Од што се разбудив јас денес толку рано? Можеби, ноќната бубачка се покажа на разденување? Или дојдоа тивки грмежи на далечна бура? Или до мојата душа се допре тој молчалив укор на мирот што се буди, кој го затекнува секого, задлабочен во зората во своите осамени сништа? Не знам. Но само што скокнав со такво чувство, како да сум преспал нешто многу важно, и во полусон, збунет – го отворив прозорецот во градината. И во тој миг ме опфати струјата на утринскиот воздух, нежното студенило, опојната штедрост на мирот…
Едвај светеше, но ноќта веќе дојде до крајот. Високо на бледото небо тивко гаснеа ѕвездите. Колеблива, слаба светлина се разлеваше од исток, небаре плашливо прашува, зарем не е време?… Ноќните сенки веќе се губеа, но сè уште се обидуваа да ги зачуваат своите тајни. И во секој миг сè се менуваше.
Вчера цел ден беше толку спарно… Сè беше мрачно и потиштено со пот. Земјата беше апсорбирала толку многу сончева горештина, што го враќаше вишокот, а ние, кутрите луѓе, уморно паѓавме во премаленост, барајќи разладување. Дури и ветрот со своето жешко, болно дување не даваше олеснување… Каде е сето тоа? Каде исчезна? Воздухот е чист и лесен; тој струи со веселба, игра. Тој оздравел, си ја повратил свежината и опоен со таква радост, што веднаш опфаќа, буди и опива со светли претчувства. И сето Божјо создание се капе во него, се насладува, одговара со благоухание или пеење.
Слатко ќе замириса јоргованот, самиот изнемоштувајќи од својата несебичност; едвај доаѓаат струите од првите момини солзи; со густи бранови се разлева од дивите цреши; и одвреме навреме сè се исполнува со дишењето на боровите.
А птиците имаат вистинско ликување; свират сите одеднаш со таква искрена отвореност, небаре во текот на ноќта доволно се изнамолчале и сега сакаат да му ги соопштат на светот сите свои откритија; или небаре тие јасно и конечно ги разрешиле сите прашања од животот и треба да ги објават своите решенија. Некаде далеку уште чучурика славејот, но веќе слабо и уморно. Од друга страна, пак, останатото птичјо население се предава на несебична веселба. Сите простори се полни со нежен скокот, бодар цвркот, блиско свирење и далечно чучурликање; говор, дрдорење, воскликнување и неочекуван силен писок; тука е и краткиот чекан и долгата шупелка, и каприциозното црцорење, и здодевниот татнеж; прекин и довикување, престанување и одекнување. Птичјо празнување; птичја лудница. А од високиот костен со своите авторитетни возгласи покрива сè распеаната иволга[1]. И сите тие звуци се јасни како и самиот воздух. А воздухот е сè посветол, како да отстапува и да ги покажува разбудените бои на светот. И само луѓето ги доспиваат своите тешки, и угнетувачки, и соблазнителни соништа…
Одеднаш – лесно, но сосема посебно, разладувачко ветре, треперење и шумолење на врвот од големата топола, лизгав шепот во високата трева – и во штотуку засинетото небо се запалува малечко, сонливо облаче… Почна новиот ден…
Зошто е толку опоен овој ран, утрински час? Од каде таа среќа што ја исполнува душата? Што гледаме ние, што постигнуваме во тие девствени минути од животот?
Една старица со блескави очи ми раскажуваше за ова, уште кога бев дете; и јас ì поверував за цел живот.
„Божјиот ден, – велеше таа, – е навистина многу светол и нежен. Сè осветлува. Сè гледа, сè слуша и знае. А тоа е некогаш тешко… Колку лоши работи има на земјата, колку злоба и гревови… Зарем може некој да го издржи тоа? Затоа тој и не може долго да трае. Тој мора да се скрие и да замине; тој и прекратува. Сите навреди ги зема со себе, сите горчини, сета човечка болка ја однесува. И на неговото место доаѓа ноќната темнина, која растерува сè, ги гасне сите огни, ги прекратува сите дневни гревови, за да не се види ништо и за да приврши сè. А во тоа време денот се одмора и оздравува. А кога ќе настапи ноќта, се запалуваат Божјите ѕвезди, светат кротко, излеваат чистота, ì даваат мир на земјата, а на луѓето добра волја. Ете од таа ѕвездена чистота и добрина сè се очистува; се смирува човечката врева, легнува земската прашина, сите душевни јадови се уништуваат, сета гревовна задушливост исчезнува. Земниот воздух повторно станува лесен и прочистен. И Божјиот ден повторно може да започне“…
Како го беше узнала таа сето ова, јас не знам. Изгледа, денски многу се измачувала, а ноќе долго потслушувала. Но јас ì поверував за цел живот. И кога мене ме посетува повторно среќниот час и ми поаѓа од рака да го согледам утрото во сета негова убавина и чистота, тогаш јас сигурно знам, дека таа ми ја раскажа вистината на светот.
Тоа е вистинската вистина, дека нашите дневни, човечки дела креваат цел облак од земна прашина. Вистинската вистина, дека нашите лоши човечки страсти ја валкаат и заразуваат земската атмосфера. И уште поголема вистина, дека во прашливиот, заразен воздух на земјата не можеш да водиш прекрасен живот, не можеш да ì се радуваш ни на земната убавина, ни на Божјото совршенство. И ако не ни се дава одозгора благодатното исцелување и не нè очистува од нашите скверности – тогаш од каде да чекаме спасение?…
И зарем не е вистина дека, дневниот живот сè изведува на светлина, ја покажува пред нас сето лукавост, сета суровост, сета подлост на светот и ни нанесува рана за рана? О, впечатливост на денот! О, нежност на детските сфаќања! О, тоа е мака за огорчените и срам за бесрамните!… А се случува и така, што уште во првата половина на денот да се насобере толку, што не можеме да дишеме од отровната прашина и од тоа што светлината се помрачува во очите. И тогаш треба задолжително да се прекине дневниот поток на свеста и да се побара исцелително осамување. И потоа највпечатливите и најнежни луѓе бараат олеснување во дневниот, па макар и најкраток, сон…
Денот – грижа и бедотија, ноќта – безгрижност и богатство. Денот – напнатост и притеснетост, ноќта – ослободување и широчина. Денот – истоштување и замор, ноќта – заборавање и себезаборавање. Денот – борба, ноќта – спокојство. Денот – труд, ноќта – посакувано мечтаење. Денот – присуство, ноќта – опуштање и отсуство. Денот – општење, ноќта – отуѓување и тишина на осаменоста. И што би било со нас, родените на земјата, ако ноќта не би давала олеснување, покров и простување? А ние дури ни во сништата не можеме да се разделиме од нашите соблазни и тешкотии… Што би било со нас без таа тивка заборавеност, без таа исцелителна темнина, без таа спокојна длабочина, во која ние незабележано потонуваме, за да влеземе во блажениот мир и слободните виденија?…
Сè што е земно толку брзо се уморува: природата се уморува од дневното напрегање; денот се изморува од нашата прашина и нашиот отров, а самите ние се изморуваме од нашата беспомошност и неумешност, од погрешниот однос кон другите – нељубовно, некреативно, алчно и претпазливо прифаќање на луѓето. И ако не ни се даваше одозгора исцеление и укрепување, тогаш од каде би требало да очекуваме спасение?…
Но токму поради тоа помошта ни доаѓа одозгора. Згаснува дневната светлина. Се стемнува. Згаснуваат избледените бои. Истоштените фигури ги губат своите контури. Лесното се чини масивно; тешкото станува речиси незабележливо. И тивкиот мрак, најпосле, ја покрива едвај препознатливата вселена, која веќе исчезнува. Настапува часот на разделба: сите нешта се разделуваат едно од друго, за да одморат едно од друго, за да се повлечат во себе, за да се изгубат себеси во блажената самотија и да стапат во заборавената, таинствена врска со заспаниот свет. И во ова да нацрпат одмор и очистување.
Тогаш се запалуваат на небото Божјите ѕвезди и ì ги испраќаат своите зраци на прашливата и изморена земја. Тие тивко ја излеваат својата мудрост на земјата, на сета природа и на човекот, на сите изморени, прашливи и затруени, испраќајќи им очистување и исцелување, за да можат да им се уподобат на ѕвездите; за луѓето да се стишат и да се смират; бидејќи вревата и гневот не се од Бога; за да станат кротки и нежни, бидејќи грубоста и суровоста – се од човечката расипаност; за да станат чисти и јасни, бидејќи прашината и калта означуваат болест и страдање; за да станат послушни и хармонични, бидејќи на небото нема ни бунт, ни хаос…
Така течат ноќните часови. Заспаниот свет диши со таа исцелителна мудрост, воздухот станува чист и блажен, боите повторно ја добиваат својата живост и шарм, цвеќињата мирисаат нежно и благодарно, а птиците и ѕверовите демнат низ сонот на небесната хармонија.
Но токму затоа човекот станува толку среќен, кога ќе се разбуди во раниот час и ќе се вклучи во будењето на исцелениот свет; кога ќе го подиши очистениот воздух, ќе ја здогледа обновената природа, ќе го слушне ликувањето на пердувестите созданија, ќе добие проштален поздрав од ѕвездите што згаснуваат и ќе почувствува во денот што почнува, во сонцето што изгрева и во неговиот прв, чудесно-разладувачки повев – дишење на Самиот Бог. Тогаш тој го почнува денот, како повторно да се родил за живот: бидејќи неговото срце се очистило и неговата волја живее со надеж; се освежила и обновила неговата фантазија и се охрабриле неговите замисли…
Секој ден ни го носи тој блажен утрински час, бидејќи секое утро е Божјо утро, а ние не го помниме ова и поминуваме во животот покрај Божјата благодат, не умеејќи да ги наоѓаме и да ги собираме нејзините дарови.
[1] Иволга или жолна (лат. Oriolus), вид птица со силна жолта боја искомбинирана со црни линии, која е позната по својот силен глас (бел. на прев.).