За злопамтењето

Loading

(Слово деветто, Лествица)

  1. Благословените и свети добродетели наликуваат на лествицата на Јаков, а пак нечестивите зла на синџирот кој падна од рацете на врховниот апостол Петар (види Дела 12,7). Бидејќи првите, како што едната води кон друга, го искачуваат кон небесата оној кој го посакува. Додека другите, злобните, имаат обичај да се раѓаат една од друга и се затегаат една со друга. Заради ова и откако претходно го слушнавме несовесниот гнев да го нарекува свое чедо – злопамтењето, сега, кога му дојде времето, да позборуваме за него.
  2. Злопамтењето е последица на гневот, чувар на гревовите, омраза на правдата, расипување на добродетелите, отров на душата, молец на умот, срам на молитвата[1], пречка во молењето, отуѓување на љубовта, клинец закован во душата, непријатно чувство кое е љубено среде сладоста на нејзината горчина, постојан грев, недремливо беззаконие, постојана злоба. И оваа мрачна и грда страст, т.е. злопамтењето, припаѓа на страстите кои се раѓаат од други страсти, а не на оние кои раѓаат. Затоа немаме намера да зборуваме многу за неа.
  3. Оној кој го смирил гневот, тој го убил злопамтењето, бидејќи за да се раѓаат деца, треба да е жив таткото.
  4. Оној кој стекнал љубов, станува туѓ на гневот. Но, оној кој го чува непријателството, си трупа врз себе бесцелно непријатна тежина.
  5. Трпезата и храната на љубовта ја растураат омразата, и искрените дарови ја омекнуваат разгневената душа. Невнимателното однесување на трпеза е мајка на дрскоста. А од прозорецот на љубовта се појавува на трпеза стомакоугодувањето.
  6. Видов омразата да ја раскинува многугодишната блудна приврзаност, а видов – нешто чудно! – злопамтењето да не дозволува повторно соединување. Навистина чудна глетка! Еден демон да се лечи од друг демон! Веројатно се работи за дело на промислата и интервенција Божја, а не на волјата на демоните.
  7. Злопамтењето се наоѓа далеку од природната и спонтана и цврста љубов. Но, кон оваа љубов лесно се приближува блудот, и гледаш незабележливо во гулабот да навлегува вошката.
  8. Да имаш големо злопамтење кон демоните и да имаш големо и трајно непријателство со твојата плот. Плотта е еден неблагодарен и подол пријател, и колку повеќе му угодува некој, толку повеќе плотта му враќа со штета.
  9. Злопамтењето станува и толкувач на Писмата, прилагодувајќи и објаснувајќи ги зборовите на Светиот Дух според личното расположение. Но, нека ги посрами молитвата која ни ја предаде Исус („Отче наш“), која не можеме да ја кажуваме како Него, ако злопамтиме.
  10. Ако не можеш, иако си се борел многу, потполно да ја уништиш соблазната на злопамтењето, покажи му на твојот непријател, барем со зборови, дека си се покајал. Така ќе се случи да го засрамиш твоето долго лицемерие, и да го засакаш целосно, удиран и горен како со оган од ударите на твојата совест.
  11. Тогаш ќе разбереш дека си се ослободил од оваа „гнилост“, т.е. злопамтењето, не кога се молиш за оној кој те натажил, ниту кога му принесуваш дарови, ниту кога му даваш ручек, туку кога ќе разбереш дека му се случила некоја несреќа, душевна или телесна, и болуваш и плачеш како да се работи за тебе.
  12. Исихастот кој чува злопамтење личи на вгнездена змија, која носи во себе смртоносен отров. Сеќавањето на страдањата Исусови ќе ја излечи душата која злопамти, бидејќи ќе се чувствува премногу посрамена, додека размислува за Неговата незлобност.
  13. Во скапано дрво се раѓаат црви. Слично и кај луѓето со кротко надворешно однесување и лажен мир и спокој се прилепува гневот. Оној кој го прогонил од себе, нашол простување на своите гревови. Оној кој напротив се прилепил кон гневот, се лишил себеси од Божјата штедрост.
  14. Некои се подложиле себеси на трудови и пот за да постигнат простување. Но незлобивиот маж ги надмина, штом сигурно е вистинско словото „проштевајте – брзо – и ќе ви биде простено – богато“ (види кај Лука 6,37).
  15. Незлопамтењето е показател за вистинското покајание. Оној кој чува непријателство и мисли дека има покајание, личи на оној кој во сон мисли дека трча.
  16. Видов злопамтиви како ги поттикнуваат другите кон незлопамтењето. И така се почувствуваа посрамени од самите нивни зборови и се ослободија од својата страст.
  17. Нека не ја смета никој безначајна оваа „помрачена“ страст, т.е. злопамтењето. Бидејќи често пати се случува да ги зафати дури и духовните мажи.

Деветто скалило! Кој се искачил на него, веќе нека бара со слобода простување на неговите падови од Спасителот Христос.

[1] Срамот се наоѓа во тоа што, додека се обраќаме кон Бога, велејќи во молитвата „Отче наш“, „и прости ни ги гревовите наши, како што им ги проштеваме и ние…“, а во исто време ниту им простуваме на другите, ниту го забораваме злото што случајно ни го имаат направено.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

(Извадок од најновото издание на „Лествица“)

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *