Во една пештера живеел еден стар монах. Со години не излегувал од неа, само храна му носел еден од браќата од соседниот манастир. Едно утро наместо тој брат, храна му донел игуменот на манастирот. Сиот тажен почнал да му се жали на стариот монах, кој секогаш имал одговор на сите прашања.
– Знаете, отче, манастирот ќе ни се запусти, нема нови монаси, немаме мошти за да доаѓа народот кај нас. Некако и ние се отуѓивме, како да сме вид во изумирање. Браќата едвај разговараат помеѓу себе, секој секому му пречи.
Старецот го сослушал и почнал да се смее.
– Вие сте тажни? Па зарем е тоа можно на такво место!
– Какво место? – прашал игуменот.
– Меѓу вас има еден свет човек, а вие очајувате и тагувате.
Игуменот се замислил додека слегувал кон манастирот, размислувал во себе, кој би можел да биде, и секому му наоѓал маана. Се вратил во манастирот и им раскажал на браќата што слушнал.
Но, оттогаш во манастирот се раширила некоја чудна радост.
Сите биле весели и внимателни еден кон друг. Секој се сомневал во секого, дека другиот е ој светител, сите пазеле на другите, ги слушале и ги почитувале.
Тоа и народот го забележал и почнал со радост да доаѓа кај нив. И братството се зголемило.
Тогаш игуменот пак отишол кај старецот.
– Отче, ја сфатив пораката. Сите внимателно ги набљудував и детално, сите вредат како злато, јас не можев ни да замислам што сме имале сѐ додека не почнав да ги следам.
Старецот се насмеал и рекол: Сите луѓе се добри, сами ние сме виновни што во секого го бараме само она најлошото.
Превод: Свештеник Јани Мулев