Благодатта на свештенството

Loading

Свештеник Јани Мулев
„Потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса“ (2.Тим. 2,1), му вели апостол Павле на својот ученик, апостолот Тимотеј. При ракополагање на свештенослужител (ѓакон, свештеник или епископ) му се дава благодат од Бога и оваа благодат го преобразува и осветува, доколку кандидатот е Божји соработник, доколку живее според Евангелието и се труди и напредува во подвижничко-литургискиот живот на Светата Црква. Сите богослужби и молитви кои ги извршува свештеникот се дела на благодатта, и затоа од нив имаме полза, имаме ефект. Обичен човек, ако облече мантија и ако стави епитрахил и одежди, колку и да чита молитви, колку и да е побожен, нема да освети ништо во Црквата, затоа што нема свештена благодат, која се прима при ракополагање. И илјада верници да се соберат и да ги читаат молитвите од Литургијата пред лебот и виното, нема да настане осветување, додека, пак, еден валиден свештеник, кој може да има и многу повеќе гревови и страсти од нив, поради благодатта која ја има, откако ќе ги прочита предвидените молитви од Литургијата, лебот и виното ќе се претворат во Тело и Крв Христови. Животот на свештеникот не влијае врз осветувањето на Литургијата или на било кое од другите богослуженија и молитвословија на Црквата. Самиот Христос Господ ја служи Литургијата, Он Крштева, Он венчава, а свештеникот само „му помага“, „му сослужува на Господ“, „му ги позајмува“ своите раце на Господ.


Свештениците не лебдат во облаци, не пливаат постојано во мир и благодат, не се секогаш на нивото кое треба да го имаат, туку може да бидат и со многу гревови, со внатрешен немир, оптоварени со конфликти од дома, конфликти од нивното опкружување, со душевни и телесни болести. И повторно, кога еден човек ќе дојде кај таквиот свештеник, иако и самиот свештеник може да е расеан, помрачен, нерасположен, сепак, на крајот од разговорот или исповедта, човекот си заминува олеснет, ослободен, радосен. Ова искуство го има речиси секој нормален свештеник. Од каде е таа сила? Како може јас како свештеник, кој сум внатрешно вознемирен, потиштен, со многу проблеми, да му дадам мир на друг човек? Нели, може да го дадеме само она што го имаме?
Токму затоа што свештениците имаат благодат, и, доколку малку се потрудат, доколку си ја смируваат гордоста, тогаш Бог ја умножува во нив благодатта, и таа благодат станува магнет кој ги привлекува луѓето околу тој свештеник. Самиот свештеник може да е и во многу гревови, може да има слабости, поголеми и од верниците кои доаѓаат, а сепак, благодатта Божја дејствува преку него, и таа ги води и ги преобразува луѓето кои му веруваат, кои го слушаат. Ако Црквата се крепеше на праведноста од свештениците, тогаш одамна не ќе имавме ни Црква, ни христијанство. И затоа светителите на Црквата нѐ предупредуваат да не ги судиме нашите свештеници, затоа што и тие носат човечко тело, и тие имаат свои страдања, но Бог ги избрал токму такви, за да имаат учество и во гревовите, и во страдањата и во болките на народот, и за да можат секому да дадат помош и утеха.


И покрај големината на свештеничкиот чин, постојат повеќе заблуди за благодатта на свештенството. Некои велат дека доволно е тоа што сме ракоположени, па не мора да вложуваме никаков труд, луѓето секако ќе дојдат во Црква. Протестантите се отпаднати од изворната христијанска православна црква и немаат благодат, па нивните проповедници вложуваат огромен труд за да придобијат барем еден човек. Со сите човечки расположиви средства и методи и со голема ревност се обидуваат да придобијат и да задржат некого во нивната заблуда. Но, тоа не значи дека кај нив нема искрени верници. За разлика од нив, ние гордите православни свештеници, со голема увереност, а најчесто без духовно искуство, мантраме дека ние сме единствена спасителна Црква во која Бог дава благодат, со што потполно се согласувам, и доволно е тоа што Црквата е света, па луѓето сами ќе си дојдат, не мора ние ништо да правиме. Често пати дури и ги бркаме луѓето со своето нецрковно однесување.
Вистина е дека Бог дава благодат во Црквата, и независно од гревовите на свештениците, луѓето пак доаѓаат во црква, пак наоѓаат спасение оние кои бараат. Личниот живот на свештеникот или на повеќе свештеници не влијае на светоста на Црквата, но остава позитивни или негативни последици. Еден современ духовник вели: „Свет свештеник – праведни верници; праведен свештеник – добри верници; добар свештеник – лоши верници; лош свештеник – демонизирани верници“. Така што, кога народот е лош, треба да ни биде јасно дека ние (свештенството) сме паднале духовно, па затоа народот нема духовни ориентири и пропаѓа. Кога ние ќе станеме свети свештеници, тогаш и народот ќе живее праведен живот. Затоа е потребно да ја умножуваме личната благодат, но да покажеме и ревност во духовниот живот и во мисијата на Светата Црква.
Втора заблуда е дека свештениците и монасите имаат благодат и не треба да пијат лекови за психички болести, дека благодатта ги дополнува човечките слабости, па ќе ги излечи и болестите. Пред извесно време читав интервју со еден психијатар од Солун, кој раскажува како редовно оди на Света Гора, и тоа на покана од игумените, и редовно разговара со многу монаси, меѓу кои има и негови пациенти. Наивниот почетник во верата веднаш ќе се шокира, затоа што мисли дека монасите живеат како ангели, дека доволна им е благодатта, дека никогаш не се разболуваат итн. Но, реалноста и искуството во Црквата ни покажуваат и друга страна. Старецот Ефрем Аризонски, кој неодамна се упокои, бил особено строг кон оние монаси кои не сакале да примаат терапија, препишана од лекар или психијатар. Во манастир, па и во црквата, секој доаѓа со извесен гревовен товар, искривена генетика, и често со веќе вкоренети болести, и освен благодат, на некои луѓе им треба и психијатриска помош и терапија, и тука нема ништо спорно. Ако сме послушни на Црквата, тогаш и Бог ќе нѐ закрилува со својата благодат. Но, проблемите настануваат кога човек ќе си изгради високо мислење за себе, и своите болести не ќе може да си ги препознае, па ќе мисли дека сите околу него се непријатели, и ќе почне да се бори против сите и против сѐ, само не со себе. Најтешко е човек да сфати дека има болест.
И меѓу верниците ја има таа појава, некои кои имаат одредена болест одбиваат да примаат лекарства, затоа што мислат дека само со света вода и света Причест ќе се исцелат од болестите, па затоа и болестите уште повеќе се влошуваат.
Во Руската црква веќе е воведена психијатриска помош и консултации за клирот од страна на искусни и православни психијатри, чија што дејност има загарантирана дискреција, па затоа и голем дел од клирот редовно комуницираат со соодветните специјалисти.
Кај нас сѐ уште нема такви црковни специјалисти, кои би им понудиле стручна помош на свештениците, па затоа единствено ни останува да се молиме за своите свештеници, да ги почитуваме и поддржуваме, да им покажеме љубов и почит, и да му благодариме на Бога што живееме во време кога сѐ уште имаме свештеници, сѐ уште имаме од кого да добиеме и благослов, и простување на гревовите, и најпосле, да го примиме и Христос, преку нивните раце.

Православна светлина бр. 67

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *