Ѓакон Јани Мулев
Дојдоа летните горештини, и најактуелна тема е: каде на одмор? Сите се подготвуваат да заминат некаде, обично на езеро или море, а меѓу нив се и свештениците со своите семејства. Но кај нив, заради осетливоста на нивната служба, изборот каде и како не е едноставен. Речиси на секој свештеник му е непријатно да се соблекува на плажа, особено не пред многу луѓе кои го познаваат. Иако во самото одење со семејството на плажа нема ништо грешно, едноставно, одиме да се разладиме, да се исончаме на сонцето (а тоа е и здраво за коските) и ништо повеќе, но сепак, луѓето чудно реагираат кога ќе видат свештеник на плажа. Се сеќавам, пред неколку години, слушнав критики од некои млади луѓе, кои виделе некој свештеник како се капе во езерото со своите деца, и веднаш следи осуда: „Како може свештеник да се соблекува на плажа и да се капе? Па кај таков ли потоа да одиме на исповед или по било која потреба?“ Отприлика така размислува голем дел од народот. Што треба да направи свештеникот за да не ги соблазни луѓето?
Постојат неколку опции:
1. Да оди со семејството на плажа, тој во мантија на плажа, а попадијата во вода со децата. Така прават некои свештеници. Но, како родител се прашувам, како може мајката да се справи во вода со две или повеќе деца? Децата по природа се непослушни, и секогаш без страв одат каде што е длабоко и не ги слушаат родителите. Што ако некое од нив се удави? Ќе има ли свештеникот – родител мирна совест?
2. Да оди со семејството на некоја поприкриена плажа. Но и таму може секој да дојде, па да помисли дека свештеникот нешто крие, дека прави нешто забрането.
3. Или, како и сите луѓе, да оди на плажа со семејството. Но што ако на плажата се погодат луѓе кои го познаваат, се исповедаат кај него, или, пак, би сакале да се исповедаат кај него? Што ако тоа им биде пречка? Во тој случај, или нека сфатат дека и тој е човек со исти потреби како и другите, дека и тој има семејство, кое не смее да страда или да се лишува од одмор заради неговата служба (сепак, православните свештеници не се Амиши, па да бегаат во некаква изолација), или, пак, ако некому толку му пречи да го гледа свештеникот разголен на плажа, едноставно, нека си замине од таа плажа и нека оди на некоја друга за да не го гледа, без да го осудува. (Или, пак, можеби треба, како што на шега дискутиравме на оваа тема во студентските денови, секој свештеник да има куќа со свој базен, и така проблемот би бил решен?)
По сето ова, мислам дека, свештеникот каде и да отиде на одмор, не треба да заборави кој е и што е, да го гледа она што Му е угодно на Бога, и да се труди да не ги соблазнува слабите во верата. А, пак, оние кои мислат дека е срамно за свештеникот да оди на плажа со своето семејство, таквите барем за миг во умот нека се стават на нивно место, па потоа, ако сакаат, нека судат.