Свештеник Јани Мулев
Од нашата вера и односот со Бог зависи односот кон луѓето, кон животот и смртта, кон сѐ што нѐ опкружува. Колку сме подалеку од Бог, толку сите тие односи се ладни или искривени. Свештениците се пастири и богослужители и духовници и просветители. Во нивната пастирска служба често се соочуваат со луѓе кои бараат помош за разни проблеми и ситуации. Многу често од свештениците се очекува да направат чудо: да исцелат болест, бездетност, вознемирено дете итн. Во изминативе години се уверив во фактот дека многу често луѓето кои бараат некакво чудо од свештениците, па голем дел и од оние кои веќе доаѓаат на исповед, самите тие немаат доволно искреност. Не ги кажуваат до крај работите, ги заобиколуваат главните и големи теми, а се фаќаат за ситници. На пр. се жалат дека детето им плаче во сон, дека е вознемирено, а не кажуваат дека самите родители секој ден и по цел ден се караат, или имаат алкохоличар дома. Се поставуваат како жртви, барајќи сочувство и сожалување, а од друга страна не ги кажуваат гревовите и злите дела кои им ги прават на најблиските. Токму такви услуги добиваат од бајачите и гатачите, кои ќе им препорачаат да направат неколку ритуали, и со самото тоа „проблемот“ ќе исчезне. И истите тие луѓе кога доаѓаат кај свештеник, очекуваат тој да им биде како бајач, и само со еден ритуал, со една молитва, да им ги реши проблемите. А за гревовите никој не спомнува. Вера без обврски и одговорност.

Се сеќавам на еден случај, кога двајцата сопружници постојано живееја во тензии, домашен раздор, обострани неверства, и нивната ќерка почна да покажува знаци на депресија, потиштеност. За да го решат проблемот, детето го однесоа кај еден познат исцелител, кој веднаш „виде“ дека девојчето е демонизирано, и го стави на третмани, коишто чинат 50 евра. Се разбира, родителите прифатија, затоа што никој не побара од нив никаков напор, и така после 10 такви третмани демоните беа истерани. Се вратија среќни и задоволни дома, ем детето излечено, ем тие си продолжија со својот двоен живот. Ако бајачот беше од Бога, ќе ги видеше нивните гревови и ќе ги посоветуваше да се откажат од гревот, но, што си бараа, тоа и си добија.
Старецот Пајсиј Светогорец раскажува еден случај, кога еден човек дошол кај него да го замоли да се моли за неговата жена, затоа што и лекарите кренале раце од неа, па само молитвите останале единствена и последна надеж. Старецот му рекол на човекот да се откаже од цигарите, и тој го послушал, и по еден месец се вратил за да му се заблагодари. Навистина оздравела неговата жена. По една година пак почнал да пуши, и жената уште потешко се разболела. Пак отишол кај старецот Пајсиј, а тој му кажал дека веќе го знае лекот, доволно е да ги остави цигарите.
Истиот старец раскажува уште еден случај, кога кај него дошол човек од Германија, чијашто ќерка почнала да се парализира. Лекарите веќе не можеле ништо да сторат. Човекот барал совет или лек од него. Старецот му рекол, штом не може да се моли, не може да прави метании, тогаш да ги остави, или барем да ги намали цигарите, бидејќи тој пушел по 4 кутии дневно! Таткото му рекол, прво нека оздрави детето, па тогаш би ги оставил цигарите. Старецот инсистирал на тоа, самиот татко да направи некаква жртва за детето, да се откаже од една страст, а таткото, иако велел дека заради детето би се фрлил и од тераса, сепак не ги оставал цигарите. На крај си заминал без да ги остави цигарите. Како да му се помогне на човек што не сака да послуша? – заклучува старецот Пајсиј.
Свети Јован Златоуст, толкувајќи го настанот со Воскресението на Лазар, вели, зошто Христос им заповеда на луѓето да го тргнат каменот, та зарем Оној Кој воскресна мртовец, да не може еден камен да помести? Но, Господ им заповедаше на луѓето да помогнат, за да имаат и тие учество во чудото, да станат Божји соработници.
Секогаш кога имаме некаква болест, страдање, несреќа, да се присетиме на нашиот живот, на нашите дела, кому и колку сме му згрешиле, какви сме кон Бог и кон нашите блиски, кон луѓето од нашето опкружување, и никогаш да не кукаме и да не се сметаме за невини жртви и маченици. Бог ни дал духовна медицина во Црквата, и тука во нејзините свети таинства ќе најдеме лек и утеха на секоја болест, на секој проблем, но пред Господ да нѐ воскресне духовно, најпрво ние да се потрудиме да го тргнеме каменот од нашето срце, да се покаеме за сите гревови, искрено и од срце, и тогаш и без да бараме, Христос Господ ќе ни ги исцели раните, ќе ни помогне да зачекориме по вистинскиот Пат, и ќе најдеме одговор на нашите проблеми и тешкотии. Да ја познаеме вистината (Христос), и вистината (Христос) ќе нѐ ослободи (Јован 8,32).
Православна светлина бр. 57