Спомени за отец Методиј (Петров) Валаамски (1961-2021)
Отец Методиј (Петров) е роден во Македонија, од православни родители, и уште млад го засака Бога и посака целосно да му се предаде, па така, преку Света Гора, стигна во Русија, и остана во Северната Света Гора, како што го нарекуваат манастирот Валаам, кој оживеа најмногу со доаѓањето на владиката Панкратиј и неговиот најблизок другар и сослужител – отец Методиј. Таму остана речиси 30 години. Познат е во црковните кругови како човек кој со цело срце ја засака Русија и верниот руски народ, без притоа да ја заборави родната Македонија, па така, иако самиот ништо не поседуваше, испрати огромни средства за изградба и обнова на многу македонски храмови и манастири, како и за украсување на истите. Господ Бог да си спомне за него и за неговите дела во Своето Царство. Се упокои на 22 јули 2021 година, поради компликации од Ковид-19.
Текстот кој следи го објавуваме како мала благодарност од нас, за сѐ што тој направи за Македонската Православна Црква. Неговите свети молитви и благослови од Небесната Црква да бидат со сите нас. Амин.
***
Се вели дека, мирјаните не треба да се дружат со монасите, оти монасите се оган. Со нив можат да дружат само оние кои живеат така, та да имаат сила да не се изгорат. Вадим Валеревич Базикин, заслужен пилот од Русија, кој има спасено стотици животи, веќе 30 години е близок другар и помошник на Валаамскиот манастир. На четириесеттиот ден од преставувањето пред Господ на неговиот духовен раководител, а може да се каже и брат во Христа – архимандритот Методиј (Петров), Вадим ги сподели своите спомени за него.
***
Како почнав да внимавам на монасите и што произлезе од тоа
Во 1989 година јас долетав на Валаам како прост љубопитник. Мојата душа бараше дела. Да ги снабдуваш со насушниот леб оние луѓе кои се отсечени од континентот, потоа ова веќе ми претставуваше нешто важно. Јас почнав да се грижам за монасите…
Потоа доживеав удар: „Мојата душа исто така изискува чистота!“ Така од 1993 година ние сѐ повеќе се зближивме со отец Методиј. Ми се допадна неговата едноставност, отсуството на лукавство во неговата душа, отвореноста, мекоста, дури и некоја нежност – околу него секогаш се собираа децата, а и тој самиот беше токму дете.
Се сеќавам, кога стана збор за помош на манастирот и на островот, некој рече: „Јас ќе го одберам надворешниот дел“, некој друг се нафати за внатрешните работи, јас се зафатив со неделното училиште и детскиот дом. Така со отец Методиј уште повеќе контактиравме.
Претходно ми се случуваше, на манастирските богослуженија едвај да ми поминуваат тие долги 4 часови… А потоа почнав да забележувам: доколку служи отец Методиј, времето лета незабележливо. Службата поминува како во еден здив. Ми се допаѓаше дури и неговиот глас, тој секогаш зборуваше многу мелодично. А на службите ти се чини како да си во некоја друга реалност: толку убаво стануваше сѐ одеднаш.
Не се работеше за храмот, таму одев и претходно, туку за некоја присутна надземна атмосфера. Таква беше неговата молитва! Јас сум веќе почесен пилот, но токму на неговите служби забележав што значи кога леташ и се издигнуваш над сѐ што е земно. Така постепено добив осет за тие бавни и долги манастирски богослужби.
Како е можно да умреш и да воскреснеш?
Потоа седнав да го препрочитам Достоевски. На училиште сето тоа некако го „претрчуваме“. Но, и во таа школска возраст, не можеш да го примиш сето тоа во сета негова длабочина, затоа што кај нив едноставно ја нема таа гревовна тиња, за да почувствуваш зошто таму неговите херои толку се мачат и кршат поради извршените дела… Како е можно да умреш и да воскреснеш?
Младите, како по правило, уште не ги знаат тие јазли, кои имаат долги патеки. Критичната маса на гревот тие уште не ја знаат, сѐ уште не толку детално. Затоа целата таа напнатост во неговите последни пет велики романи не е повторена.
А тогаш, во мачните деведесетти години, сиот претходен свет директно пред очите се рушеше и несфатливо беше, како повеќе ќе се живее… Јас тогаш бев пилот извидник. Но, никому не му беше дојдено до државата. Во тие години многумина беа скромно материјално обезбедени. Но главното е што, низ таа сиромаштија ние одеднаш многу силно почувствувавме недостаток на нешто повозвишено во својот живот! Текстовите на Достоевски ни помогнаа подобро да ја осознаеме суштината: каква е оваа празнотија? А само на Валаам ни успеа да ја пополниме. Слава Ти, Господи!
Да се видиш себеси вистински
Само на Валаам јас можев да почувствувам леснотија во тоа, да се сметаш себеси за последен човек, но не потиштен од тоа, не со омраза кон сите и кон сѐ, без да паѓаш во униние (безволност), туку радосен во својата надеж на Бога. Во тоа е и работата, дека многумина во нашата земја во минатиот век не се надеваа на Бога. А во тој случај – тоа е пат кон никаде. Дури надворешниот живот при нарушување на боговостановените закони почнува да пресушува, а што повеќе да се зборува за внатрешното разрушување.

Но, што можеме да сториме за себе? Да го наполниме замрзнувачот со продукти? Но, зарем во тоа е целта и смислата на животот? Јас не знам како тоа да го донесам до други, но самиот сфатив дека само преку длабок потрес Господ може да ти даде да се видиш себеси автентично, сета своја ништожност од перспектива на вечноста, што и да добиеш тука или дури што и да претрпиш, доколку негодуваш, завидуваш, осудуваш, сѐ е попусто – и подвизи, и трудови, и поднесување на маки и болести, ако ти не си со Бога.
Каде, каде е Господ?
И ете ти почнуваш да гладуваш по Бога како единствена смисла и надеж.Ете така живееше отец Методиј, и тебе постојано ти е потребен неговиот пример, неговиот опит, како камертон (тон за штимање) во твојот внатрешен живот. Ти тогаш веќе сите свои победи, и неуспеси, па дури и падови си му ги принесол на Господа. Едноставно како какј татко. Ете ме мене, Господи! Тука и почнува верата: не мислиш повеќе на никаков свој индивидуален, одвоен од Бога живот.
Општо, тоа е оскиморон: живот, одвоен од Бога. Такво нешто не постои, тоа не е живот. зошто отец Методиј секогаш беше толку едноставен, весел? Да, затоа што тој чекореше пред Бога. Што, зарем тој пред Господ ќе биде нешто, ќе се гордее, ќе се жали, ќе осудува некого? Глупости! Ете така покрај него чекориш и проникнуваш во тој живот радосно, синовски.
Потоа, се случува, ќе застанеш: си го изгубил Бога! И тука почнуваш да ползиш, како слепо кутре, повикуваш, бараш! Одново се враќаш на Валаам. Каде, каде е Господ? И тебе од твојата гревовна-пеколна јама, како и секогаш, светлиот отец Методиј, со насмевка те извлекува. Уште и со некоја шега ќе те укрепи, истресувајќи те и измивајќи те со молитвата: ти нешто си промашил: сите наши гревови – тоа е само прашина на љубеното чедо Божјо, само да се покаеме и стануваме! И одново веќе можеш да живееш, и да дишиш со полни гради. Ете така на Валаам умиравме во покајание и оживувавме, наоѓајќи Го Бога.
На гости кај Авел
Кога одиш на исповед кај отец Методиј, тој 7-10 минути молчеше, ти дозволуваше тебе да почнеш. И, ако при првиот обид се започне нешто на тема: колку е тешко времето и дека не можеш а да не згрешиш – отецот остро го менуваше правецот, настојуваше на покајанието… Преку неговите директни прашања откриваш кога и каде ти самиот си го навредил… Иако отецот ги поставуваше тие прашања некако великодушно, тој не ја затегаше, туку ја ослободуваше душата.
Некако при неговите распрашувања пред твојот духовен поглед сѐ стануваше сосема јасно и одеднаш, токму под дејство на неговата љубов и молитва, во душата изгоруваше сѐ – ти токму така и си се покајал, правејќи пепел од сѐ, така што никогаш да не се повторат. Исповедта кај него беше секогаш обнова на животот. Јас од Валаам се враќав како нов!
А во светот пак пропаѓаш во тие каинови секојдневија… Излегуваш од својата родна Вирица и откако ќе го претекнеш и десеттиот автомобил, веќе ги чувствуваш брановите на гневот, раздразливоста: тоа те обзема… Ти веќе резонираш според лудата суета.
А кога стасуваш на Валаам, демоверзијата на овој свет како да ја исклучуваат. И овде е како во молитвата „Отче наш“: како на Небото, така и на земјата. Тука си на гости кај Авел. И неговите жртви се угодни на Бога. И тој со својата христоподобна кротост те ослободува од тежината на злобата. Ти си одново, буквално, во детството, едноставен и јасен.
Се враќаш од Валаам, и ти некое време едноставно не си способен ни за агресија, ни за дрскост. Само за љубов, таа како да станува органски дел од тебе. Потоа чувствуваш дека те гледаат како бел гавран, те провоцираат… Ти некое време го издржуваш ударот, а потоа тебе сета тежина на светот те напнува. И ти пак мораш да одиш на Валаам!
Можност за внатрешна ревизија
Понекогаш, очигледно, Небесниот свет веќе презема мерки. Она што ни се чини катастрофа на умирањето, всушност нѐ реанимира за вечен живот. Се сеќавам, во 2006 година западнав во страшна сообраќајка. Пијан возач удри во мојот автомобил со брзина од 140 км на час. Некако се извлеков од кабината. лежам, сфаќам дека ми е прекината артеријата, крв прска на сите страни, две отворени скршеници (лекарите потоа најдоа повеќе од 100 скршеници само на едната нога)…
Но, првите минути – тоа е избор на душата. Но, – размислуваш – колку време ти е дадено? Вртам во брза помош, а потоа кај отец Методиј. Му кажувам дека лежам, имав сообраќајка, и најверојатно нема да преживеам: „Помоли се, отче…“ – „Каде си?“ – извика тој. Му објаснив. Тој дури и не ме слушаше веќе.
Веднаш го повикал отец Фотиј, тој повикал брза помош, и се покажа дека сум направил сообраќајка во близина на нивното Валаамско подворје. Така што, кога буквално за неколку минути стигна брзата помош, таму веќе беше еден валаамски монах. Лекарите ми ставија некои завои, кои ја спречуваа загубата на крв. Ме однесоа во болница.
А потоа таму веќе отец Методиј за мене се молеше. Тогаш поминав 122 дена во болница, а 90 од нив без движење. Во тој период прочитав многу книги, и не само класична литература, која многу ја сакам. До ден денешен со благодарност си спомнувам на нашата наставничка по литература. Но, јас тогаш напамет ги научив сите молитви: утрински, вечерни правила, некои псалми. Така што понекогаш Господ дава можност за внатрешна ревизија.
Треба постојано да се усовршуваме
Се сеќавам, самиот отец Методиј секоја своја болест ја нарекуваше „смртоносна“. Се разбира, од тоа мене внатрешно ми доаѓаше да се насмеам, но сфатив што тој имаше предвид: „Дајте ми малку да се одморам“. Кога ќе почувствуваше дека не може да се справи со вртлогот на суетата, нему му требаше одмор. Ова не можеше да го каже директно, за да не навреди некого, но и тој имаше потреба од одмор! Постојано примаше луѓе, по цели денови беше на телефон.

Еднаш го однесов отецот на Камчатка. Таму можеше да се одвои од сѐ, уживаше во неракотворното величие на природата. Се разбира, таму духот се привлекува! На Валаам е прекрасно, но таму има неспоредлива широчина и едноставно рајски пејзажи. Отец Методиј воопшто не се одвојуваше од авионскиот прозор, постојано гледаше и гледаше кон тие планини, и при полетувањето и кога веќе летавме. Толку многу беше восхитен. А главното е што тој во сѐ и секогаш го гледаше Бога. Неговата десница. Го славословеше Создателот. Општо, често спомнуваше дека Бог е секогаш тука, доколку не го гледаме, тоа е затоа што нашите срца не се очистени. Постојано треба да се усовршуваме. И злото има своја динамика, а ние не смееме да се откажуваме.
Тајната на духовното раѓање
Односите со отец Методиј никогаш не беа статични: еднаш ти е другар, еднаш раководител, еднаш ненадејно за тебе вашата дружба, проникната со неговиот радосен дух, постојано себеодрекувачка љубов, се раѓа повторно во нешто друго, кое претходно не си го доживеал во таква длабочина – во братство.
Веројатно, тоа е она што им е познато на искрено ревносните монаси, но на секој мирјанин ова духовно раѓање не му се открива.
Отецот како да живееше во Христовите пазуви, иако таа блискост кон Бога се достигнува со голем внатрешен подвиг за победа над своите страсти, па така тој и умре: лекарите велеа дека демоните, го мачеле додека лежел во болницата (на медицински јазик тоа се вика халуцинации), а потоа сите еден по друг го ослободиле, тој почувствувал мир и благост, некому дури и му се јави во сон, некого успеа да предупреди, а мене се обиде порано да ме успокои…
…Утрото беше тивко и радосно, а потоа тој едноставно ги крена рацете, како при возгласот на Литургијата, и Му ја предаде душата на Бога. И неговото лице остана така светло и среќно. Синот си замина кај својот Отец. Сѐ што му беше заповедано, колку што можеше се потруди да го исполни. Средбата со Христа за таквиот ученик е посакувана.
Текстот го запишала Олга Орлова, на 30 август 2021 година.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 59