Архимандрит Рафаил Карелин
Христијанството – тоа е религија на љубовта. Бог му се открива Себеси на светот како љубов. Христијанството – тоа е жртвена љубов. Овде Бог го утврдува принципот на вечно постоење како љубов, со тоа што Самиот Себеси се принесува на жртва. Оваа тајна – распнувањето на Бог заради човекот – ги доведувала до вчудовиденост, стравопочит и трепет оние, пред кои се откривала бездната на Божествената Љубов – бескрајна како самото постоење.
Светиот апостол Јован Богослов во Евангелието му го открива на светот новото име на Бога: тоа име е Љубов. Господ во последната беседа на учениците им заповедал да се љубат едни со други. Да се пребива во љубовта, значи да се пребива во Бога. Љубовта е таинствен меч кој Христовите ученици ги одделува од учениците на демоните. Љубовта е небесниот оган, што Христос го донел на земјата, тој оган треба да го преобрази човекот. Без огнот на љубовта, душата на човекот останува како студен труп. Светиот апостол Јован Богослов на крајот на неговиот земен живот постојано ги повторуваше зборовите: „Деца, љубете се едни со други – во тоа е сè“.
Христијанството го победило светот со љубов: ако е можно така да се каже, срцето на паганскиот свет било заробено и покорено со силата и убавината на љубовта. Паганскиот свет преку допирот со христијанството почувствувал, дека љубовта е светлина и живот. Додека во срцата на христијаните гореле со љубов, Црквата била победник. Во времињата на најжестоки прогони, таа своите гонители ги победувала со љубов, откривајќи им ја големината и тајната на христијанството.

Критериум на нашата вера е љубовта. Вистинската вера се пројавува себеси низ љубов и милосрдие, кое е толку неразделиво од неа, како топлината и светлината од огнот. Кога верата се губи, тогаш надежта згаснува и љубовта исчезнува. Затоа оние кои немаат љубов и мислат дека се христијани – се лажат себеси. Нивната вера е илузорна. Тие се сметаат себеси за следбеници Христови, а го немаат главното – Духот Христов.
Паганскиот свет не издржал пред силата на љубовта Христова. Но, кога почна да недостасува во срцата на луѓето, тогаш паганскиот свет како повторно да оживеа. И не само што се нафрла со гонење на Црквата, како во првите векови, туку проникнува во самата свест на христијаните, го извртува учењето Христово, го прави христијанството само форма – дрво, на кое има сè помалку и помалку плодови.
Од што исчезна христијанската љубов? Почеток на духовниот пад и негов крај е – гордоста. Но, гордоста е различна и разновидна. Гордоста му се приближува на самото добро – како смртоносна мов, која го обвива стеблото на дрвото, хранејќи се со неговите сокови, а го суши самиот корен. Гордоста раѓа егоизам и егоцентризам – изопачена љубов на човекот кон самиот себеси. Гордоста во религијата добива форма на рационализам и екстатичност. Гордоста раѓа вера во својот ум, како во универзален инструмент на познанието, кој се пројавува себеси низ постојаното реформаторство. Гордоста може да се пројави во рушењето на структурите – како анархизам и обратно, во централизација на структурите – како империјализам и диктатура. Губењето на љубовта се манифестира во душевното студенило и рамнодушност кон луѓето, во превознесувањето и насилството врз другите.
Горделивиот гледа на луѓето како на средства за постигнување на своите цели – пред сè на своите страсти; човекот самиот по себе за него ја губи својата вредност. Гордоста раѓа тирани и робови. Гордоста ги разделува и ги отуѓува луѓето едни од други. На гордиот му се чини дека светот е создаден за него, дека е тој некој центар, околу кој треба да се движат другите луѓе, како планети околу ѕвездите.
Христијанско семејство – тоа е активна љубов која расте во служење едни на други. Сега секој член на семејството сака да му служат нему, и семејството станува невидливо поле за постојана борба за власт и првенство. Горделивиот сака да добие повеќе од она што го нуди, и се навредува кога другите не го сфаќаат неговото умислено првенство. Затоа толку катастрофално се распаѓаат семејствата, како стаклен сад кој под ударите на чеканот се крши на мали парчиња, оставајќи зад себе само остатоци.
Човек не се радува на човека. Роднините не наоѓаат време да се видат едни со други. Христијанинот ги пречекува христијанските празници без духовна радост, речиси како да исполнува должност. Се чини дека сета земја е покриена со сива, непроѕирна магла.
Без љубов, човечката душа умира, и затоа современите луѓе се длабоко несреќни. Самата религија без љубов станува туѓа за срцето и несфатлива за душата.
Во што е причината за губење на љубовта? Тој глобален процес, тоа е пат кон духовна смрт, тоа е најголемата катастрофа на последните времиња, особено во нашето време, пострашна и од крвавите војни и временски непогоди. Тоа е расчовечување на човекот; тој престанува да биде личност и се претвора само во суштина. Губењето на љубовта, егоизмот и рамнодушноста имаат голем број на причини. Да застанеме на една од нив.
Да се љуби може само преубавото. Безобразното и грдото може само да го трпиме, но невозможно е да се љуби. Љубовта и убавината се поврзани една со друга. Образованието на луѓето и традицијата на народот, колку и да се несовршени, во својата основа имаат да ја сочуваат убавината и благородноста на душата на човекот. Традицијата, обичаите, заедничкото мислење, високото ценење на целомудреноста, подготвеноста да се жртвува – биле форми за сочувување на љубовта. Сега на овие традиции им се потсмеваат и се рушат; на моралните сфаќања се гледа како на железни окови, во кои човекот беше заклучен во минатите векови како роб. Во секое време постоеле гревови и пороци, но тие биле оценувани како зло и болест, кои го разјадуваат човечкото општество. Сега гревот и порокот престанале да ги збунуваат луѓето: друго ги буни, навистина, тоа е осудата на гревот. За луѓето, кои живееле пред потопот, во Светото Писмо се вели: „тие беа плот (тело)“ односно во нив исчезнале потребите на духот, се развратиле чувствата на душата и почнало владеењето на телото: човекот се поистоветил себеси со своето тело, и затоа паднал пониско од сите созданија, кои живеат на земјата.
Човекот ја губи убавината на својата душа, затоа тој не е во состојба да љуби, и него не може да го љубат. Во телото се вгнездуваат само инстинкти и мрачни страсти. Страстите се одвратни; човекот може да им се предава, но не може да ги сака. Затоа луѓето губејќи ја убавината – ја губат љубовта. Лагите, измамата, демонскиот свет на дрога и алкохол, блудот и развратот во најбесрамни форми, ги прават луѓето да бидат без – образни. Затоа меѓу луѓето се зголемува дистанцата, затоа емотивното студенило ја прави земјата како гробишта, каде што живеат живи трупови.
Во чистотата е духовната светлина и радост, а во гревот и порокот – тежина и духовна темнина. Сакаат да ја одземат чистотата од човекот, да ì се потсмеваат, да ја уништат. Затоа светот за луѓето стана туѓ и празен. Човекот не ја чувствува болката на другиот, не сака и не може да ја загрее со топлината на душата своја. Човекот се плаши од светот и внатрешно се штити од луѓето.
Оваа осаменост, свесна и несвесна, осаменост на пустината – тоа е најстрашното проклетство на нашето време.