Житие на светиот архимандрит Гавриил Угребадзе
Марија Сенчукова
Мцхета – древна престолнина на Грузија и нејзин духовен центар. Во древните грузиски изворници овој град го нарекувале „втор Ерусалим“. На местото каде што проповедала светата рамноапостолна Нина, просветителката на Грузија, многу векови се наоѓа прекрасната црква Самтавро. Денес таму постои мал женски ставропигијален манастир посветен на света Нина.
Манастирот Самтавро чува многу светињи, меѓу кои е и една современа. Тоа е гробот на архимандритот Гавриил Ургебадзе (1929-1995). На 20 декември 2012 година Синодот на Грузиската Црква го приброи архимандритот Гавриил Ургебадзе во хорот на светителите.
Неговите поуки, дарот на прозорливост и исцеленија од болести уште додека бил жив ги привлекувале христијаните и ги просветувале неверните. Денес околу неговиот гроб, над кој гори неизгасливо кандило, простојано доаѓаат луѓе, кои ја молат неговата молитвена помош.
Јуродив уште од детството
Уште во детството Васико Ургебадзе поверувал во Христа и го проповедал Евангелието. Тогаш тој почнал да јуродствува – како дете тој често седел во ѓубриштето и велел: „Ти си ѓубре, да немаш за себе високо мислење“. Додека служел во армијата тој продолжил да пости и да оди во храмот (тој служел во Батуми, каде што имало црква на свети Никола). По отслужувањето на воениот рок го прогласиле за психички болен, нешто што во понатамошниот живот му го спасило животот.
Со свои раце Васико изградил храм во дворот на својот дом во Тбилиси. Неколку пати власта го рушела, но секој пат тој одново го градел.
„Да се стрела без суд и траги“
Монашки потстриг примил во 1955 година, а во 1965 на првомајските демонстрации направил постапка без преседан – јавно го запалил портретот на Ленин.
На ужаснатиот народ му објаснил: „Јас тоа го сторив затоа што не треба да се обоготворува човекот. Таму, на местото на портретот на Ленин, треба да виси распетието Христово. Зошто пишувате: „Слава на Ленин“? Па таква слава не му треба на човек, треба да напишете: „Слава на Господа Исуса Христа, Кој ја победи смртта и ни подари вечен живот“.
Толпата го претепала монахот Гавриил. Полужив го однеле во изолатор на КГБ. Во Москва дознале за неговиот престап и побарале стрелање на бунтовникот без суд и траги. Го присилувале да признае дека тој го извршил престапот по задача од Црквата, но монахот бил цврст, и го нарекол Ленин „ѕвер“ и „претходник на сатаната“.
Конечно, го замениле обвинението (веројатно, затоа што за делото на отецот гавриил многу се пишувало во странските медиуми). На монахот Гавриил му била поставена дијагноза: „Психопатска личност, со предиспозиции кон психозни шизофреноидни состојби“. Психијатрите објавиле дека тој се наоѓа постојано во халуцинации.
По ова отецот Гавриил почнал јавно да јуродствува: глумел дека е пијан, проповедал на улица…
„Овде ќе има служби на Бога“
Во 1971 година бил поставен за настојател на Самтавро, но речиси 20 години тој скитал и служел во разрушените или зафрлени храмови во времето на комунистичкиот режим.
„„Ние ќе дочекаме овие храмови и манастири да бидат обновени, и овде повторно ќе има служба Божја“ – велел тој.
Во последните години од животот тој живеел во кулата на манастирот Самтавро и тешко боледувал од водена болест. Се упокоил на 2 ноември 1995 година.
Велат, дека чедата на отецот Гавриил толку многу го љубеле, што не можеле да се натераат себеси да го затрупаат гробот. Грутки земја корнеле околу гробот, и пред очите на оние кои го закопувале земјата како да го прегрнува сандакот, затворајќи се над него.
Поуки од старецот Гавриил
Љубовта е над сите канони и устави. Ако мразиш дури и само еден човек – ти си одвратен пред Бога. Треба да ги сакаме сите. Но ако не можеш, барем на сите посакувај им добро. Во последните времиња луѓето ќе се спасуваат со љубовта, смирението и добрината. Добрината ја отвора вратата на Рајот, смирението воведува внатре, а љубовта Го покажува Бога.
Во последните времиња приврзаниците на антихристот ќе одат во црква, ќе се крстат и ќе ги проповедаат евангелските заповеди. Но не им верувајте на оние, кои немаат добри дела. Само по делата може да се препознае вистинскиот христијанин.
Ти не осудувај, судија е самиот Бог. Оној кој осудува, како празен клас од пченица, кој секогаш има крената глава и кој затоа секогаш гледа на другите одозгора надоле. Ако видиш убиец, или блудница, или пијаница, кој се валка на земјаа, не осудувај никого, затоа што Бог им ги допуштил нивните поводи, а твојот го чува в раце. Ако и твојот го допушти, ти ќе бидеш во полоша положба: може да паднеш во тој грев, за којшто го осудуваш другиот и да загинеш.
На почетокот лечи Бог, а потоа лекарот, но оној кој не му благодари на лекарот, не Му благодари ни на Бога. Оној кој се труди заслужува награда. Умот и рацете налекарот творат богоугодни дела.
За Бог не е важно кој си ти: монах или мирјанин. Главно е – стремежот кон Бога. Но ќе успее ли некој да достигне совршенство? Сепак со стремеж човекот и се спасува. Од оној кој монахува ќе се бара монашкото, а од мирјанинот – световното.
Мразете го злото. Човекот, пак, кој твори зло, љубете гои жалете го. Може да се случи, оној кој денес твори зло, утре со молитви, солзи, пост и покајание да се очисти и да стане подобен на ангел – сè е во волјата Божја. Има многу такви случаи…
Превод од руски јазик:
Свештеник Јани Мулев
Изворник:
Архимандрит Габриэл (Ургебадзе):
Любовь выше всех канонов и уставов
http://www.pravmir.ru/arximandrit-gabriel-urgebadze-lyubov-vyshe-vsex-kanonov-i-ustavov/
Православна светлина бр. 27