(1/14 ноември)
Светите бесребреници Козма и Дамјан биле браќа, родум од Азија. Нивниот татко бил многубожец, а мајка им по име Теодотија – христијанка. По смртта на нејзиниот маж останала вдовица, која што своето време го поминувала во усрдно служење на Христа, посветувајќи го целиот свој живот во угодување на Бога. Таа била како онаа вдовица која што ја величал апостолот: „вистинска вдовица… која што откако останала сама, се надева на Бога, пребивајќи во молитва дење и ноќе“. Живеејќи богоугодно, Теодотија ги научила на тоа и своите возљубени чеда Козма и Дамјан, воспитувајќи ги во доброто поучување во христијанската вера, во изучување на Светото Писмо и во секоја добродетел.
Кога станале полнолетни и се утврдиле во непорочниот живот во Господовиот закон, Козма и Дамјан биле како два светилника на земјата, коишто светеле со добри дела. Тие го добиле од Бога дарот на исцелението и дарувале здравје на душите и телата, лекувајќи секаква болест, исцелувајќи секаков недостаток и секаква нечистотија помеѓу народот и изгонувајќи ги злите духови. Им помагале не само на луѓето, но и на животните. Од никого не земале ништо, бидејќи сето тоа го правеле не за печалба, не за збогатување со злато и сребро, но заради Бога, сакајќи преку љубовта кон ближниот да ја изразат својата љубов кон Него. Преку исцеленијата тие ја барале не својата слава, но Божјата, и исцелувајќи ги луѓето за прослава на името на Господа, Тој им дарувал сила за исцеление. Тие избавувале од болестите не дотолку со билки, туку со името на Господа, без пари и награда, туку дарум, исполнувајќи ја Христовата заповед: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. Затоа го добиле од верниците името „бесребрeници“, оние кои не земаат сребро за лечење.
Откако ги преминале добродетелно пречките на својот земен живот, мирно и благочестиво починале. Се прославиле со многу чудеса, не само за време на својот живот, но и по својата смрт, како големи застапници и добри исцелители на нашите болести, душевни и телесни.
За нив постои следното предание:
Една жена, по име Паладија, многу години лежела болна и не добивала никаква помош од најразлични лекари. Кога чула дека светите Козма и Дамјан исцелуваат секакви болести, таа испратила молба до нив да ја посетат пред нејзината смрт. Светиите ја примиле нејзината молба, отишле во нејзиниот дом и таа жена веднаш добила исцеление, според нејзината вера, со самото доаѓање на светите лекари кај неа станала од креветот здрава, славејќи Го Бога, Којшто им дарувал на Своите слуги таква благодат за исцеление.
Од благодарност кон своите лекари за стореното благодејание таа посакала да им даде подарок. Но тие никогаш не земале ништо од никого, затоа што не ја продавале благодатта, која што ја имале од Бога. Жената имала намера да го убеди барем едниот од нив да прими од неа макар и најмал дар: таа зела три јајца и тајно отишла кај свети Дамјан и го заколнала во Бога да ги земе од неа тие три јајца во името на Света Троица. Дамјан, кога го чул името на Триединиот Бог, го примил од жената тој мал дар, заради великата клетва, со која што го заколнала. Свети Козма, откако разбрал за тоа, многу се натажил и пред својата смрт дал завет да не го погребаат свети Дамјан близу до него, бидејќи тој ја нарушил Господовата заповед и зел од жената награда за исцелението.
Свети Козма починал во Господа, а дошол часот на смртта и на Дамјан и тој се претставил од земниот живот во вечниот. Луѓето, бидејќи не знаеле каде да го погребат Дамјан, затоа што знаеле за заветот на свети Козма и не смееле да го положат брат му близу до него. Додека биле во дилема како да постапат, дошла една камила, којашто пред тоа била бесна и добила исцеление од светителите. Таа проговорила со човечки глас да не се колебаат да го погребат Дамјан близу до Козма, бидејќи тој ги зел трите јајца од жената не заради награда, но заради Божјото име. Така нивните чесни мошти биле положени заедно во местото Фереман.
Еднаш, во време на жетва, еден од месните жители излегол на својата нива да жнее. Изнемоштен од жегата, тој посакал да се одмори и отишол под дабот, легнал и длабоко заспал. Додека спиел, преку неговата отворена уста влегла змија. Откако се разбудил, земјоделецот не почувствувал никаква болка и одново почнал да работи на својата нива. Но вечерта, кога се прибрал дома и по вечерата си легнал, почувствувал страшна болка бидејќи змијата започнала да ја раскинува неговата внатрешност. Од неподносливите страдања започнал да вика и ги разбудил сите домашни. Тие дошле кај него, и гледајќи ги неговите страшни измачувања, не можеле да му помогнат со ништо. Тие дури не можеле да разберат каква е таа болест. Тогаш болниот, откако не добил никаква помош од околните, прибегнал кон брзите свети помошници Козма и Дамјан и воскликнал: „Свети лекари Козма и Дамјане, помогнете ми!“ Светителите веднаш побрзале со својата помош: болниот заспал длабоко, и за време на сонот змијата излегла од неговата уста. Сите, кои што го виделе тоа чудо, се згрозиле и ги прославиле светите угодници. Кога змијата излегла, мажот се разбудил и со помошта на светите бесребреници оздравел целосно.
Во тоа место имало друг маж по име Малх. Тој живеел близу до храмот на светите лекари Козма и Дамјан во Фереман. Имајќи намера да тргне на долг пат, тој ја однел својата жена во храмот и ѝ рекол: „Ете, јас тргнувам на далечен пат, а тебе те доверувам на закрилата на светите Козма и Дамјан; остани дома, додека не ти испратам знак за себе, којшто ти ќе го познаеш дека е мој. И ако посака Бог, потоа ќе те земам кај мене“. Откако ја доверил својата жена на светителите, Малх тргнал на пат. По неколку дена ѓаволот примил образ на еден познат човек, и откако дошол кај жената, го покажал тој знак, кој што ѝ го покажал нејзиниот маж, и ѝ рекол: „Ти го праќам знакот и ќе те земам кај мене“. „Твојот маж – рекол тој – ме испрати да те доведам кај него“. Жената одговорила: „Го познавам тој знак, но не сакам да отидам, затоа што сум доверена на светите Козма и Дамјан, и ако сакаш да дојдам со тебе кај мојот маж, дојди со мене во храмот на светителите, допри се до крајот на олтарот и заколни се, дека нема да ми сториш никакво зло по патот“. Ѓаволот ветил и, откако влегол со неа во храмот, се фатил за крајот на олтарот, се заколнал и рекол: „Се колнам во силата на светите Козма и Дамјан, нема да ти сторам никакво зло по патот, но ќе те одведам кај твојот маж“. Откако ја чула клетвата, жената поверувала на лажниот бес, којшто се јавил под ликот на нивни познаник, и тргнала со него на пат. Измамникот ја завел на пусто и непроодно место со намера таму да ја повреди и убие. Кога се видела во крајна опасност, таа ги кренала очите кон небото и од целото свое срце извикала кон Бога: „Боже, по молитвите на Твоите светители Козма и Дамјан, помогни ми и побрзај да ме избавиш од рацете на овој убиец!“ И веднаш се појавиле брзите помошници, светите бесребреници Козма и Дамјан. Ѓаволот, кога ги видел, ја оставил жената и побегнал, а кога се искачил на високиот брег, тој паднал во пропаста и исчезнал, а светителите ја зеле жената и ја одвеле дома. Таа им се поклонувала и велела: „Ви благодарам, господари мои, што ме избавивте од горчлива погибел. Ве молам, кажете ми, кои сте вие, за да знам кому да му оддавам благодарност до крајот на својот живот“. Тие одговориле: „Ние сме Христовите слуги Козма и Дамјан, на коишто те довери твојот маж, пред да тргне на пат, па затоа побрзавме кон тебе на помош и по Божјата благост те избавивме од ѓаволот“. Кога го чула тоа, жената паднала на земјата од страв и радост, а светителите станале невидливи. И таа воскликнувала, восхвалувајќи и благодарејќи Му на Бога и на Неговите свети слуги Козма и Дамјан. Кога дошла во храмот, паднала со солзи пред иконата на светителите и им раскажувала на сите за тоа што се случило, односно, за тоа како Господ покажал милост кон неа по молитвите на Своите угодници, и се молела со овие зборови: „Боже на нашите отци Авраам, Исаак и Јаков и нивното праведно семе! Ти си ја угасил огнената печка за трите момчиња, Ти си ѝ помогнал на Својата слугинка Текла пред мачителите; Ти благодарам, што ме избави и мене, грешната, од ѓаволската мрежа, преку Своите угодници, светите Козма и Дамјан. Ти се поклонувам Тебе, Којшто вршиш величествени и преславни чуда, и Те славам Тебе, Отецот и Синот и Светиот Дух во веки. Амин.
Тропар, глас 8:
Свети бесребреници и чудотворци, Козма и Дамјане, посетете ги нашите немоќи, дарум добивте, дарум давајте ни.