Молитва 1
Кон вас, свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјане, како кон брзи помошници и топли молитвеници за нашето спасение, ние недостојните (имињата), клекнувајќи на колена, прибегнуваме и припаѓајќи усрдно повикуваме: Не презирајте ги молењата од нас грешните, немоќните, кои паднавме во многу беззаконија, и кои во секој час и ден грешиме. Умолете Го Господа, да ни даде, нам недостојните Негови чеда, од Својата богата милост: избавете нѐ од секоја мака и болест, бидејќи вие примивте од Бога и Спасителот наш Исус Христос непотрошлива благодат за исцелување, поради цврстата вера, бесплатното лечење и вашата маченичка смрт. Да, угодници Божји, не престанувајте да се молите за нас, кои со вера кон вас итаат: иако според мноштвото на нашите гревови и не сме достојни за вашето милосрдие, сепак, вие, верни и вистински подражатели на Божјото човекољубие, направете, да принесеме плодови достојни за покајание, и во вечниот покој да достигнеме, фалејќи и благословувајќи Прекрасниот во Своите светии Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и вашето топло застапништво, сега и секога, и во вечни векови. Амин.
Молитва 2
Славни чудотворци, бесплатни лекари, Козма и Дамјане! Вие уште од младоста Христа Бога Го возљубивте и Неговите заповеди со сето срце ги запазивте, иако се посветивте на лекарска наука, но поради вашиот добродетелен живот и душевна чистота, со силата на Христа Бога, не само лекарската вештина, туку и изобилната благодат за исцелување на секакви неизлечиви болести од Бога примивте. Па оттаму со љубов и милосрдие поттикнувани кон страдалниците, не само на луѓето, туку и на животните им давате исцеление од болестите, со небројното мноштво од вашите чудеса сите свет го полните, и не само телесни болести лечите, туку и со верата Христова душите ги просветувате, укрепувате во трпењето на болестите, во тешките болести поучувате за поправање на животот и кон Христа со покајание привлекувате. Затоа сега и нас, кои се поклонуваме пред вашата чесна икона, брзо послушајте нѐ.
Младите деца, кои бараат од вас помош во учењето, со вашите молитви насочете ги, да ревнуваат според вашето житие, та не само земско учење да стекнат, туку уште повеќе во побожноста и вистинската вера непрестајно да напредуваат. На оние кои лежат болни во постела, очајни зашто немаат човечка помош, кон вас со вера и усрдна молитва прибегнуваат, дарувајте им исцелување на болестите, со вашата милостива и чудотворна посета. Оние кои во болест и лути рани многупати паѓаат во униние, малодушност и негодување, со дадената ви од Бога благодат во трпението утврдете ги, и поучете ги, да ја разберат за нив Божјата волја, света и совршена, и самите себеси и својот живот на волјата на Христа Бога да го предадат. Оние кои се во болести и пороци, кои не се трудат за поправање на својот живот, кои не се каат за гревовите, по срце ожесточени, дајте им скрушеност за спасение и кон покајание повикајте ги, па и немоќни да се по тело, здрави да бидат по душа, и да станат причесници на Божјата спасителна благодат. Браќата на овој свет храм, доверени од Бога на вашето свето застапништво, и сите кои усрдно прибегнуваат кон вас сочувајте ги неповредени од долго боледување, од болести тешки и неизлечиви, од изнемоштување на телото, од пореметување во умот, од смртоносни повреди, од ненадејна смрт, и со вашето моќно застапништво пред Бога сочувајте ги цврстите во вистинската вера, кои успеваат во побожноста, и усрдни во добри дела, во молитва кон Бога упорни, та заедно со вас да се удостојат во идниот век секогаш да го воспеваат и слават сесветото и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, во вечни векови. Амин.
Избрани чудотворци, бесребреници Христови и лекари премудри, кои дарум им давате здравје на болните, пофални песни ви пееме вам, на нашите застапници и во маките помошници; бидејќи вие сте вистински садови на благодатта, ги исцелувате нашите телесни и духовни рани. Затоа, славејќи Го Бога, Прекрасниот во Своите светители, вас усрдно ве ублажуваме: Радувајте се Козма и Дамјане, свети бесребреници и преславни чудотворци. (Прв кондак од акатистот)
Превод од руски јазик:
Свештеник Јани Мулев