Од кои причини повеќето луѓе, кои се крстени, не одат во црква секоја недела на Литургија?
Ова е прашање, а не забелешка. Слава на Бога, Македонија денес полека но сигурно се враќа на православната вера, една по друга се отвораат нашите Цркви и се полнат во празничните денови. Но зошто да се доаѓа во црква секоја недела на Литургија и да се учествува во неа? Дали има многу луѓе кои ја сфаќаат смислата на тоа? Многу малку. И секој вообичаено наведува своја лична причина заради која го нема на неделното Богослужение. Меѓутоа учествувањето во Литургијата секоја недела значи да се живее како едно семејство и тоа не е само христијанска обврска за секој што се смета за православен, туку неопходна потреба. И затоа кога ги љубиш луѓето тогаш тежнееш кон обединување.
Понекогаш може да се слушне следната молба: „Отец, ние сакаме нашето дете да го крстиме индивидуално”, односно одвоено од останатите христијани…!!! Очигледно останатите не се прифаќаат како браќа и сестри. На пример, мажот и жената треба да живеат заедно, да се сакаат еден со друг и да ги исполнуваат своите брачни обврски. Ќе се сложите дека е малку да се нарекуваме мажи, а само понекогаш да ги исполнуваме своите брачни обврски. Тоа е апсурд. Но истото тоа се случува и со христијанските обврски. Малку е да се каже „јас сум православен” или „Господи, јас те сакам”, треба на дело да се потврдат тие зборови. Не е доволно да се рече: „Мамо јас те сакам” треба на дело да се докаже својата љубов. Господ вели: „Ако ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди” (Јован 14,15), односно на дело ќе ја потврдите својата љубов кон Мене. Ќе ги разгледаме причините заради кои луѓето не учествуваат во Богослужбите.
- 1. Не верувам во Бог.
Таквите луѓе се нарекуваат атеисти. Зборот „атеизам” во превод од грчки јазик значи – одрекување од Бог. Односно атеизмот е верување дека Бог не постои. Често таквите луѓе се крштевани во детството, но нивните кумови за жал не им објасниле во што се состои суштината на христијанството. Или самите во тоа не се снашле, бидејќи често родителите ги молат своите блиски роднини, пријатели да им бидат кумови на своите деца, не размислувајќи колку овие се длабоко во верата и можат ли да им помогнат на своите кумашинчиња на патот кон православната вера. Во душата на атеистите сепак тајно живее свеста дека постои Создател на небото и земјата, само што лошо е да веруваш во Него. Еднаш во едно советско училиште, учителката почнала да ги убедува учениците дека Бог не постои: „Деца – рекла таа – Бог не постои! Покажете му „среден прст” на Бог!” Сите покажале, освен едно дете. „А зошто ти не покажуваш?” А тоа одговорило: „Простете, ама ако Бог не постои, тогаш кому да му покажам?” А во стварност, зошто да одрекуваме постоење на Оној, Кој не постои? И заради што да ги сослушуваме, праќаме во логори, стреламе оние кои имаат православен поглед кон светот и проповедаат љубов кон луѓето? Зошто да се бориме со Оној, Кој не постои? Во таквото одрекување пред сè нема логика. Мудриот цар Давид, кој живеел пред Христос рекол: „Рече безумникот во срцето свое: Нема Бог” (Псал. 13, 1). Како тука да не се сложиме со зборовите на херојот на делото „Кучешко срце” – професорот Преображенски – дека раздорот започнува во главата. А потоа во општеството се чудиме зошто е низок наталитетот, зошто има толку наркомани, толку несреќни семејства, зошто владее толку голема морална распуштеност, зошто има толку многу разни престапи, убиства. Затоа што „ако нема Бог, тогаш е сè дозволено!” Тоа го констатирал Фјодор Михајлович Достоевски долго време потоа, откако атеизмот почнал да ги уништува општествените заедници со разорна моќ. Во стварноста: ако човекот за секоја своја постапка не понесе одговорност по смртта, и ако по смртта ништо нема, тогаш зошто да почитуваме некакви морални правила?
Можеби Црквата, според уредувањето и управувањето, е одвоена од државата, но таа не е одвоена од човекот. Нашата земја секогаш била силна држава само благодарејќи на православието, а тоа го потврдува целата нејзина историја. Доволно е да се спомене светиот цар Јустинијан Први, царот Самуил, кралот Марко, и другите владетели кои секогаш на прво место ја ставале Светата православна црква, па потоа сè друго; или да ги спомнеме најзаслужните за формирањето и утврдувањето на нашиот православен идентитет, врвните интелектуалци како што се: светите браќа Кирил и Методиј (Кирил бил монах, а Методиј бил првин монах, а потоа и епископ), светите Климент и Наум (Климент бил монах, па потоа епископ, а Наум бил монах со свештенички чин, т.е. јеромонах), и останатите просветители монаси, Сава, Горазд, Ангелариј, потоа монахот Кирил Пејчиновиќ, монахот Јоаким Крчовски, епископот Партениј Кукушко-полјански, монахот Јаков од Реканскиот крај, монахот Теодосиј Синаитски (кој претходно бил брачен свештеник, па подоцна се замонашил и отворил печатница), и многу други преродбеници и просветители, кои носејќи ја светлината Христова во себе, успеале да го просветлат (т.е. христијанизираат) народот, па затоа и се наречени просветители. Тие знаеле дека Христос и Неговата Света Црква се најскапоценото нешто што може да му се понуди на народот, па затоа најпрво ги превеле црковните и богослужбените книги, потребни за служење на Светата Литургија: Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет, Литургијата, и другите богослужбени и свештени книги. Затоа денес, свесни за заслугата на овие личности, токму интелектуалниот расадник го носи нивното име „Свети Кирил и Методиј” (Универзитетот во Скопје) и „Свети Климент Охридски” (Универзитетот во Битола), со цел овие нивни заштитници да им бидат пример на сите генерации студенти и професори. Повторно да погледнеме кон историјата, и да ги видиме врвните дела во архитектурата, уметноста, поезијата, литературата? Зарем не се тоа свештените објекти (цркви и манастири), фреските, иконите, мозаиците, резбаните иконостаси, богослужбените химни и проповеди? Има ли Македонија нешто повредно, со што би можела да се пофали?
И ако сакаме повторно да живееме во моќна држава и да не ја градиме на несреќите на нашите сонародници, тогаш е време да се замислиме зошто ги обновуваме и градиме црквите. Дали тие духовни центри повторно да ги разрушиме и претвориме во спортски терени, фабрики или магацини? Нормално, верата може да се зачува и во човековата душа дури и кога црквата е рушена. И се поставува прашањето: Зошто ни се потребни црквите кои со векови постојат во Македонија? Зошто ѝ е на човечката душа малку своја домашна вера, што наоѓа таа во Домот Божји? Без разлика на прогонувањето и војните, луѓето секогаш се собирале во црквите, каде што од Бога добивале благодат преку Таинствата на Црквата, духовно се поткрепувале, збогатувале и исцелувале, наследувале љубов, радост, долготрпение, благост, мир и надеж за вечен живот. А денес повеќе од луѓето не одат во црква бидејќи не им објасниле во семејството и на училиште, дека црквата е место каде што христијаните се среќаваат со Бога и едни со други, свето место, а ако на народот не му остане ништо свето, тогаш тој се самоуништува. Помеѓу останатото постои и друг проблем.
Многу сограѓани, кои се крстени, доаѓаат во црква формално, само за да запалат свеќа, а не за да учествуваат во Таинствата. Полесно е да се искупиш, отколку да проникнеш во суштината на православната вера. Па така доѓаме, ќе се помолиме и ќе си заминеме, а треба да се слушаме, да проникнеме во Зборот Божји, кој го слушаме во црквата, да живееме според него, да се поправаме, да се бориме со неразумните навики и пристрасноста. Нормално, полесно е да се оддадеш на порокот, отколку да го искорениш со пост и молитва. А некои велат: „Јас никого не сум убил, не сум крадел, немам гревови”. И само кога ќе се смири човек може да ги види своите недостатоци. Човекот не се состои само од тело, туку и од душа и дух. И ако телото го храниме, а духот не, тогаш духовно–моралниот стожер атрофира. Денес средствата за масовно информирање многу придонесуваат за раздор во семејството, преферирајќи ненормални полови односи, сеејќи култ на изживување на било кој начин. И потоа се чудиме: Што се случува и како тоа да го спречиме? И кога Православната црква се труди да ì помогне на државата да се спречи процесот на уништување на општеството и говорат: „Црквата е одделена од државата” и прикривајќи се зад законот продолжуваат да прават беззаконија.
Се чудиме што се случува со нашите деца, не оспорувајќи им го правото на избор. Демек, детето ќе порасне и самото ќе избере. Простете, но од што ќе избере? Од тоа што го гледа на телевизорот? Бидејќи не е секогаш можно, да се ограничи општењето со „синиот екран” ако детето е препуштено само на себе. (Мајките се принудени да работат така што, според статистиките, половина од семејствата во земјата се непотполни и немаат време да ги воспитуваат своите деца). Една работа е да се роди дете, а сосема друга е да се воспита. Оној што бега од воспитувањето на своите деца вообичаено и така вели: ќе порасне и ќе избере. А децата најголем дел од своето време го поминуваат на улица каде што цвета пијанството, пороците, наркоманијата, пушењето, изживувањето над „послабите” деца со посебни потреби, крадењето итн. Драги мои, можеби е дојдено време да се замислиме и да се обратиме на изворите на верата, бидејќи само верата може да биде алтернатива на валканиот поток кој се излива врз нашите деца?
- 2. Суеверие, страв, полуписменост, гласини, стереотипи, неодлучност, разочараност…
Поимите кои се наведени во насловот на овој дел претставуваат за многу луѓе причини за сомневање во вистината на Православната вера.
И навистина, ако некои луѓе кои се крстени и себеси се нарекуваат православни, сметаат дека нивните гревови можат да бидат пренесени преку свеќата на друг човек, дека со грев може да се „зарази” како со грип, тогаш зошто да се оди во црква? А многу сè уште упорно веруваат во тоа дека роднините на упокоениот не смеат да го носат ковчегот, бидејќи со тоа тој роднина се приближува кон сопствената смрт. И такви примери има уште многу. Заради слични суеверија и гласини се раѓа страв. Суеверието поробува, а здравото верување ослободува. Треба да се плаче за тие „христијани” кои не знаат во што се состои суштината на христијанството. Но кој да им објасни, кој да им помогне? Треба да се оди во црква, но како, ако ти ништо не знаеш, не знаеш кај да застанеш и што да правиш? Непријатно ти е да прашаш бидејќи сите се зафатени. И кај луѓето тогаш се појавува психолошка бариера, без оглед на тоа што литературата денес е многу достапна. Доаѓаш за помош, совет или просто од љубопитност кај следбениците на учењето за љубовта, а како одговор во најдобар случај добиваш поглед исполнет со гнев. Зошто таму стојат само некои „православни” бабички, кои со „љубов” ги примаат луѓето кои го преминуваат црковниот праг. Па и свештениците, ќе речат таквите…
Така што понекогаш полесно е да се најде одговор во книга. Покрај тоа, далеку од тоа дека сите верници и свештенослужители се теолошки образовани. Уште повеќе тоа што при сите цркви денес може да се добие почетно теолошко образование на предавањата по катехизација (на грчки – усно поучување за верата). Многу чести се и коментарите од типот: еве какови автомобили возат тие дебели и груби попови! А бизнис во црквите? Колку чинат само тие свеќи, а колку икони и книги има во црковните продавници! Крштевањето е толку и толку денари, а венчавката толку… Други, пак, не расудуваат толку материјално. За нив се поважни „духовните” причини кои не им дозволуваат да дојдат во црква. „Зошто децата умираат? Каде беше вашиот Бог кога ми беше лошо?” Списокот на прашања може да се продолжи. Ќе се потрудиме по ред да одговориме.
а) Стариците треба да ги сожалуваме и да им простиме бидејќи често не се во право. Тие се воспитани во атеистичка земја, и во атеистичко време, и пристапиле кон Бог како поранешни пионерки, комсомолки, комунистки, активистки на пролетерството. Не познавајќи ја суштината на христијанството, тие сакаат да подучуваат, заборавајќи дека најдобра поука е сопствениот пример. Ние треба да бидеме снисходливи кон нивната слабост и да им простуваме како што Бог проштеваше – безусловно.
б) Треба да се биде снисходлив и кон слабостите на луѓето кои добиле од Бога благодат да бидат свештеници. Тие исто така живееле и биле воспитувани во нашата земја. Желбата за поседување на автомобил сама по себе не е лоша, но кога таа прераснува во страст да се има најскап автомобил, тогаш тоа е веќе грев. Ако свештеникот вози некој скап автомобил тоа воопшто не значи дека тој мечтаел за него или дека го купил од сопствената плата. Црквата секогаш постоела благодарејќи на доброволните прилози. И ако на свештеникот некој од црквата му подарил автомобил, тогаш благочестивиот човек ќе се израдува за него и нема да завидува или осудува. Не треба да се заборави колку обврски има еден свештеник, на колку далечни места треба да стигне во текот на денот, колку страдалници треба да посети, колку патувања има во текот на еден ден, или една седмица, и замислете како би стигнал тој насекаде без сопствен автомобил, или со некој стар и расипан крш…
Без автомобил најчесто е невозможно да се постигне тоа, па тоа им станало јасно на црковните добротворци штом подаруваат таква помош на Црквата. Но дури и да не се работи за подарок, туку за купен личен автомобил. Доколку работи и свештеникот и неговата попадија, повторно може да се заштедат пари, или да се земе автомобил на кредит, кој ќе биде заработен од својот труд. А што се однесува до цените во Црква, треба да знаеме дека прилозите се доброволни – секој дава колку што може. Но и привременото ставање на ценовници е очигледно неопходно бидејќи сите луѓе не сфаќаат дека Црквата како и државата има потреба од матријална поддршка. Сите ги гледаат само приходите, а никој не сака да размисли дека за функционирањето на еден храм потребни се пари за да се платат: луѓето што го одржуваат храмот, сметки струја, вода, дрва или нафта за греење, телефон, реновирање, мајстори и др. предвидливи и непредвидливи трошоци.
в) А што се однесува до дебелината на некои свештенослужители на Црквата, простете драги браќа и сестри, ама и меѓу свештенството е ист процентот на полнички како и меѓу сите останати луѓе. Човек со предиспозиции кон дебелеење, колку и да се движи и да пости, пак ќе се здебелува, посебно ако неправилно се храни или уште полошо ако му е пореметен метаболизмот. Во една од своите црковни беседи мисионерот ѓакон Андреј Кураев раскажал како во младоста, уште како богослов, ја посетил Троице-сергиевата лавра и таму веднаш здогледал еден многу дебел монах. „Ете какво православие!” – си помислил. А монахот погледнувајќи го се насмевнал. „И јас така во младоста се осмелив да осудам еден дебел монах и Господ ме награди и мене со истото тоа!” Ние не ги знаеме вистинските причини за големата телесна маса на некои свештеници и затоа нема да се ставаме во улога на судии. Не судете, за да не ви се суди, не осудувајте и нема да бидете осудени, простувајте и ќе ви биде простено (Лука 6, 37). Крстен човек кој не сака еднаш во неделата да учествува во Литургија (во превод од грчки Литургија значи заедничко, општествено, народно дело) постапува слично на оној што живее во семејство, а не ги исполнува своите секојдневни обврски. Исто како да речеш дека ги сакаш родителите, ама не ја исполнуваш нивната волја.
Можеш да велиш дека Го сакаш Бог, но не ги почитуваш Неговите заповеди. Помеѓу делата и зборовите постои голема разлика. Господ вели: „Ако ме љубите, пазете ги Моите заповеди” (Јован 14, 15), односно со дела докажете ја својата љубов кон Мене. Добро, човекот одлучил да го исполни она што е заповедано во Новиот Завет и почнува редовно да се причестува, почнува да слуша што се чита и пее во црквата – и тогаш станува свесен дека ништо не разбира. И вели: кога би го превеле служењето од црковнословенски на македонски јазик тогаш сè би разбрал. Парадокс: Децата во училиште учат странски јазици, а го напрегаат својот слух за мајчиниот црковнословенски збор… Излегува дека „Њхат ис ѕоур наме?” е повеќе разбирливо од „Миромъ Господу помолимсја”. Ако ние сме искрени самите со себеси тогаш треба да се каже дека оној што секоја недела оди на служба, сакал – не сакал, почнува не само да разбира, туку и да запомнува. Така што сите тие изговори се вообичаена измислена причина да не се оди на богослужба. Друга работа е ако псалтите пеат и читаат така што ништо не може да се разбере, тогаш дури и молитвите да се изговараат на македонски јазик ништо не би било разбирливо. И заради тоа имаме проблеми и ние црковните служители и свештениците. Едни имаат тешкотии со дикцијата, други имаат тивок глас, а трети и ова и плус нешто друго, а поставувањето на нови технички средства во секоја црква е невозможно. Но ако во најкраток можен рок добротворите го решат и тоа прашање, човекот што ќе доаѓа во Црква ќе може да го слушне секој збор, тој и тогаш можеби нема да сфати, бидејќи без читање на Светото Писмо невозможно е да се сфати смислата на Богослужбата. Читањето на фантастични бајки за Хари Потер, книга која е четири пати подебела од Библијата е лесно и за тоа се наоѓа време, а читањето на Книгата над Книгите – некогаш е неразбирливо, па и неинтересно.

Исто така може да се најде и детска Библија каде што сè е јасно. И кога пред крштевањето ги прашуваш кумовите каква е нивната обврска во однос на кумашинчињата, не добиваш одговор дека кумот ја презема одговорноста врз себе, не само да се моли за тоа дете, туку и да го доведува во црква, да му ја објасни смислата на православната вера кога ќе порасне, а најважно – да го научи да живее христијански.
г) Што се однесува на грубостите во црквата кои некој можеби ги видел по црквите, тоа е личен грев за секој поединечно. Но грубоста на докторот или медицинското лице не е причина да не се добие лекување на болеста. Непримерноста на полицаецот не е причина да се стави етикета на сите луѓе. Во црква не доаѓаат ангели, туку слаби луѓе, предадени на страстите, кои борејќи се со гревовите, совладувајќи ги искушенијата, понекогаш стануваат такви какви што биле: свети Николај Чудотворец, блажената Ксенија, светиот Серафим Саровски и др.. Во ΧΧ век, век на масовни репресии и стрелања, под мотото „Грабни го украденото”, борците против Бог влегувале во црквите, ги убивале христијаните кои Црквата потоа ги прогласувала за свети.
д) Велат: Добро, со луѓето е јасно, но што е со Бог? Зошто е Тој толку суров и допушта смрт на невини деца? Ова прашање ги мачи оние кои не го прочитале одговорот во Светото Писмо.
Бог знае сè за човекот, не предодредува, тука знае што ќе избере човекот кога ќе порасне и заради тоа по Својата милост, спасувајќи го од гревови го зема при Себе, порано отколку што сакаат луѓето, одредувајќи на човекот време на раѓање и премин во живот вечен. Роднините плачат не верувајќи во живот по смртта и овде тешко да помогне доктор Рејмонд Моуди со доказите од својата книга „Живот по животот”. Бог на човекот му дарувал не само живот вечен, туку и слобода која може да ја искористи на различни начини. Не донесува Бог одлука да убие – туку човекот. И затоа Господ не нарушувајќи ја слободната волја допушта смрт – знаејќи дека по привремениот живот почнува вечен среќен живот, или вечна смрт – кој како ќе избере. Глупаво е да се обвинува Бог за своите грешки. Автомобил прегазил дете. Кој е виновен, Бог или човекот кој не ги почитувал сообраќајните знаци и ограничената брзина? Да, Бог дошуштил тоа да се случи, ама за неверникот тоа е крај, а за детето – почеток, раѓање за живот вечен, кое можеби го спасува од некои непоправливи неволји на земјата. Постои многу убава современа приказна. Малку забавна но во суштина многу мудра. Двајца близнаци – ембриони дискутираат во мајчината утроба: „Дали постои живот по породувањето?” Детето што не верува го прашува детето што верува: „Дали веруваш во живот по породувањето?” Детето што верува вели: „Да, секако, уверен сум дека постои живот по породувањето. Ние сме овде за да зајакнеме и да се подготвиме за она што нè чека потоа”. Неверникот: „Тоа е глупост! Не може да има никаков живот по породувањето! Дали ти можеш да замислиш како би изгледал тој живот?” Верникот: „Јас не знам точно, ама верувам дека таму ќе има повеќе светлина и дека можеби сами ќе одиме и ќе јадеме со своите усти”. Неверникот: „Со своите усти?” Верникот: „Да, јас сум уверен. Сè ќе биде едноставно само малку поинаку. Тоа може да се замисли”. Неверникот: „Ама оттаму никој не се вратил! Животот се завршува по породувањето. И воопшто животот е едно големо страдание во мрак”. Верникот: „Не, тоа не е така! Јас не знам точно како ќе изгледа нашиот живот по породувањето, ама во секој случај ќе ја видиме мама и таа ќе се грижи за нас”. Неверникот: „Мама? Ти веруваш во мама? И каде се наоѓа?” Верникот: „Таа е тука околу нас, ние сме во нејзината утроба и благодарејќи на неа се движиме и живееме, без неа не можеме да постоиме”. Неверникот: „Потполна глупост! Никој никогаш не видел никаква мајка и затоа очигледно е дека ја нема”. Верникот: „Знаеш кога сè ќе замолчи, може да се чуе и почувствува како таа го милува нашиот свет. Верувам дека нашиот вистински живот почнува по породувањето. А ти?” Ајде да направиме правилен заклучок од оваа приказна: Можно ли е да се наоѓаш во мајчината утроба и да не веруваш во нејзиното постоење? Смешно? Но зарем тоа не е исто што и неверување во живот по смртта?
Убаво во врска со тоа прашање рекол научникот и физичар Паскал: „Ако верувам во живот по смртта и тоа се покаже како вистина, ништо не губам, а ако не верувам, губам сè”. Но нашата вера не треба да биде за секој случај и одеднаш гледај тоа е вистина? Таа треба да биде увереност – плод на верувањето во Бог. Инаку, христијанството станува не безусловен подвиг на љубовта, туку рационален пат кој наводно води во рајот. Демек, јас Тебе Господи свеќа, а Ти мене прости ми ги гревовите и подари ми здравје. Или се случува: Јас се молам, се молам, лошо ми е, а Бог не ме слуша. И за тоа постои современа приказна. Еднаш еден човек на смртниот одар го видел целиот свој живот во вид на траги во песокот. А покрај неговите траги, биле и некои други. И во деновите кога било посебно тешко, се гледале трагите само на еден човек. Тогаш тој збунет му се обратил на Бог и го прашал: „Како, Господи, ме остави во тие денови, кога ми беше многу тешко?” А Бог одговорил: „Мил мој, во тие денови на раце те носев”. Човекот треба да одлучи: Или го сакам Бог во Чие Име се крстив и живеам согласно со Неговите заповеди, или само велам дека Го сакам, а живеам по свои принципи. Потребен е избор и одлучност.
3. Бог е во мојата душа.
Бог е во мојата душа – и тоа е доволно, сметаат приврзаниците на таквите мисли. Зошто тогаш Господ Исус Христос невино ги прифаќаше мачењата, умирајќи на Крстот, страдаше и проливаше Крв? Зошто Господ склучи Нов Завет со човекот (сојуз, договор)? Во што се состои таа заповед на Новиот Завет? Господ вели дека таа заповед е – во Неговата Крв. А ако Бог е во мојата душа, тогаш зошто е Црквата, свештениците, Таинствата? И самиот Христос попусто умре, ако нема такви кои сакаат да ја исполнуваат Неговата Волја. А волјата е оваа: Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден… Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв пребива во Мене и Јас во него (Јован 6, 54-56). И уште оној што го љуби Бог, да го љуби и братот свој. (1. Јн. 4, 20). Нормално, чувството на Божјото присуство во душата е дадено на секој човек при самото раѓање. Но сите луѓе не Му го отвораат своето срце. Некои, валкајќи се во гревови, не се стремат да се очистат со покајание. Зборот „покајание” (на грчки „метаноја” – преумување, промена на умот) – не означува само признавање на својот грев, туку претпоставува неизбежна измена на начинот на размислување и делување. Покајанието – не е констатација на фактот дека јас сум грешен човек, туку конкретно дејствие кое води кон промена на начинот на живот. Ако не побрзаме да се покаеме, тогаш сè повеќе ќе се вкоренуваме во гревот и тешко ни е да го победиме, како што е тешко да се искорне дрво кое има длабок корен, како што е тешко да престанеме со пушењето, кога ќе се појави зависност.
На сличен начин, човекот што го засакал гревот станува роб на своето тело, а не слуга Божји. Но Бог сака секогаш да живее во нас – како во храм, односно не само во душата, туку и во нашето срце, ум и тело. За да бидеме храмови на Светиот Дух Негов треба да ги исполнуваме Неговите заповеди. Најголемата заповед е – заповедта на љубовта. А како да се научиме да простуваме сè, да бидеме милостиви, да сочувствуваме, да не бидеме користољубиви? Зарем тоа може да се постигне по пат на сопствена сила или заслуга? – Никогаш. Едно дете вака расудувало: Ех, какво дете сум јас, родено со руса коса и сини очи! А родителите го прашуваат: „Сине, зарем тоа е твоја заслуга?” Само Оној Кој ни дарувал живот преку нашите родители способен е и да ни дарува љубов.
За да станеме дел од Бог, Кој е Љубов, треба да се биде негов причестник, треба да се ПРИЧЕСТУВАМЕ со Неговото Тело и Неговата Крв, што Он ја пролеа за сите нас. Причестувањето не е вино и лепче, како што некои мислат. На Литургија го примаме од Чашата Самиот Господ во вид на леб и вино! Како на обични дарови, леб и вино, по молитвите на Црквата слегува Светиот Дух и тие стануваат Телото и Крвта на нашиот Спасител. Исто така, по молитвите на православните, на чело со архирејот, секоја година за време на православниот Велигден слегува благодатниот Оган на Гробот Господов, кој уште, не пече во првите 5-10 мин. На современиот „Тома” доволно му е да го вклучи ТВ приемникот за време на празнувањето на Велигден според православниот календар и лично да го изгледа директниот пренос од Ерусалим. Иако тоа не е причина да се верува, затоа што верата не е – добивање докази, туку доверба. Верата е – дар. (Ефес. 2, 8).
4. Се нема време.
„Јас верувам во Бог, ама немам време”. Оваа причина вообичаено може да се чуе од устата на луѓето кои насетуваат дека треба да се оди во црква секоја недела, ама тоа уште не им станало најважно во нивниот живот. Човекот кој расудува на сличен начин, подвлекува дека денес носи христијанско име, но уште не е подготвен да живее според Божјите заповеди (на пример да ја исполнува четвртата Божја заповед која гласи дека човекот шест дена треба да работи, а седмиот да Му го посвети на Бога). И најверојатно таквиот човек не сфаќа што е тоа Црква, зошто е таа потреба, и зошто треба да се соберат сите заедно? За многумина Црквата не е собор на верници (грчки „еклисија”), туку место каде што можат да ја задоволат својата духовна потреба. „Ете старите мора нешто да прават, па се собираат таму” или „кога ќе бидам стар ќе одам и јас”. Отприлика, слично оправдување можеме да чуеме кога човек не оди во Црква. Дали ќе доживееш старост, дали ќе можеш и од каде таква убеденост? Меѓутоа светиот Кипријан Картагински не случајно ги изговорил зборовите кои подоцна станаа поговорка: „Кому Црквата не му е мајка – нему ни Бог не му е Отец”! Но се случува и човек да оди во црква, надворешно да ги исполнува сите обреди, но неговиот изглед, дела и зборови откриваат сè што е скриено под маската на благочестивоста. И гледајќи го таквиот „православен” луѓето заклучуваат: Подобро е да не се оди во црква и да се живее според совеста, отколку да се почитуваат црковните канони и правила, а фарисејски да се пронаоѓаат недостатоците на ближниот. А уште подобро е да се биде добар, чесен и искрен христијанин.
Како може да се верува во Бог, а да не се верува во тоа што Он ни го кажа преку Светото Писмо? Исус Христос е ист вчера, денес и во вечни векови (Евр. 13, 8). За жал, за многу Христос не е овде и денес, туку некаде таму, а можеби и воопшто не постоел? Можеби сè што гледаме: небото, сонцето, морето – се појавиле случајно? Тешко. Скоро сите сфаќаат дека мора да постои некој Возвишен Ум што го создал сето тоа?! Можно ли е слеп да состави текст, ако на парче хартија се излие само мастило? Колку и да се излева, текст нема да се појави. Не, потребен е некој кој поседува разум. Ама човекот нема време да размисли, да прочита, да слуша, туку време наоѓа само кога ќе се случи нешто – „Додека не удри гром, селанецот нема да се прекрсти”. Зошто да се чека гром? Станува очигледно дека оној што сака наоѓа можност, а оној што не сака – наоѓа причини. Како и порано камбаните бијат, а Господ ја чека слободната волја на Своите деца.
5. Духовна криза во верата
Да претпоставиме дека човекот ги минал сите тие мачни скалила на духовниот развој и повторно се нашол зад црковната ограда, но сега како последица од настапувањето на криза во верата. Имало благодат, мир, тишина, радост и одеднаш сè исчезнало. И од таа причина тој не ни оди во црква. А се случува и следното: Човек оди во црква, се исповеда, причестува, а ништо не се случува, исти гревови, исти проблеми. И заминува… така не сфаќајќи дека Господ е долготрпелив знаејќи ја немоќта на нашата природа. Но еднаш засекогаш треба да се запомни следното: Бог толку ме сака и без оглед на сè ја чека средбата со мене и подготвен е и илјада пати да се раѓа, за повторно да страда и умира за мене, така што целото униние ќе исчезне за миг. Нормално, ако не сметаме дека со смртта сè се завршува. И тогаш треба да земаме сè што ни нуди животот, да се бориме. И ако човекот починал во цутот на силата, или сосема млад, станува очигледно дека во животот не може да има таква неправда. Човекот не се зачнува целиот свој живот да го помине во утробата, и не се раѓа за да умре, туку за да живее во согласност со самиот Бог, а по смртта да воскресне и да живее вечно и среќно. Изборот е ваш.
Епилог: Го запрашале свети Јован Лествичник како може да се одреди дали човекот се приближува кон Бога или се оддалечува, а тој одговорил: „Првиот знак за заблуда е – оддалечувањето од црковните служби”. Со учеството во богослужбите православните христијани влегуваат во тајно општење со Бога и добиваат од Него благодатна сила за праведен живот. Но патот на христијаните секогаш е крунисан со страдање и само со Христос тој пат е – радост!