Јоан (Јован) Јанолиде, нов исповедник на верата

Loading

кој 23 години ги помина во затвор за Христа.

(1 дел)

Дан Тудораке

Детство

На 27 јануари 1919 година, во селото Добротешт, во романскиот округ Телеорман, се родил Јован, вториот син на Македонецот Никола Јанолиде. Неговата мајка, Аспазија, како и секоја жена, се радувала што породувањето поминало добро. Кутрата, таа не ни претпоставувала дека овие породилни маки се само почеток на нејзините страдања за Јован, чија земна судбина беше мачеништвото. Но сега радоста ја исполнувала нејзината душа.

Како и сите деца кои во тие времиња растеле во селска средина, така и Јован духовно се образувал во атмосфера на побожност: богослужби во храмот, божикни песни, помени, бдеења, празнување на празникот Педесетница – сето тоа создавало во неговата душа уверување дека Христос Е секогаш присутен. „Он заедно со сите Свои ангели лебди во воздухот, помагајќи ни да се осветуваме и да се спасуваме“[1] . Главната улога во неговото духовно воспитание ја имале неговата баба и мајка – многу благочестиви жени, надарени од Бога со духовна мудрост. Во такви услови, кај Јован се создава природна, блиска и нераскинлива врска со Христа. Животот без Него му се чинел незамислив, бидејќи Бог бил содржина на неговата душа.

Неговото детство течело мирно и спокојно, но започнал периодот на промени на диктатури, кој донел бескрајни конфликти и општествени потреси, и Јован нема да остане рамнодушен на предизвиците на неговото време. Така, во 1937 година, како и мнозинството млади од меѓувоениот период, кои во своите души носеле возвишени морални идеали, се приклучил кон Братствата на Крстот – националистичка организација која имаше за цел религиозно и морално воспитание на младите[2]. Немајќи животно искуство, Јован бил мечтател кој посакувал да ја види Романија ослободена од пороците на буржоаската политика и на болшевичката безбожност. Така тој се вклучил во оваа борба, која целосно му го променила животот.

По завршувањето на гимназијата, благодарение на добрата материјална состојба на неговите родители, тој заминал за Букурешт за да студира Правен факултет.

Апсење и судење

Јован бил во прва година од студиите кога Романија се вклучила во Втората светска војна. Во текот на тие сериозни историски настани низ кои минувала земјата, на 19 октомври 1941 година била закажана средба на голема група млади, каде што Јован како водач, требало да спроведе воспитна работа (да ги поучи останатите). Средбата се одржала во шумата на периферијата на Букурешт, но се покажало дека е наместена операција од страна на властите. На Евгениј Кристеску, директорот на државната безбедност, му бил потребен обид за атентат врз маршалот Антонеску за да предизвика скандал, кој ќе доведе до конфликт меѓу Антонеску и Легионерското движење. Затоа, тој ја инсценирал оваа илегална средба на „крстните браќа“ во шумата Банеаса. Безбедносните агенти веќе биле распоредени во шумата и околината и ги уапсиле сите млади кои им биле пред очи. Меѓу уапсените бил и Јован.

Сите приведени студенти биле однесени во одделението на полицијата во главниот град. Еден од учесниците во овој драматичен настан по многу години ќе се присети дека Јован бил „донесен со врзани раце; агентите го тепаа и грубо постапуваа со него. Но, тој, и покрај сите ѕверства, стоеше исправен и со високо крената глава. Тој беше пример за храброст и достоинство“.

Веднаш почнале да ги испрашуваат студентите со примена на притисок, закани и ветувања дека ќе бидат ослободени, ако признаат дека имале намера да учествуваат на нелегалниот состанок и да ја префрлат вината врз организаторите, особено врз Јован. Него, пак, за време на испитувањата, го мачеле ѕверски, така што бил принуден да пишува со левата рака. Но, ова нечовечно однесување го приближило уште повеќе кон Бога, и додека го чекал судот, тој се молел усрдно, не барајќи ништо од своите пријатели.

Со одлука на судот, осум од уапсените „крстни браќа“ добиле различни казни, а самиот Јован, според пресудата бр. 2208 на воениот суд од 21.11.1941 година, бил осуден на максимална казна – 25 години принудна работа „за злосторство во форма на учество во организација забранета со закон“. Но, Јован, и покрај целата очигледна неправда, што се извршувала над него, бил спокоен. Истиот сведок се присетува дека, кога на судот му бил даден последниот збор на Јован, „Јован Јанолиде беше единствениот кој изјави дека со радост ја прима осудата за верата што живее во неговото срце и за борбата за одбрана на романскиот народ, која тој  ја води. Кога ја објавуваа неговата пресуда, тој стоеше исправен, со поглед вперен кон небото, и лицето му сјаеше од радост. Претставниците на власта беа вчудовидени. Никогаш претходно не виделе нешто слично“.

Така, 21-годишниот студент Јован завршил во затвор.

Ајуд: Првите години на душевни маки

Во еден многу студен јануарски ден во 1942 година, Јован, окован со вериги на рацете и нозете, бил одведен заедно со другите младичи во затворот Ајуд за да пострада за Христа и за својот народ.

Кога пристигнале, таму ги пречекал суров затворски режим со одвратна храна и неподнослив студ. Покрај тоа, управникот на затворот постојано ги тероризирал, претворајќи го нивното постоење во вистинска мака.

Јован уште од самиот почеток гледал на затворот како на мачеништво:

„Исполнети со соништа и идеали, рицари на епоха која исчезува, јуродиви заради Крстот, носители на чест и достоинство, ние се боревме со целиот свет. Лишени од реализам и чувство за самозачувување, не бевме мудри и влеговме во волчјата уста, но што уште можевме ние да направиме? Не можевме да ги оскверниме нашите души. Свесно го прифативме мачеништвото кога се впуштивме во оваа борба“.

Во овие ужасни услови, Јован целосно се посветил на самообразование, особено во правото, философијата, политиката, социологијата и педагогијата. Но неговата главна грижа била душата: тој се молел со часови, исполнувал ноќни молитви, бдеења и секојдневно го читал Светото Писмо.

Сепак, и покрај сите свои напори, Јован сè уште не ја достигнал полнотата на духовниот живот, бидејќи не ја скршил својата гордост, без што е невозможно да се стекне умиление на духот. Тој исто така бил свесен за некои свои човечки гревови, но не сакал да ги признае поради истото самољубие, измешано со срам. Дополнително, отсуството на духовник се одразувало врз него.

И Бог набрзо му пратил повод за духовно усовршување и смирение. Така, еднаш, еден затворски мачител го измачувал, барајќи од него јавно да признае дека е бандит, а мачителот да го нарече „почитуван човек“. Јован, скршен од болката, попуштил, и оваа минута, иако понижувачка, ќе стане пресвртна точка во неговиот живот, бидејќи ќе го натера да го преосмисли целиот свој живот:

„Тогаш паднав ничкум и првпат во животот од длабочината на душата извикав: ,Јас, несреќниот!’“

Сега, после таквиот пад, неговата гордост била конечно скршена, и самиот на себе си станал неподнослив. Во оваа очајна состојба, тој од еден затворен свештеник слушнал за исихастичката молитва и неколку месеци се подвизувал во нејзиното практикување. Потоа, обновен во духот, донел решение целиот свој живот потполно да Му го посвети на Христа.

По многу години, Јован ќе се присетува:

„Многу ми недостигаше духовник кому ќе можев да ги откријам своите скриени чувства и да го замолам да ми стане духовен наставник. Знаев дека свештеникот е носител на благодатта Божја и посакував тој да ми предаде и мене дел од Божјата сила и светлина, по кои толку копнеев“.

Набрзо, според Божјата Промисла, негов духовник ќе стане еден од затворениците, отец Арсениј (Папачок). Јован секогаш ќе го смета отец Арсениј за „градител“ на својата душа.

Почетокот на доведување во ред на неговиот внатрешен живот не бил лесесн, но бил ревносен, и во послушание на отец Арсениј, Јован напредувал во духовното усовршување. Секојдневно разговарал на духовни теми и читал книги како: „Патерик“, „Одење по Христа“ и „Добротoљубието“. Од ден на ден, „стариот човек“ во него почнува да умира, за во неговото срце да се роди Христос:

„Одвојувањето од старите претстави, старите пријатели и старите занимања беше болно, но откривањето на новите перспективи ме исполнуваше со толкава радост, што патот стануваше неповратен“.

Во овој период, врз него моќно се излеала благодатта на Светиот Дух, така што тој веќе не чувствувал ниту глад, ниту, пак, другите затворски страдања и стекнал длабок внатрешен мир, што дури и сонот му бил исполнет со прекрасни виденија.

После темелна исповед кај духовникот, тој добил епитимија. Исполнет со радоста од Божјото проштевање, тој ќе направи уште една постапка, која ќе ја одреди целата негова иднина. Тој ќе отиде во ќелијата каде што бил Валериј Гафенку и Маин Најдим и смирено, без криење ќе ги исповеда пред нив сите свои гревови според списокот, со кој се подготвувал за исповед: „Сакам да ме знаете онаков каков што сум, разголен во сета моја голотија, и да ми помогнете, ако можете!“

Двајцата пријатели беа толку потресени од отвореноста на Јован, што и тие исповедале сè пред него. После тоа, решиле да се преселат во заедничка ќелија, што тогаш им било дозволено, и таму се воспоставила атмосфера на интензивен духовен живот. Заедно се молеле ден и ноќ, читале и толкувале свети текстови и имале целосна доверба еден во друг.

Во тој период, Јован го совладал резбарењето на дрво и почнал да изработува разни крстови и икончиња – духовно ракоделие кое го следело до крајот на животот.

Принуден роб во колонијата Галда

Бидејќи учеството на Романија во Втората светска војна доведе до исцрпување на резервите со храна, зимата 1945 година затворите добиле наредба од министерството самите да се обезбедуваат со провизија, користејќи го трудот на затворениците, бидејќи државата веќе не можела да обезбедува донации. Така Јован бил префрлен во колонијата Галда-де-Жос заедно со Валериу Гафенку, Вирџил Максим, Марин Најдим, Костика Думитру и други подвижници, за да работат на полињата на локалниот земјопоседник.

Иако режимот во колонијата бил полуслободен, таму трпеле страшни лишувања, бидејќи сопственикот на имотот, на кој работеле, не им дозволувал да се хранат од плодовите на земјата. Но, имале можност да комуницираат со своите блиски, да одат во блиската црква на богослужби и да ги напуштаат границите на имотот.

Јован Јанолиде со Валериј Гафенку и неговата мајка во работната колонија Галда, 1946 година.

Во овие услови Јован се запознал со помладата сестра на Валериј, се приврзал кон неа, и тие се свршиле во селскиот храм, за по неговото ослободување да стапат во брак. Но, пред тоа, требало да претрпат уште многу страдања.

Работата на полето била исцрпувачка, уште повеќе бидејќи скоро секогаш работеле гладни, но тие ја „зачинувале“ својата работа со молитва, братски совети и љубов, како што биле научени да прават во Ајуд. Но, со овој слободен режим успеале да уживаат само неколку години, бидејќи комунистите, кои добиле неограничена власт во земјата, решиле да ги „превоспитуваат“ „непријателите на народот“ и за таа цел подготвиле за студентите нешто целосно демонско.

Во Питешти – пеколот за студентите

Иако зад себе Јован веќе имал седум тешки години во затвор, летото 1949 година бил префрлен во затворот Питешти, бидејќи во документите на државната безбедност и понатаму бил заведен како студент. Впрочем, за време на владеењето на Антонеску (1940–1944 г.), сите кои биле фрлени во затвор од студентските клупи, биле во иста ситуација.

Кога пристигнал таму, ја затекнал фазата пред експериментот за „превоспитување“, но со глад, студ и разни понижувања. Ова било само почеток на страдањата, бидејќи режимот веќе поставил цел физички да ги скрши и деморализира сите студенти, за да не им остане ни сила да реагираат на бескрајните мачења, применувани врз сите „разбојници“, а уште повеќе врз „мистиците“.

Се чувствувало дека нешто им се подготвува, но не можеле ни да замислат колку чудовишен ќе биде експериментот. Така, една вечер, токму на Бадник 1949 година, еден од затворениците, враќајќи се по „турата“ на превоспитување, му раскажал на Јован низ какви ужаси поминал и какви методи на мачење се применувале во четвртата соба од болницата, спомнувајќи дека истите не можат да се издржат, па дури ни смртта не била оставена како алтернатива.

Со милоста Божја, Јован не бил подложен на превоспитување, но веќе следниот ден бил ѕверски претепан од страшниот стражар Георгеску. Причината била истата – за Христа, бидејќи Јован успеал до тој ден да го крие својот крст, икона и дел од Библијата. Иконата ја носел во панталоните, крстот во десниот ракав од џемперот, а брошурата ја криел во душекот. Но, Георгеску дознал за овие забранети „работи“, па Јован бил принуден да ги предаде, а при предавањето на крстот, му рекол на стражарот:

– Господине Георгеску, гледајте, не борете се против Светиот Крст, тоа е над вашите сили!

Кога го слушнал ова исповедување на верата, џелатот паднал во бес и почнал да го гази со чизми и да го тепа со стап, издавајќи диви крици слични на опседнат, сè додека Јован не се облеал во крв.

По ова, му била укажана минимална медицинска помош, па повторно бил фрлен во ќелијата, каде што му соопштиле за новите ужаси што се случиле за време на неговото отсуство. Така, дознал дека неколку негови пријатели, кои имале цврста вера и јасен ум, биле подложени на мачења од страна на „превоспитаните“ студенти, до таа мера што и тие биле принудени да се „превоспитаат“. Овој ужас го опфатил, но Јован продолжил да се моли:

„Не гледав никаков излез, затоа целосно се предадов на Божјата волја. Чувствував дека умот ми се помрачува и уште посилно го повикував Исус, да ми даде мир и светлина“.

Во затворот завладеала неиздржлива атмосфера на психолошки терор, но духовната вештина што ја стекнал Јован му станала штит во овие страшни околности:

„Во очекување на ,смената‘, се молев по 10, 16, па дури и 20 часа дневно, а ноќе молитвата сама од себе се кажуваше низ сон. Во тие околности, не доживеав падови, бидејќи Бог ме покриваше, но признавам: ќе претпочитав да умрам отколку духовно да бидам убиен, и ќе ја барав смртта ако сфатев дека повеќе не можам да се спротивставувам. Но Бог ме избави и од тоа, и така доживеав длабока старост“.

Оваа состојба на крајно душевно напрегање не траела долго, бидејќи еден ден, по толку години мачење во студ, глад и тепања, телото на Јован не издржало и одеднаш почнала да му тече крв од грлото:

„Тивко плачев и одеднаш почувствував како топол бран се крева од градите кон главата. Знаев дека сега ќе се задавам и ќе умрам. Во тој миг ме исполни радосно чувство на слобода и речиси бев среќен. Крвта силно потече од носот и устата. Лежев во локва крв. Но чувствував такво олеснување во телото и душата! Простив сè што ми направија, жал ми беше за сите. Чекав дека сега ќе го предадам духот и бев спокоен“.

Како резултат на ова, Јован избегнал превоспитување преку мачење, бидејќи откако се разболел од туберкулоза, на почетокот на јануари 1950 година бил префрлен во затворската болница во Тргу Окна.

Тргу Окна и смртта на Валериј

Иако медицинската помош во Тргу Окна била минимална, условите биле многу подобри од оние во Питешти. Исхраната била донекаде задоволителна, дозволувале прошетки на свеж воздух, а и комуникација со роднини. Така, иако „на почетокот бил во многу лоша состојба“, Јован брзо почнал да закрепнува и се посветил на грижа за Валериј Гафенку и другите болни. Сам страдајќи од туберкулоза, тој не се штедел, перејќи ја нивната нечиста облека и постелнина, негувајќи рани, помагајќи им во основните потреби, жртвувајќи се и служејќи им со сета љубов.

Покрај тоа, заедно со други исповедници на верата кои биле посилни, организирал ноќни бдеења во ќелијата на умирање, каде што завладеала длабоко христијанска атмосфера на молитва.

На голема жалост, оваа блажена атмосфера била нарушена со пристигнувањето на студенти кои поминале низ превоспитување во Питешти и биле пратени да ги „превоспитуваат“ и затворениците во Тргу Окна. Така, Јован повторно бил внесен во просторија за „превоспитување“, каде што „го чекал Петрешкану со уште неколкумина од Питешти“.

На крај, превоспитувањето во Тргу Окна било прекинато, и затворениците дури успеале да спасат неколку „превоспитани“ студенти, кои биле телесно и душевно изобличени од мачењата. Еден од нив, длабоко потресен од љубовта што Јован ја покажал кон него, без оглед на сè, еден ден ја фатил неговата рака и ја целивал. „Целиот свој живот ќе го чувствувам овој фантастичен бакнеж“, ќе се присетува подоцна Јован.

Но најголемата грижа на Јован бил неговиот верен пријател Валериј. Секоја ноќ тој одел во неговата ќелија на умирање за да му ги исчисти раните, и тие воделе бескрајни богословски разговори. Тука Јован будно бдеел крај главите на оние кои умирале, придружувајќи ги во нивното заминување со молитва. А потоа дојде 18 февруари 1952 година, денот кога со неизмерна болка морал да се раздели и со Валериј, кого Бог го повикал во вечниот покој.

По смртта на Валериј, пасторот Вурмбранд, потресен од светоста на неговиот живот, почнал да го моли Јован да му помогне да се крсти во Православието. Јован тоа го одложувал за лето, објаснувајќи му ги сериозните последици од овој чекор. Потоа неговото Крштение, во строга тајност, го извршил еден од затворените свештеници.

Во Тргу Окна, Јован останал до февруари 1953 година, по што бил префрлен во Карансебеш, потоа во Жилава и повторно во Ајуд.

И повторно во Ајуд

Во декември 1954 година, Јован бил префрлен во туберкулозното одделение. Лекарот што се грижел за затворениците бил универзитетски професор Георгиу, и самиот затвореник. Благороден човек, тој им дозволувал на болните да собираат парчиња хартија што останувале од лековите, за да можат со заострени стапчиња да пишуваат на нив. Така, туберкулозното одделение станало налик на институт, каде што се изучувале философија, психологија, педагогија, математика, хемија, странски јазици и многу друго, а овие „курсеви“ ги посетувал и Јован. (продолжува)

Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски

Текстот е објавен во Православна светлина бр. 72


[1] Спомените на Јован Јанолиде се пренесени од неговата книга „Враќање кон Христос: Документ за новиот свет“ (Ioan Ianolide. Întoarcerea la Hristos. Document pentru o lume nouă. Bacău: Ed. Bonifaciu, 2012).

[2] Крстните братства, или Братства на Крстот – младински организации на Легионерското движење, создадени за заштита на Православието и националната самобитност на Романците од комунистичките и други нови закани. Братствата почнале да се формираат во 1923 година, додека Легионерското движење се официјализирало во 1927 година и добило широка распространетост низ земјата. Масовните немири, предизвикани од легионерите во летото 1940 година, довеле до абдикација на кралот Карол II, по што генералот Антонеску ја презел власта и во септември влегол во сојуз со легионерите. Така, на 14 септември тие ја формирале „Национално-легионерската држава“, каде легионерите претставувале главна политичка сила, а Антонеску се прогласил за „фирер-водач“.

Оваа држава постоела 138 дена, по што во јануари бил предизвикан легионерски бунт, а на 14 февруари 1941 година оваа организација била укината. Во земјата била воспоставена воена диктатура под раководство на Антонеску, а припадниците на Легионерското движење биле фрлени во затвор. Главните обвинувања против легионерите вклучувале тероризам, фашизам, антисемитизам, антикомунизам и други.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *