(Извадок од животот на романскиот активен свештеник отец Николае Танасе)
Отец Николае Танасе е брачен свештеник во Романија, кој во мрачниот период изградил многу цркви, детски домови, домови за самохрани мајки и старци. Неговиот подвиг, кој произлегува од неговата длабока вера и доверба во Бог, како и од неговата пожртвуваност, ретко кој би можел да го следи. Во редовите кои следат самиот тој опишува еден настан од неговиот живот, но од скромност, раскажува во трето лице, како да се работи за некој друг, а не за него.
„Си беше еден свештеник кој никогаш немаше отидено на одмор. Еднаш, конечно успеа со неговото семејство (попадијата и шесте деца, од кои едно посвоено), да се организираат за одмор, но му се јави игуманијата од еден манастир и го повика да помогне при убедувањето на една девојка да не абортира. Отецот замина во манастирот и помина таму 19 денови во манастирот. Ноќе долго разговараше со девојката, а дење таа одеше на работа, додека отецот одмараше. Меѓутоа, во текот на денот, нејзината тетка, искушана од демонот, ги уништи сите добри работи кои свештеникот успеа да ги посее во душата на девојката во текот на тие бденија. Свештеникот и девојката го напуштија манастирот во ист ден, со ист воз. Таа слезе на една станица во градот, каде што нејзината тетка имаше закажано абортус, додека тажниот свештеник продолжи понатаму. Неговата тага беше толку голема што ниту еднаш не отиде во тој манастир во следните девет години. Но, еднаш, за време на една студена ноќ, тој немаше друга опција, освен да преспие во манастирот. Вечерта остана таму, а утрото отиде во црквата за да служи Литургија. Игуманијата го запраша, зошто не ги посетувал толку многу години, а тој ѝ кажа дека бил многу тажен затоа што не успеал да ја наговори девојката да не абортира. Но, игуманијата му кажа дека тоа не е точно, и го однесе настрана да види нешто. Во истиот ден во манастирот дошла и таа девојка, но овој пат со нејзината деветгодишна ќерка.
„Но, што се случи со тебе? Нели ти замина со поинаква одлука? – ја праша свештеникот.
Жената му одговори дека најпрво се качила на столицата за абортус, и ѝ била пуштена анестезија. Но, кога дошол лекарот, таа одеднаш скокнала и сакала да се ослободи. Сестрата која асистирала два пати ја удрила со плаканица, за да ја освести, и ѝ помогнала да се качи пак на столицата. Таа повторно скокнала од столицата и почнала да вика, а лекарот се повлекол. Младата жена одела низ болницата со анестезија, потпирајќи се на ѕидовите. Таа го спасила животот на бебето“.
Тоа е едно од многуте чуда, кои Бог ги извршил за да му даде радост на неуморниот мисионер. Кога нема ниту трага на човечка утеха, Бог интервенира.
Господи, дај ни желба за добри дела, и нека биде по Твоја волја. Амин!
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев