Како Јосиф Целомудрениот е праобраз на Христос?

Spread the love

Loading

Јосиф бил сакан син, најомиленото дете на Јаков. Него го сакал повеќе од сите свои деца, затоа што го заслужувал тоа. И нему му подарил единствена облека, прекрасна туника: „А Јаков го љубеше Јосиф повеќе од сите свои синови… и му направи шарена облека“ (1.Мојс. 37,3).
Сакан Син е и Христос – Возљубениот Син на небесниот Отец. За Него се чу гласот на небесниот Отец при Крштението и Преображението: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение“ (Мат. 3,17; 17,5). И Христос, како Единороден Син на Отецот, има единствена „облека“ од Отецот – облеката на Божеството. Христос е Единородниот Син и Слово Божјо и вистински Бог.

На Јосиф му завидоа неговите браќа. Не можеа да ја поднесат неговата возвишеност, ниту да се радуваат на радоста на својот брат. Истото се случи и со Христос. Го намразија и Му завидуваа „луѓето Божји“ – првосвештениците и фарисеите. Пилат „знаеше дека од завист Го предадоа“ (Мат. 27,18). Зависта е првична страст која ги раѓа другите; потоа следуваат омразата, злобата, злите замисли и богоборните дела. Не можеа да ја поднесат Христовата возвишеност и Неговото влијание врз народот.

Браќата решија да го убијат невиниот Јосиф. Тајно се договорија и рекоа: „Ајде да го убиеме“ (1.Мојс. 37,20). „Смислија да го убијат“. Истото и во случајот со Исус: советувања и заговори за да се отстрани опасниот за нив Учител. „И се договорија да Го фатат Исуса со измама и да Го убијат“ (Мат. 26,4). Старешините на Израил, првосвештениците, книжниците и фарисеите се советуваат како да Го фатат и убијат Исус, најизбраниот меѓу нивните браќа. Тоа „ајде да го убиеме“ од браќата на Јосиф се слуша и во параболата за злите лозари, каде јасно се означува одлуката на Јудејците да Го убијат Исус.

Браќата го продадоа Јосиф за дваесет златници: „И го продадоа Јосиф на Исмаилците за дваесет златници“ (1.Мојс. 37,28). А од сите браќа, оној што ја предложи таа постапка беше Јуда. Јуда е и во случајот со Христос орудието на оваа најнеправедна и најсрамна трговија. Го продаде Христос за триесет сребреници: „И му одредија (на Јуда) триесет сребреници“ (Мат. 26,15).

Јосиф страдаше и трпеше – и од своите браќа и од туѓинците, Египќаните. Браќата го фрлија во длабока јама за да го растргнат ѕверовите, а Египќаните го фрлија во затвор како виновен, иако беше невин. Жртва на клевета беше чистиот и праведен Јосиф. И Христос страдаше и трпеше како човек. Неговите браќа, Јудејците, Го предадоа на страдања и Го мачеа. Но и туѓинците – Римјаните – на кои им беше предаден, исто така Го мачеа. Беше фрлен во затвор, изведен како злосторник пред суд, осуден како обичен престапник и на крајот распнат на Крст.

Јосиф не остана засекогаш понижен. Од понижувањето на јамата и затворот беше воздигнат во слава. Фараонот го извади од длабочината на затворот и го постави за владетел: „Еве, те поставувам денес над целата земја Египетска“ (1.Мојс. 41,41). Ова е праобраз на славното Христово Воскресение. Христос слезе во јамата на смртта и гробот, но не остана таму долго – воскресна во третиот ден. По страдањето доаѓа славата; по Крстот – Воскресението.

И последната праобразна слика: Јосиф, како управител на Египет, во време на глад ги отвори своите житници и стана хранител, ги нахрани гладните браќа. Хранител е и Христос. Неговите „житници“ се неисцрпни. Секогаш дава и Се дава „за храна на верните“. Нѐ храни со Својот божествен Леб и напојува со Својата чесна Крв. Ги храни верните преку Светата Причест.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!