„Не можеме да не одбележиме една извонредна карактеристика во карактерот на старецот, имено – неговиот однос кон секој човек што размислува поинаку од него. Најискрено и длабоко тој сака да го разбере секој таков човек на најдобар начин и да не го ожалости она, што е свето за него. Секогаш остануваше верен на себеси; беше целосно убеден, дека „спасението е во Христовото смирение“ и заради тоа смирение сакаше секого да го разбере на најдобар начин; го доловуваше секое движење на човековата душа, особено способноста да се љуби Христос.

Се сеќаваме на разговорот на старецот со еден архимандрит, мисионер помеѓу неправославните. Тој архимандрит многу го почитуваше старецот и за време на неговите посети на Света Гора честопати доаѓаше да разговара. Старецот го праша како проповеда. Архимандритот сè уште млад и неопитен, движејќи со рацете и со целото тело, возбудено одговори:
- Јас им велам: вашата вера е блудство; кај вас сè е изопачено, сè е невистина и доколку не се покаете, нема спасение за вас.
Старецот откако го ислуша го праша:
- Кажи, отче архимандрит, веруваат ли тие во Господ Исус Христос, дека Тој е вистинскиот Бог?
-
Во тоа веруваат.
-
А, ја почитуваат ли Божјата мајка?
-
Ја почитуваат, но погрешно учат за неа.
-
Светителите ги почитуваат?
- Да, ги почитуваат, но нели се отпаднати од Црквата, какви светители може да имат?
- Извршуваат ли богослужби во храмот, го читаат ли Словото Божјо?
- Да, и цркви, и служби имаат, но ако можете да видите, какви им се службите, какво бездушие во споредба со нашите.
- Видете, отче архимандрит, душата им знае, дека постапуваат добро, дека веруваат во Господ Исус Христос, дека ја почитуваат Божјата Мајка и светителите, дека ги повикуваат во молитвите, затоа, кога им зборувате, дека нивната вера е блудство, тие нема да ве послушаат… Но доколку им велите на луѓето, дека прават добро, како веруваат во Бог; прават добро, почитувајќи ја Божјата Мајка и светителите; прават добро, одејќи на богослужение во храмовите и кога се молат во своите домови и читајќи го Словото Божјо и сл., но, во нештата во кои допуштаат грешка, таа треба да се поправи, тогаш сè ќе биде во ред; и Господ ќе се радува за нив; и така сите ќе се спасиме по Божјата милост… Бог е љубов, затоа и проповедта секогаш треба да извира од љубов; тогаш ќе има полза и тој, што проповеда, и тој, што слуша; а доколку противречите, луѓето нема да ве слушаат и нема да има полза„
Превод од бугарски јазик:
Звонко Алексов, студент на Теологија
Изворник:
Архим. Софроний (Сахаров) –
“Свети Силуан Атонски”, стр. 79-80;
Омофор, София, 2008
Православна светлина бр. 27