Тајната на љубовта

Loading

Беседа за христијанскиот брак

од

Митрополит Антониј Сурожски

Воплотување за искупување

 

Одлучив оваа беседа да му ја посветам на прашањето за семејството и бракот. Мислам дека оваа тема е исклучително важна за овој свет, во кој владее законот на разделеноста, спротивставеноста, напнатиот однос помеѓу одделни луѓе, општествени групи на луѓе и народи.

Бракот е чудо на земјата. Во светот, каде што сè и секој оди одделно, бракот е место, каде што два човека, благодарение на нивната меѓусебна љубов, се соединуваат, место каде што завршува раздорот, каде што започнува постоењето на соединет живот. И во тоа е најголемото чудо на човечките односи: двајца одеднаш стануваат една личност, две личности, одеднаш, поради тоа што целосно се засакале и се прифатиле до крај, сосема се покажуваат нешто повеќе од двајца, од едноставно два човека, се покажуваат како единство.

Секој треба да се подзамисли за ова, бидејќи да се живее одделно е мачно, тешко, а заедно е лесно и вообичаено. Интелектуалните интереси, вкусовите се разијдуваат, и затоа многу лесно е да си речеме: јас сакам да живеам за она што ме интересира. Некој живее за пари, некој за култура, некој бара идеал, а јас сум самозадоволна единка, доволен сум си сам на себе… А всушност од тоа се добива распаѓање на општеството, распаѓање на човештвото. На крајот на краиштата не останува ништо од тоа прекрасно, чудесно единство, коешто би можело да постои помеѓу луѓето. И бракот како што веќе кажав, се покажува како чудо на воспоставување единство онаму, каде што тоа не може да биде воспоставено со човечки сили.

Но затоа треба да знаеме што е тоа љубов и како ние еден со друг би можеле да се сврземе со љубов, бидејќи има повеќе видови на љубов. Овој збор го употребуваме во многу различни ситуации. Велиме дека Го љубиме (сакаме) Бога, дека ги љубиме нашите родители, дека ја сакаме жената, мажот, децата; но исто така велиме дека ги љубиме најнезначајните работи. Ние го понижуваме овој свештен, надумен збор велејќи: јас сакам сладолед, јас сакам прошетки, јас сакам фудбал, јас сакам театар… И со тоа го понижуваме квалитетот на самиот збор и самите стануваме заробеници на таа бркотница.

Љубовта е чудесно чувство, но таа не е само чувство, таа е состојба на целото битие. Љубовта почнува во тој момент, кога јас гледам пред себе човек и ја согледувам неговата длабочина, кога одеднаш ја здогледувам неговата суштина. Се разбира, кога велам: „Ја здогледувам“, јас не сакам да речам „ја сфаќам со умот“ или „ја гледам со очите“, туку „ја сфаќам со сето мое битие“. Ако може да се спореди, исто така јас ја доживувам убавината, на пример, убавината на музиката, убавината на природата, убавината на уметничките дела, кога стојам пред нив со восхит, со молчење, само примајќи го она, што се наоѓа пред мене, не бивајќи во состојба да го изразам тоа со зборови, освен со воскликот: „Боже мој! Колку е прекрасно ова!…“ Тајната на љубовта кон човекот почнува во тој момент, кога го гледаме без желба да владееме со него, без желба на било кој начин да ги искористиме неговите дарови или неговата личност – само ја гледаме и ì се восхитуваме на таа убавина што ни се открива.

***

 

Кога се наоѓам лице в лице со човек, когошто го гледам со очите на љубовта, не со очи на рамнодушност или омраза, туку со очи на љубов, тогаш јас му се приближувам на тој човек, помеѓу нас почнува нешто заедничко, заеднички живот. Примањето на човекот произлегува од длабочината, којашто ги надминува зборовите и чувствата. Верникот би рекол: кога јас го ледам човекот во оваа светлина, во светлоста на чистата љубов, тогаш јас во него гледам образ Божји, икона. Знаете, секој од нас претставува икона, образ Божји, но ние не умееме да го помниме ова, и не умееме соодветно да се однесуваме еден кон друг. Кога само би можеле да се сетиме дека пред нас е икона, светиња!… Тоа воопшто не значи дека таа икона во секој однос е прекрасна. Сите знаеме што се случува понекогаш со сликата на голем уметник, или со икона, или со некое друго уметничко дело, со било кој вид на убавина: секоја убавина може да биде оштетена – негрижата, условите, злобата можат да го оштетат најпрекрасниот предмет. Но кога пред нас имаме дело на голем мајстор, слика, којашто делумно била оштетена, извалкана, во неа можеме да ја видиме или расипаноста, или сочуваната убавина. Ако ја гледаме таа слика, било кое уметничко дело со очи на восхитувачка љубов, тогаш ќе го видиме она што е прекрасно, а за останатото можеме да жалиме, да плачеме. Понекогаш можеме да одлучиме сиот свој живот да го посветиме на обновување на она што е унакажано на тој лик, на таа слика, на тоа уметничко дело. Тоа е дело на љубовта: да погледнеш во човекот и истовремено да ја видиш во него неодделната убавина, и да се ужаснеш од она што го направил животот со него. Љубовта е токму последното, максимално страдање, болка за несовршеноста на човекот, и истовремено радост затоа што тој е толку надумно, неповторливо прекрасен. Па ако така го погледнеме човекот барем еднаш, можно е да го засакаме, без да го гледаме она што им паѓа во очи на другите луѓе.

Честопати се случува, некој да му рече на заљубениот: „Што си нашол во него/неа?“ И човекот ќе даде сосема бесмислен одговор: „Па зарем ти не гледаш дека таа е прекрасна, дека тој е убав?…“ И така е, тој човек е прекрасен, бидејќи вљубениот ја гледа убавината, а невљубениот, или рамнодушниот, или оној кој има омраза гледа само штета. Ете зошто не треба да се заборава тоа. Исклучително важно е да се запомни дека љубовта е до крај реална, дека таа целосно го опфаќа човекот и дека таа гледа, таа има очи, но наместо да осудува, наместо да се одрекува од човекот, таа плаче над накажаноста и подготвена е животот да го даде за сè што е заболено и осакатено да биде поправено и исцелено. Тоа се вика целомудрен однос кон човекот, тоа е вистински почеток на љубовта, првото сериозно видување.

Јас веќе зборував за љубовта како созерцателна состојба, при којашто човекот, гледајќи го другиот, гледа во него, зад неговите надворешни црти, без да го забележува звукот на неговиот глас или било што друго, некаква длабочина, којашто за него е икона, убавина. Таа убавина понекогаш е повредена од животот, минатото, околностите, но токму таа, и единствено таа е важна во тој човек; иако, се разбира, треба да се внимава и на повредата.

Но ако зборуваме за созерцание, тогаш може ли да се говори и за тоа, за да се создадат некои живи човечки поими? Да Го созерцуваш Бога, да созерцуваш икона, да ја созерцуваш убавината на природата, да се задлабочуваш во слика, длабоко да ја доживуваш музиката – сето тоа е сфатливо; но на кој начин таквото созерцание може да нè приведе кон некакви вистински, автентични човечки поими? Ми се чини, одговорот е во тоа, што созерцанието ги открива и едното и другото, во состојбата, кога тие во самата нивна длабочина можат да се слијат во едно, кога можат во пределите над сите зборови еден со друг да се сфаќаат и чувствуваат. Ние сето тоа го знаеме од опит, но сепак лесно го забораваме. Кој од нас не седел со некој драг човек – мајка, сопруга, сопруг, другар – во вечерните часови, кога е стемнето, кога сè наоколу стивнало. На почетокот разговорот тече, а потоа прекинува, настанува некаква тишина; ги заслушуваме звуците: горењето на дрвата во каминот, чукањето на часовникот, далечните надворешни звуци; потоа и тие звуци исчезнуваат, и настапува најдлабока тишина, молчењето на душата. И токму во тоа молчење на душата одеднаш чувствуваш дека си станал толку близок на твојот другар, на човекот кој седи покрај тебе. Тоа, се разбира, не е сливање во таа смисла, што еден човек се претопува во друг, туку и двајцата се соединуваат во таква длабочина на меѓусебното преживување, каде што повеќе нема потреба од зборови: тие се заедно, и ако љубовта е доволно длабока, тие станале една целина.

Ова се однесува на бракот во секоја смисла, не само на чувството, не само во општењето со мислите, туку и во телесното општење. Само треба да се запомни, треба цврсто да се знае, дека телесното единство на двајца меѓусебно вљубени – не е почеток, туку полнота и врв на нивните меѓусебни односи, дека само тогаш, кога двајца постанале соединети со срцето, умот, духот, нивното единство може да расте, да се открие во телесното соединување, коешто тогаш станува не повеќе себично владеење на едниот со другиот, не пасивно давање еден на друг, туку таинство, најреално таинство, односно такво дејство, коешто излегува право од Бога и води кон Него. Еден од древните Отци на Црквата рекол дека, светот не може да постои без таинства, односно без тоа, некои состојби, некои меѓусебни односи да бидат надземни, небесни, чудесни; и – вели понатаму – бракот како единство на двајца во разединетиот свет се појавува како такво таинство, чудо, коешто ги надминува сите природни меѓусебни односи, сите природни состојби. Исто така и телесниот брак, според учењето на еден од Отците на Црквата, претставува таинство, слично на Евхаристијата[1], на причестувањето на верните. Во која смисла? Во таа смисла што во Евхаристијата со силата Божја, преку чудото на соединувачката љубов и вера, верните верувајќи еден во друг и во Христос стануваат едно. И во бракот (се разбира, на друг степен и поинаку), благодарение на меѓусебната вера и меѓусебната љубов, двајца луѓе ја надрастуваат секоја поделеност и стануваат целосно битие, една личност во две лица. Тоа истовремено се покажува како полнота на бракот душевно-духовно-телесна и полнота на целомудрието, кога двајца луѓе, еден кон друг, се однесуваат како кон светиња и сите свои односи, вклучувајќи ги и телесните, ги претвораат во таинство, во нешто што ја надминува земјата и се вознесува во вечноста.


[1] Таинство на причестување, во кое верниците се соединуваат со Христа, причестувајќи се со Неговото тело и крв, под вид на вино и леб.

Превод од руски: Ѓакон Јани Мулев

Извадок од книгата: Православниот христијански брак, Повардарска епархија, 2009.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *