Сушењето на неплодната смоква

Spread the love

Loading

Свети Игнатиј Брјанчанинов

Неплодната смоква беше богата со лисја. Само со лисја. За ова дрво Светото Писмо, во расказот за падот на првосоздадените отци, ни вели дека смоквата била едно од дрвјата во Рајот. Од неа Адам и Ева зедоа лисја за да ја покријат својата голотија. Пред да паднат во грев, нашите праотци воопшто не чувствувале дека се голи. Тогаш не ја чувствувале својата голотија. Тоа им го покажа гревот потоа. Ова ни кажува дека мора да е правилно мислењето на светите отци, кои ни велат дека забранетиот плод бил смоква.

Упатувајќи се кон Ерусалим Господ, ни вели Евангелието, огладне. И отиде до една смоква. Но на неа не најде плод. И со право не најде. Зашто го бараше кога не е време за смокви. Господ допушти да почувствува глад ненавремено. Тоа го направи за да покаже дека желбата на праотците да јадат од забранетиот плод не била правилна; била ненавремена. Затоа отиде кај смоквата ненавремено, во годишно време кога не беше време за смокви. Затоа огладне кога не е време за смокви. Бидејќи дојде да ги подигне и исправи сите наши лоши желби. И да ги избрише.

Отиде, значи, Господ кај смоквата. Но на неа не најде плод. Најде само лисја. И тоа многу зелени. Но не се трогна од нив. И ја осуди неплодната смоква. И ја проколна. Не само нејзината неплодност. Го проколна целото дрво (δένδρο – дендро). И смоквата се исуши. А Христос на нејзино место засади едно друго дрво; или (како што вели Писмото) едно друго „дрво“ (ξύλο – ксило, обработено неживо дрво): дрвото на Крстот, кое го подготви да стане орудие на нашето спасение.

Дрвото — орудие на падот и пропаста — се исуши. Го исуши заповедта на нашиот Господ и Спасител. Ова чудо, чудо полно со таинствено значење, Господ го изврши само пред Своите ученици; само пред светите апостоли; само пред оние на кои благоволи да им ги открие длабочините на Духот.

Ова чудо се случи малку пред нашиот Богочовек Искупител да го започне Своето најголемо дело, пред да нè ослободи од оковите на гревот и на ѓаволот со Своите страдања и Својот Крст; малку пред да се искачи на Крстот; малку пред да го засади дрвото на Крстот и да го претвори во дрво на животот.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!