(дел од беседата)

[1] Браќа и пријатели и отци и чеда богонаречени[1], наведнете ги вашите богољубиви срца за да ги чуете божествените догмати[2]. И откако ќе ги чуете овие свети зборови ставете ги, браќа, во вашите срца и во совеста на душите (ваши)[3] и пред очите на умот (ваш), и разберете ги.
[2] Премилосрдниот и Човекољубив Бог, имајќи неизмерна милост кон родот човечки, ги наведна небесата и слезе на земјата (Псал. 101, 20), и со Својот Божествен Домострој[4] и доброволно поднесување на многувидни страдања на Божественото тело (Свое), го просвети нашиот род; и ги испрати во сиот свет светите апостоли, велејќи им: „Одете и научете ги сите народи крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“[5]. Но бидејќи самите тие до нас не дојдоа, затоа Отците наши, откако ја слушнаа вистината на нивните зборови, им поверуваа. И преблагиот Бог, Кој има бескрајна милост и не сака да загине ниеден од нас, по истата таа прва заповед и на истиот начин според науката и проповедта на светите апостоли ме воздигна мене на ова сведоштво[6] сакајќи преку мене да ги „исполни недостатоците“[7] на нашите отци; и со Својот Свет Дух ми заповеда да ви го објавам ова свое слово за вашето спасение, коешто вие откако ќе го чуете со љубов сочувајте го, за да можеме да бидеме и ние заедничари на редот на Светите[8].
[3] Затоа, браќа и чеда, ве молам за ова првото, полагајќи ја сета своја надеж на Бога, да се држиме пред сè за Вистинската вера Негова. Зашто, како што рече апостолот, „зашто никој не може да постави друга основа, освен положената“ од Духот Свет[9] преку светите апостоли и богоносни отци, а тоа е – Вистинската вера која на светите седум Вселенски Собори е потврдена и проповедана[10]. И затоа на овој темел на светата Вера треба да ѕидаме злато и сребро и скапоцени камења[11], т.е. добри дела. Зашто не ни користи исправноста на животот без вистинска и просветена вера во Бога, ниту вистинското исповедање (на верата) без добри дела може да нè изведе пред Господа, туку треба да се имаат обете, „за да биде Божјиот човек совршен“[12], а не поради недостаток (на еден) да се клати нашиот живот. Бидејќи, како што рече апостолот: „спасува верата, којашто дејствува преку љубовта“[13].
[4] Значи, веруваме во Отецот и Синот и Светиот Дух, пеејќи ја Божествената Троица, Причината и Создателот на сè што е предизвикано и создадено[14], видливо и невидливо. (Троица) Која има една суштина, т.е. природа и во Три Лица, т.е. зборуваме за Ипостаси и Личности[15], со што нема да подразбираме обличје[16] или разлика на три Бога или три природи или суштини, туку Го исповедаме Едниот Бог и едната проста[17] и бестелесна природа и суштина, а со разликата на Лицата различноста на Ипостасите ја означуваме[18]; поклонувајќи се (на тој начин) на Троица во Единица и на Единица во Троица, на Единица[19] Триипостасна и на Троица Едносуштна и Едносилна и Собеспочетна. Неа единствена ја познаваме вечнопостоечка, беспочетна, несоздадена[20], бесмртна, непропадлива, нестрадална, сесоздателна и (се)држителна и (се)промислителна
[1] Богонаречени = по Бога наречени (богоименувани) деца Божји, или: од Бога повикани со божествен призив, повик (сп. Рим. 1, 7; Откр. 17, 14 и др.).
[2] Го преведуваме божьствьныихь повелэнии (во обата текста) не со божествени заповеди, затоа што и Синодикот и Крмчија го преведуваат t4 d3gma (и во множина) со повелэние (Мошин, В.В. XVII, 282, 306, 338, Морачка Крмчија, 35, 96). Сп. ги и подолу параграфите 8 и 10 (зли догмати), и 11 (догмати на домостројот).
[3] Сите зборови во заградите се наш додаток заради поточно читање и јаснотија на текстот.
[4] Изразот промысломь (како и понатаму во параграфот 11: смотрения) го преведуваме со зборот домострој (се подразбира: домострој на спасението), бидејќи во позадина несомнено е библиско-светоотечкиот израз Ó (qeja) o>konomja, а тоа меѓу другото го изискува и самиот контекст овде. Сп. и на други места кај Доментијан (Даничиќ, стр. 148, 230, 316). Сп. и Miclosich, Monumonta Serbica 99, 121, 539.
[5] Мат. 28, 19.
[6] Т.е. епископство, архиерејство. Претходниот израз: „според истата таа заповед и истиот начин“ во голема мера потсетува на познатото место на свети Иринеј Лионски (Contra haereses III, 3, 3. PG 7, 851 B каде што текстот има две читања; сп. најновото издание на Sources Chretiennes № 210-211, стр. 58 и 38-39), каде што тој, како и свети Сава овде, говори за апостолското преемство на епископатот во Црквата. Сп. и Синодикот (В.В. XVII, 317-318).
[7] Сп. Кол. 1, 24, во смисла: да се надокнади, надополни она што недостасува.
[8] Буквално: причастници во редот на светите (=уврстени помеѓу светителите).
[9] 1. Кор. 3, 11.
[10] Извэщена=потврдена, утврдена (според вообичаениот грчки израз: bebaiwqe_sa), попрво отколку: објавена. Сп. Синодик (В. В. XVII, 291).
[11] Сп. 1. Кор. 3, 12.
[12] 2. Тим. 3, 17.
[13] Гал. 5, 6. Можен е и ваков превод: „верата е онаа која спасува, кога преку љубовта дејствува“.
[14] Петроградскиот ракопис, очигледно со грешка на препишувачот, ги испушта зборовите: на сè создадено.
[15] Даничиќевиот текст има: сьставь и лиць, додека во постариот петроградски стои: сьставьь и лицьь. – Наместо словенскиот збор состав ние овде во преводот се враќаме на грчкиот збор ипостас (7p3stasi~), одамна веќе одомаќинет во нашата црковна и богословска литература. Словенскиот збор состав овде (како и на други места, на пр. кај Евреите 1, 3 во догматикот на 8 глас, и др.) не е во можност да го преведе исклучително содржајниот грчки богословски израз ипостас. Во небогословското, така да речеме, значење на грчкиот збор „ипостасис“, кога тој го означува она што значел во класичниот, а делумно и во денешниот грчки јазик, т.е.: под-став, состав, содржина (став, или структура), под површината, битие, суштина, суб-станција, тогаш словенскиот израз состав може да послужи (како на пр. во Псал. 38, 6; Евр. 3, 14; но сп. Евр. 11, 1). Досегашните преведувачи (Д. Ковачевиќ, Л. Мирковиќ, В. Ивошевиќ) задржувајќи го зборот состав не придонеле во јаснотијата на текстот, уште повеќе, не поистоветувајќи го состав и ипостас, некои од нив во своите обиди за толкување внесуваат забуна, и заблуда, кај читателите (Ивошевиќ, стр. 22).
[16] Образомь. И овој израз, а и нашиот превод обличје, слаби се да го преведат силниот грчки израз morf/ (сп. Филип. 2, 6 и 7, каде што колебливоста кај словенските преведувачи е очигледна: образъ, зракъ), кој несомнено треба да се подразбира во позадина на ова место. Изразот morf/ во православната тријадолошка и христолошка терминологија се изедначува по значење со зборовите fvsi~=природа, o8sja=суштина (затоа и овде стои во контекст со овие зборови). Сп. свети Василиј Велики, Против Евномиј I, 18 (PG 29, 552C); свети Јован Златоуст, Беседа 6, 2 на Филип. и 2, 2 на Евреите (PG 62,219; 63,22); свети Лав Велики, Томос до Флавијан; свети Кирил Александриски, За вочовечувањето на Бог Логосот, и други Отци. Сп. и Синодик (Мошин В.В. XVII, стр. 310 и 326, но текстот на Мошин на обете места има недостатоци).
[17] Кај Даничиќ овде стои: Значи во едниот Бог и едната негова проста… исповедаме, што очигледно е несинтактично (освен ако би се претпоставило дека некаде е изоставен зборот веруваме).
[18] Кај Даничиќевиот препишувач (или поверојатно кај него самиот како издавач) трите последни зборови слиени се така што со нив е даден сосема буквален пренос на Л. Мирковиќ (кој го следи и В. Ивошевиќ): „различно естествени знаменуваме“, освен јазичната нејаснотија внесува уште и догматски сосема неприфатливо толкување. Бидејќи во Света Троица не постои никаква „различност на природните“ својства, туку само разлика на личните, ипостасни својства и карактеристики. Во таквите нешта ни свети Сава ни Доментијан не можеле да згрешат, односно погрешно да „препишат“.
[19] И кај Даничиќ и во петроградскиот ракопис овде (и тоа сите три пати) наместо нашиот „во Јединица“ стои: вь единьствэ. Бидејќи ова место несомнено е земено од Светите Отци (буквално се наоѓа најпрво кај Григориј Богослов во Беседата 25, 17, PG 35, 1221C: mon=da 6n tri=di kaJ tri=da 6n mon=di proskunoum1nhn), ние затоа го преведовме како и погоре. Бидејќи mon=~ може да биде само единица, додека „единство“ на грчки би био 5n3th~. Навистина, t\n 5n3thta нашите стари го преведуваат често со единение, соединеніе, тоа е можеби и изразот единство за тоа време значел и: единица. (Кај Теодосиј, изд. Даничиќ, стр. 25, постои изразот единство, но значи: самотија, осаменост). – Неразбирливо е зошто во српскиот превод на Л. Мирковиќ целата оваа толку богословска реченица е изоставена (стр. 128), додека кај Д. Ковачевиќ освен ова прескокнати се и некои други богословски места во Беседата.
[20] Присьносущьнu (=секогашпостоечка), безначельнu (=беспочетна), нерожденu (=неродена). Последниот израз „нерождену“ не можевме да го оставиме како што е, бидејќи тој го претпоставува позади себе грчкиот израз #g1nhto~ (а не #g1nnhto~), што би значело: несоздадена, ненастаната, а таквиот израз е најприроден за Света Троица. За разликата помеѓу овие два грчки израза види кај свети Јован Дамаскин, Точно изложување на Православната вера I, 8. PG 94, 817.
Превод од српски јазик: Ѓакон Јани Мулев