Пред повеќе од сто години на островот Егина живеел, се подвизувал и се осветил еден од најпознатите светители на Црквата од поново време, светиот Нектариј Егински (1846-1920), поранешен епископ Пентаполски. Тој бил лажно обвинет, наклеветен и прогонет од неговата Црква, а потоа дошол во Грција, па дел од животот го поминал во Ризариевата богословија, а крајот го затекнал на островот Егина, каде што основал женски манастир кој сѐ уште постои. Тој претрпел големи човечки неправди, токму од неговите „собраќа“, како и Јосиф од неговите браќа (1.Мојс. 37,18), потоа и од човечките и демонските клевети и завист, и многу обвиненија, за на крај Бог да го прослави со светост и голем дар на чудотворство и многубројни исцеленија. Набрзо по неговото заминување кај Господ на истиот остров дошол старецот Јероним (1883-1966) од Кападокија, кој го продолжил делото на свети Нектариј, но кој исто така претрпел многу навреди и човечка злоба. Тој уште за време на животот добил од Бога дар на прозорливост. Во нивно време тие претрпеле многу страдања и лишувања, но семето од нивните солзи, пот и крв родило изобилен плод дури по нивната смрт. Денешните генерации епископи, свештеници и монаси на Егина уживаат голема почит од локалното население поради жртвата и трпението на овие две свети души.

Во Србија во дваесеттиот век се подвизувал еден од најголемите и најпознати светски богослови, светиот Јустин Поповиќ – Ќелијски (1894-1979), кој од неодамна е прославен меѓу светителите. Познат е по неговото исклучително дело Догматика, како и по дванаесетте томови од Житијата на светиите и многу други богословски дела. Тој бил подуховен и пописмен од сите епископи од тоа време, но никогаш не бил избран за епископ, туку напротив, бил често прогонуван, преместуван во сиромашни манастири, за да не може да се занимава со просветителска дејност, за да не може да издава нови книги. Но, и покрај тоа, отец Јустин собирал многу млади луѓе околу себе, интелектуалци, од кои дел станале монаси. И токму тие млади монаси – интелектуалци тој ги испратил да студираат на врвни богословски универзитети, од каде се вратиле со богато богословско знаење, со стекнати многу пријатели во другите цркви, како и со здобиено искуство од општење со некои од новите веќе канонизирани светители, како и од светогорскиот духовен живот. Сето тоа духовно богатство тие го пренесоа во Српската црква, па истите тие млади монаси станаа епископи и за само четири децении по неговата смрт, успеаја да ја обноват и кренат цела Црква на здрави темели, и затоа денес таму сите епископи се доктори на теологија, и очигледно е високото духовно и интелектуално ниво во Црквата, широката мисионерска дејност, како и полните храмови со верен народ.

Трудот кој го правиме за духовна цел, заради Господ, никогаш не може да пропадне, дури и да претрпиме човечка неправда. Господ не ни ветил заслуги и награди овде, туку во Царството Небесно. А во овој живот и свет „ќе имате маки“ (Јован 16,33) – ни вели Господ. Не значи дека оној кој сее, дека мора и да жнее и да се радува на плодовите. Затоа и Господ ни вели: „Вистинска е поговорката: Еден сее, а друг жнее“ (Јован 4,37). Секој има различни дарови и не може секој сѐ да постигне, туку во секоја епоха, во секој историски период и место, секој има свои дарови кои треба да ги умножи и искористи во слава Божја и секој има крст соодветен за тоа време и простор, кој без себесожалување мора да го понесе, иако е многу тешко, особено кога го чувствуваме на своја кожа. Од една страна сакаме да покажеме трпение и послушност, а од друга, пак, ја гледаме во Црквата сета човечка злоба и завист, чии што деструктивни последици остануваат некогаш и со векови. Искушението поминува, гревот се простува, но лузните и последиците остануваат, како живи рани на воскреснатото и вознесено на небесата Тело Христово, како вечно сведоштво за човечката злоба.
Свештеник Јани Мулев