е реален, потребен и постои;

2) иреален страв, хипертрофиран страв, кога се плашиме од игла, лифт, кога се плашиме дека ближниот ќе ни направи нешто невозможно, што е нереално и постои;

3) неразумен страв. Неразумниот страв е генерализирана анксиозност, а тоа е нешто најзаморно и најмачно. Бидејќи, првите два стравови ние ги антиципираме, имаме отприлика претстава за нив, колку толку, од што ни се заканува опасноста. Но, од генерализираната анксиозност, од тој општ страв, ние тука не гледаме причина, тоа е само поим за стравот, енергија на стравот, која нѐ тиранизира непрестајно, не знаеме од што, не знаеме како да се одбраниме и ни го јаде животот… Но, ако подобро размислиме, како христијани: и првиот, реален страв во суштина, не би смеел да постои. Бидејќи ние, христијаните, не би смееле да имаме никаков страв.

Духовно болниот човек се грижи и е уплашен. Духовно здравиот човек размислува и е внимателен. Значи, грижата треба да се трансформира во разумност, а стравот треба да се трансформира во внимателност. На тој начин, ние го исцелуваме нашето битие. Веќе рековме дека душата поседува три енергии: умна енергија, желбена и волна. Умната енергија (или словесна, разумна): тука спаѓа грижата; ние се грижиме, размислуваме што ќе биде. Излечената умна (ментална) енергија е само во промислата. Духовно здравиот човек е промислен, не е загрижен. А во волевата, афективна, раздразлива енергија имаме страв. Исцелувајќи ја таа наша раздразлива, афективна сила, нашиот страв преминува во здрава внимателност. Значи, духовно здравиот човек е промислен и внимателен. Тој нема никаков страв бидејќи знае дека Бог е присутен, дека Он нѐ води и дека Бог ни дава сила да преминеме преку сѐ.

Сите овие класификации со кои до некаде се занимава православната аскетика, а многу повеќе, современата психијатрија, се потребни, но не ни значат многу во нашите животи. Да се класифицира стравот може до некаде да ни помогне, но ние со таа класификација нема да си помогнеме себеси, на нашите души. Што ние, впрочем, треба да правиме за да се спасиме, да си помогнеме, да се ослободиме од стравот? Имаме два вида на одбрана: општ метод и специфичен, конкретен метод, поединечен. Општиот метод е довербата во Бог. Не кажувам, се разбира, вера во Бог, бидејќи на некој начин довербата е поголема од верата. Бидејќи, верата е во она што сѐ уште не знаеме што ќе се случи, а довербата е кога веќе сме стекнале некаков одговор. Кога имаме вера во некој човек што не го познаваме, можеме да се надеваме дека ќе стекнеме од него нешто добро. Но, доколку тој тоа го докажал на некаков начин, ние веќе имаме доверба во него. Стекнувајќи доверба во Бога, стекнувајќи чувство на духовна љубов, Божја љубов во себе, ние имаме штит, нас ни се зајакнува тој духовно-душевен имунитет, и секој страв се одбива од нас. Зашто, ние знаеме дека ништо конечно не може да ни наштети, што ни се чини дека ќе се случи. Пред сѐ, мора да го стекнеме вкусот на Бог. Тоа е најдобро ако се случува уште од детството. Значи, за да бидеме здрави единки, нормални, силни, да ги издржиме сите искушенија во животот, да одговориме на сите предизвици, од мали мора да научиме да се молиме. Денес многу се зборува за воспитанието. А зборот воспитание  – значи да се бара, тоа е еден стар израз, архаичен, да се бара – значи да се храни. А со што е најважно да се нахрани една млада душа? Да се нахрани со Бог. Да се нахрани од Бог, за таа млада душа да го стекне вкусот на Бог, да научи да го препознае вкусот на Бога, на Светиот Дух. Кога младата душа ќе го научи тоа, таа ќе дојде во период на пубертет, адолесценција, младост, и тоа сите го знаеме, колку и да се трудиме околу нашите деца, без разлика дали сме свештеници или побожни мирјани, кога детето ќе заврши основно училиште, околу 14-15 години, тоа ја губи навиката да оди во црква. Тоа е сосем вообичаено и тоа е нормално. Но, она што детето го стекнало, тоа ќе го штити и кога ќе наидат критични ситуации во животот, кои не заобиколуваат никого; памтењето на вкусот од Бог од детството, младоста, кога му се молеле, кога го чувствувале Неговиот нежен, неопислив допир на нашето срце, што детето навистина и го чувствува. Тогаш кога ќе наидат големи искушенија во животот, ние ќе се потсетиме на тоа, дека има Жив Бог, дека го паметиме Неговиот допир, Неговата љубов. Со самото тоа, било каква идеја за стравот, било какво навестување дека нешто лошо ќе ни се случи, ја губи силата.

Демонското дејство е од големо значење, од круцијално значење. Бидејќи, душата е природно наклонета кон стравот. Велиме: природно, во состојба на пад. Така што, сѐ што ни се случува, тоа е на некој начин, последица на нашиот првобитен гревопад. Меѓутоа, хипертрофијата, преголемиот страв, тој веќе доаѓа од демонските сили. Тоа секако, современата наука, психијатријата, апсолутно не го признава, и тука има огромен хендикеп. Кога современата наука малку повеќе би обратила внимание на светоотечкото учење, на православната психотерапија, на учењето за страстите, стравовите, предлозите, поробување на страстите, дефинитивно психијатриските клиники би биле полу празни, бидејќи секако, не сите психички пореметувања се од демонско потекло. Тоа го знаеме дури и од Светото Писмо, бидејќи знаеме дека Господ, како што се вели таму, исцелувал болни и демоноопседнати, тоа често се споменува. Така што, ако не ни е јак духовно-душевниот имунитет, се појавуваат пукнатини на таа аура и, во критичните моменти во животот, демоните чувствуваат, гледаат каква предиспозиција има одредена душа. Доколку почувствуваат дека тука има предиспозиција за страв, тие напаѓаат со сета сила, како рој од маларични комарци и ги доведуваат до ненормални преувеличувања т.н. реални стравови и вршат терор врз човечката душа. Демоните се суштества кои се хранат со човечкиот страв. Ние нема да дозволиме да се нахранат со нашиот страв бидејќи имаме цврста доверба дека Бог е со нас и на тој начин ќе се излечиме.

Меѓутоа, за жал, сите не успеавме да се развиеме така, од разноразни причини. Во нашето детство немавме контакт со Црквата, немавме контакт со молитва, со Бог, и не знаевме дека постои некоја виша сила, не сме го почувствувале нејзиниот вкус, не сме го доживеале нејзиното дејство. Така што, тука сме спречени, многу хендикепирани во борбата со сите тие маки во кои се наоѓаме. Во тие случаи постои специфичен, конкретен метод, во однос на овој општ метод, а тој метод се нарекува: соочување. Кога нас, од најразлични причини во нашиот живот, нѐ нападне некоја неволја, а да речеме дека тоа е страв – меѓутоа, тоа може да биде и апстиненцијална криза, тоа може да биде било каква грижа, било каков страв, било за нас или за нашите ближни, страв од војна – било што – во секој случај, кога ќе наидеме на тие тешки моменти во нашите животи, основно правило е: ДА НЕ СЕ БЕГА. Нема бегање. А што значи да се бега од проблемите, да се бега од стравот? Тоа значи: да се посегне кон сѐ она што ни нуди цивилизацијата. Тоа е, доколку не е изразено, сите знаеме, кога ќе имаме некоја мака, страв, проблем, грижа, кога не сме сигурни што ќе биде со нашата работа, со нашите деца, со нас, со нашето здравје, дали кога сме отишле на биопсија каков ќе биде резултатот, ни се појавил некој израсток, детето отишло на екскурзија, што ќе биде? – демоните тогаш пристапуваат и доведуваат до огромно мултиплицирање и ни создаваат слика како некој го грабнува нашето дете и којзнае што му прави.

Нема бегање. Нема посегнување за сѐ што сме научиле. Некој посегнува по цигара, некој го отвора фрижидерот и јаде, некој се јавува на својот пријател, некој гледа телевизија; некој оди понатаму: некој пие алкохол, некој зема дрога, некој бесцелно скита по улици, некој оди во јавна куќа итн. Тоа е сѐ бегање од самите себеси. Нека размисли секој – тоа е, секако, многу поширок дијапазон – кој што навикнал да работи за да се ослободи од нападите на страв, грижи, вознемиреност, неизвесност што ќе биде понатаму. Овој метод не е лесен, но тој е единствено спасоносен. Единствено тој е здрав и единствено тој навистина помага. Имав прилика да разговарам со клинички психолози и со психијатри. И, во пријателски разговор, можеби од моја страна малку лукаво, извлеков некои вистини, некои информации, за некои разговори за фобиите. Фобиите денес се многу присутни. Луѓето се плашат да влезат во лифт, се плашат да се вклучат во градски сообраќај, се плашат од отворен простор, се плашат од било што. Во книгите што ја објаснуваат таа тематика пишува како тие настануваат и на крај ја пишува терапијата. Значи, секогаш на прво место се лековите. Најчесто за анксиозност се препорачуваат бендодиазепини. Тоа е група на лекови, тоа не се антипсихотици, тоа се антиаксиолитици. Тоа се најчесто Бромазепам, Лоразепам, Дијазепам и тие доведуваат до смирување, но до привидно смирување. Оној кој имал мака во животот и кој земал Бромазепам, тој многу добро знае дека бил малку смирен, дека можел да заспие, но неговата душа патела. И Бромазепам и било кој – зепам, и било која хемија, не може да ја излечи неговата душа, тоа многу добро го знаеме. Тоа е исто, кога нѐ боли заб, па ќе земеме аналгетик, а забот гние. И не само што гние, туку тој отров преминува и на вилицата, па од вилицата на главата и може да доведе до општа сепса и до смрт. Значи, со земање на хемиски лекови, ние само ја одлагаме и потиснуваме нашата мака која расте во нашата душа и полека ја разорува. Може да доведе до многу потешка состојба.

Тое е единствен можен предизвик, во оваа наша падната состојба, без разлика колку тоа напорно делува. Бидејќи, да се разбереме: психичкото здравје, душевното здравје, благосостојбата, не е ни малку лесна, ниту евтина работа. Се разбира, сите ние сакаме да постои волшебно стапче во облик на некакво апче, да го голтнеме и да ни биде убаво и да немаме проблеми. Меѓутоа, тоа, во оваа наша падната состојба, е апсолутно невозможно. Нашето здравје е во нашите раце. Секако, нашето здравје е во Божјите раце, но она што ќе биде во нашите раце доколку му ги подадеме на Бога. И Бог ќе ни го спушти тоа во нашите раце. Но, многу е важно да сме едуцирани, да ја знаеме нашата вера. И, не само да ја знаеме нашата вера, како единствен вистински и чист исцелителен систем, туку и да бидеме верни на неа. Бидејќи, што правиме? Многумина од нас, кои се воцрковени, кога ќе стигнат маките (искушенијата), на некој начин, не се обраќаме на Бога, како што би требало, туку многу лесно прибегнуваме кон психијатри, разноразни исцелители, разноразни спасители од светот, што никнуваат како печурки и уште побрзо.

Во разговори со психијатри и психолози, тие ми открија, дека при лекување на сите тие проблеми, фобии и сл., она што може да го понуди современата наука е – практично – потиснување. И тоа некое време, може да се потисне. И човекот, ја напушта клиниката, дневна или повеќедневна во која што престојувал, но проблемите никогаш впрочем не ги искоренил. После извесно време, фобијата повторно се појавува. И се пробива или психички или соматски. Се открива или ново психичко пореметување, или се одразува на некој телесен орган. Навистина, постојат и исцелувања, но тие исцелувања биле природни. Бидејќи, кога ќе ги надминеме најстрашните панични синдроми и психички маки кои сме ги имале во животот, кога тоа ќе помине – без разлика дали сме верници или атеисти, тоа се случува, Бог им помага на сите, сите сме чеда Божји – многу добро знаеме дека сме поминале низ тоа и дека некоја Сила ни помогнала. И многу добро знаеме, го паметиме тоа време: дека сме го имале тоа искуство, за да не прибегнуваме кон лекови. Бидејќи, всушност, воопшто не било така панично, толку страшно, како што ни се чинело. Во тие моменти се мисли: ќе го изгубам разумот, ќе умрам, морам да земам лек. И тоа е тој синдром на паника. Меѓутоа, кога тоа ќе помине, ние сме свесни дека воопшто не било толку страшно, дека демонот само нѐ „пумпал“ до максимум. Тој има сила само во лагата, тој е мајстор на лагата. Но, тој го има само тоа, Бог не му дава поголема сила од таа. И, кога тоа ќе пројде, кога човекот ќе стекне искуство, знае дека тоа и не било толку страшно.

Во секој случај, единствен вистински начин е соочувањето. Како да се направи тоа? Само да се соочите со својата мака, со својот страв – тоа, едноставно, не е можно, бидејќи може да стане уште полошо. Што е важно? Важно е, во тие моменти, колку што е тоа можно, да се осамите. Да се повлечете, колку што е можно, дали во вашата соба, дали надвор од градот, па макар тоа било и тоалет; во тие моменти мора да бидете сами. Никој не може да Ви помогне; сами сме под капата небесна, помеѓу нас и Бог стои демонот. Тоа мора да го знаете. Во овие моменти, доколку не сме насочени кон Бога, можеме да пропаднеме целосно, бидејќи се соочуваме со космичко зло. Се соочуваме со злото кое е неспоредливо посилно од нас. Неспоредливо посилно од психијатријата, неспоредливо посилно од секоја наука. А тоа многу добро покажува дека е посилно од целокупната наша цивилизација. Во тие моменти, мора да прибегнеме кон т.н. исихазам, молитвено тихување. Што значи тоа? Нема да бегаме во пустината, нема да бегаме во манастирите во тие моменти. Бог не ги презрел градовите. Бог сјае со Својата благодат и во градовите, и во нашите станови и на нашите работни места. Во тој момент, мораме цврсто да застанеме, лице в лице, со својата мака. И да се препуштиме на Бог, но исто така, да се препуштиме и на злото – да не бегаме од него. Тоа се заканува, тоа ги наведува најстрашните можни варијанти кои „ќе“ ни се случат. И тоа така страшно делува, така што немаме сила да се спротивставиме и бегаме, најчесто кон лекарства. Меѓутоа, ако во тие моменти, непоколебливо, со огромна вера во Бог, прибегнеме кон молитва, најдобро умствената молитва „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“, со цврсто уверување и решителност, дека ако има потреба, ќе плукаме и крв, ако треба да полудиме, ако треба да добиеме шизофренија, ако треба да умреме тука, на лице место – да, тоа ќе го направиме и нека се случи тоа, ако е Божја волја. Но, тоа не е Божјата волја. Божјата волја е да се спасиме.

Во тие моменти, демонот, со извонредна свирепост, бидејќи гледа дека сте се спротивставиле, напаѓа со цела сила и на телото и на нервниот систем. На централниот нервен систем, со стравови во мисловната структура, а на периферниот нервен систем – се секакви сензации во телото. Ние, едноставно, не смееме да потклекнеме тогаш. Не смееме бидејќи мора да знаеме дека Бог е со нас. Демонот ќе напаѓа со сите сили, ќе се заканува. Нека се тресе колку што сака, ние тоа ќе го истрпиме. На крајот, тоа е нашето мачеништво. Тоа може да потрае многу долго, но ни нема спас, ниеден друг начин нема да помогне – тоа може да потрае со часови, но никогаш во оној интензитет не може да потрае повеќе од она што можеме да поднесеме. Тука е потребна нашата доверба, тука е потребно нашето искуство во Божјата љубов. И, кога најмалку ќе се надеваме, кога мислиме дека сме готови, дека сме пропаднале, дека сме доживеале распад на системот, во тој момент доаѓа до слегување на Божјата благодат, и неверојатно и неочекувано, доаѓа до затишје. Доаѓа до неопислив мир, доаѓа до радост, доаѓа до светлина. Тоа е многу тешко да се опише. Тоа го знаат само оние што го доживеале. И, тоа е неопислива радост бидејќи сме победиле и сме одбиле уште еден напад од космичкото зло. Секој друг начин нѐ спасува само привремено, и на некој начин, предизвикува во нас продолжување на болеста, а ние стануваме сѐ поболни и поболни, ако не се лекуваме.

Затоа е од огромно значење постојано да се молиме. Овде, во народот постои една изрека, која јас не ја сакам, иако многумина ја сметаат за вистинита – „Без неволие нема богомолие“. Според мене, тоа е исмејување на Бог. Тоа значи: ќе се молиме на Бог само кога сме во неволја. Ништо со тоа нема да постигнеме. Ништо нема да направиме бидејќи нема да имаме сила да се спротивставиме. Треба да прибегнеме кон Бога и во добро и во зло. Треба да се подготвуваме и во периодите на добри промени, кога ни е добро, кога сѐ оди како што треба. Тогаш треба да се сетиме на Бог и да го одржуваме нашето молитвено правило, нашето редовно молитвено правило. Мора да се храниме со Бога, мора да се „вклучуваме“ секојдневно и да ја примаме Божјата љубов. Бидејќи, на овој свет се насочени, 24 саати без престанок, два видови на зрачења: Божјото зрачење и демонското зрачење. Демонската енергија е стравот. Ѓаволот нас нѐ води во страв, а Бог нѐ води во љубов. Така што да, треба постојано да бидеме вклучени во покажувањето на Божјата љубов, и тоа е само преку молитва. Значи, мораме постојано да ги насочуваме нашите душевни антени кон Бог, во молитва. Да ја стекнуваме Божјата благодат, за која секој христијанин, кој искрено пристапил кон Црквата, знае за што зборувам. Некој го доживеал во поголем степен, некој во помал. Но, сите добро го знаеме тој вкус, тој преубав, прекрасен, незаборавен вкус на Бог, кој нѐ повикал на овој пат кој не е нималку лесен. И, затоа ќе дадеме сѐ од себе во тие периоди кога ни е добро, да му покажеме на Бог колку се грижиме за Него. Да бидеме постојано во Бога, па кога ќе дојдат тешки ситуации во животот, ќе имаме сила да се спротивставиме.

Да споменеме една приказна за еден другар, кој го поминал искуството со победување на стравот, ноќе, на гробишта.  Дошол до книгата на св. Јован Лествичик – „Лествица“. Таму има еден дел во кој се говори за детинест и незрел страв, а тоа е страв од мракот и сите темни места, пусти места, каде што повеќето од луѓето се чувствуваат непријатно, а тоа се темните шуми, напуштените куќи, гробиштата. И тука, св. Јован Лествичик вели дека човекот, ако сака да биде зрел маж, зрел човек – а под тоа мислам и на жените, зошто постојат многу позрели и посилни жени од многу мажи – човекот не смее да допушти да завладее во него тој детинест страв од мракот, од пустите места, од гробиштата. Бидејќи нашето здравје и нашето спасение се во нашите раце, односно во Божји раце, односно во активна борба, не очекуваме некој да ни помогне со лекови или некакви приказни, освен, секако, нашиот духовник. Активната борба која тој ја предлага – многумина ќе мислат дека е тоа некаква патологија, но тоа е навистина единствен пат да се избориме со својата падната природа и да ја излечиме – тој рекол вака: „За да се спасиме и избавиме од таа мака и да ја преобразиме, што да направиме? Ќе станеме во глуво доба на ноќта и ќе тргнеме храбро, со молитва во умот и срцето, директно на едно такво место“.

И почнале да му доаѓаат сите оние слики од оние морбидни книги и филмови на стравови и ужаси кои ги гледал во животот, оние болни умови кои ги пишувале и снимале такви нешта, и бил лут на себеси: како можел да си дозволи да биде роб на тоа, во една таква убава, тивка ноќ, кога требало да се восхитува и да ужива во таа шума, во едно затишје на природата, тој да се тресе, да се плаши, наместо дрвја да гледа чудовишта кои го напаѓаат. Но, продолжил понатаму. Кај крстот добил некој нов напад на страв, но тој го прегрнал крстот и заплакал, и се помолил на Бог да му даде сила да продолжи понатаму. Знаел дека Бог е со него, и ако било што треба да се појави пред него – нека се појави, Бог е позади сѐ. Не можеме никогаш да паднеме пониско од Бог. Христос е на дното од сѐ, тоа мора да го знаеме.

Јас би споменал уште еден специфичен страв, кој посебно ги тероризира христијаните, и тоа најчесто православните христијани. Кој е тој страв, што нѐ мачи нас христијаните, нас православните христијани, посебно во денешно време? Тоа е стравот од измама од сатаната. Ние денес се плашиме дека сатаната ќе нѐ прелаже. Се плашиме од шестките (бројот 666), бар-кодовите, се плашиме од жигови, од сите тие чипови и картички, други дигитални нешта, што особено има влијание, сите тие некакви филмови што се снимаат на таков начин и ни влеваат страв, како на пример „Дигиталниот ангел“ и сл. Во разговор со моите пријатели – христијани во светот, заклучив дека овој страв е многу присутен, но дека таквиот страв, всушност, нема основа. Ние нема и не треба да се плашиме од измама, нема да се плашиме дека сатаната ќе нѐ прелаже, бидејќи Бог е Оној, Бог е врховен, праведен Судија, Он нема да нѐ предаде на сатаната. Како? Така што Он ни дал слободна волја. Он нас нѐ направил различни од животните, по наша слободна волја, да избираме помеѓу доброто и злото. Отсекогаш, во историјата на христијанството, постоел избор: одречи се од Христа и ќе добиеш благосостојба на овој свет. Така било за време на Римската империја, така било за време на Турската империја. Значи, не е прво примањето на жигот. Прво е одрекувањето од Христа. Прво е поклонувањето на сатаната, прво е поклонувањето на антихристот, прво е поклонувањето на ѕверот, па потоа е примањето на жигот. Тоа мора многу убаво да го знаеме.

Во „Откровението“, според Јован, на четири места, конкретно се вели дека прво е одрекувањето од Христа, поклонување на антихристот и ѕверот, па потоа добиваме жиг, со кој ќе може да купуваме, да продаваме, да живееме во таа идна супер-мега држава. Исто така, одговорот на тоа дека ќе нѐ измамат, ќе го примиме тој жиг, а да не знаеме дека сме го примиле – тоа исто така не е точно. Бидејќи, Бог нас нема да нѐ препушти на измамата, Он сака да го види нашето срце, Он го сака одговорот на нашето срце.  Еве што пишува: кој не сака да прими жиг, кој нема да се поклони на ѕверот, а кој сака? Се вели: „И цела земја, восхитувајќи се, ќе појде по ѕверот, ќе му се поклони на ѕверот и аждајата. И му се даде да војува против светиите и да ги победи. Му се даде власт над секое колено, јазик и народ. И му се поклонија сите жители земни, чии имиња се запишани во книгата на животот при Агнецот, заклан од созданието на светот. Кој има уво, нека чуе“. Кои се тие кои се запишани во книгата на животот при Агнецот? Тоа се христијаните. Христијаните апсолутно ќе препознаат за што се работи и нема да се поклонат на сатаната, и нема да примат жиг. Но, што следи? „И видов друг ѕвер како излегува од земјата и направи да бидат убиени оние, кои нема да му се поклонат на ѕверовиот образ“. Значи, христијаните нема да се поклонат, нема да примат жиг, но ќе бидат убиени. Не сите. Но, тоа што ќе бидат убиени не значи ништо бидејќи ќе одат кај Господ Бог.

Во 14-тата глава: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими белег на челото свое или на раката своја…“ – значи, прво е поклонувањето, па потоа примањето на жигот. „Нема да имаат мир ни дење ни ноќе, оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговиот образ, и што ќе го примат белегот на неговото име!“ Значи, работата е во нашата слободна одлука. Нас сатаната нема да нѐ прелаже, не може да нѐ прелаже бидејќи ние многу добро знаеме дека, во тие времиња, како и во сите времиња, ќе биде потребно да се одречеме од Христа. Ние нема да се одречеме од Христа. Бидејќи, ако сме Го вкусиле Бог, ако сме го доживеале вкусот на Бога, вкусот на Божјата љубов, ако сме ја вкусиле бесмртноста, вкусот на огнот бесмртен во себе, не можеме да се одречеме од Него, по никоја цена.

Нека даде Бог сите луѓе на овој свет да ја спознаат вистината, да го почувствуваат огнот на бесмртноста и да се ослободат од стравот. Бидејќи, единствен излез е во молитвеното тихување. Молитвеното тихување е исихазам. Исихазмот е Исус Христос. Исус Христос е Бог. Нека Бог ни даде да се спасиме од сите зла кои нѐ напаѓаат и кои не ни даваат мир и нѐ тероризираат.

Од предавањето на о. Арсениј, собрат од манастир Острог

Превод: Наташа Калачоска

Православна светлина бр. 72

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *