Свештеник Јани Мулев
Во денес прочитаното Свето Евангелие чувме за денешниот настан, за храбриот подвиг на жените мироносици. Тие, и покрај сите опасности и закани за сите оние кои Го следеле Христа, утрото во првиот ден од седмицата отишле на гробот со мириси за да го помазаат телото Исусово. Но кога стигнале на гробот виделе чудо: каменот, кој бил многу голем и тежок, бил тргнат, а во гробот стоеле само погребните завои и платна, со кои било обвиткано телото на Господ. Од десната страна стоел ангел Господов, кој им кажал дека Христос не е веќе во гробот, дека воскреснал, и им рекол да им ја пренесат таа вест на апостолите.
Колку голема храброст и бестрашност покажале овие жени? Под Крстот Христов кога сите се разбегале, од апостолите само светиот Јован Богослов останал заедно со Пресвета Богородица и другите жени, следбенички и проповеднички Христови. И овде, откако Господ бил погребан, пак апостолите покажале страв и се скриле сите, скршени од болка, поради загубата на својот возљубен Учител и Господ, додека, пак, жените, уште пред изгрејсонце, без страв, отишле на гробот. И пак, по воскресението, Господ ѝ се јавил најпрво на Марија Магдалина, и нејзе ѝ порачал да им ја објави таа радосна вест на апостолите, па дури потоа, откако тие не можеле да поверуваат во воскресението, Самиот Тој лично им се јавил.
Денес нам никој не ни забранува да ја исповедаме својата вера во Воскреснатиот Господ, никој не нè гони и прогонува, освен нашиот срам, кој нè тера да се срамиме да кажеме дека сме христијани. Се срамиме да им кажеме на нашите блиски, на нашите родители, на нашите пријатели дека ние сме христијани, дека постиме, се молиме, одиме во црква секоја недела, но не затоа што тие би нè осудиле или исмеале, туку затоа што ние немаме цврст идентитет на православни христијани. Значи проблемот не е во другите луѓе околу нас, туку во нас, во нашата маловерност, во нашата колебливост, во нашата неодлучност и подвоеност помеѓу светот и Христос. Не можеме да се одлучиме што и кого сакаме повеќе: дали сакаме да му угодуваме на светот, или сакаме да Му угодуваме и припаѓаме на Бога? Кога би имале здрав духовен живот, кога со сето срце ќе Го засакаме Христос и животот во Христа – постот, молитвите, покајанието, читањето на Светото Евангелие и други црковни книги, добрите дела, и на крај, како врв на сè примањето на Телото и Крвта Христови – тогаш нема да имаме срам да ја исповедаме својата вера пред луѓето. Тогаш ќе се случува нешто друго: кога луѓето ќе ја видат нашата посветеност и цврстина во духовниот живот, кога ќе видат дека нашиот живот се менува на подобро, дека никого не осудуваме, не оговараме, не мразиме никого, на злото враќаме со добро, дека секогаш сме ведри и радосни, со искрена љубов, дури и кон непријателите, тогаш тие во нас ќе Го препознаат образот Христов, ќе сфатат дека пред себе имаат охристовени личности, и ќе почнат со восхит и стравопочит да нè гледаат, и според зборовите на преподобниот Серафим Саровски, преку нас стотици луѓе ќе се спасат.
Угледувајќи се на примерот на светите жени мироносици, поучени од нивната храброст и љубовна посветеност на Бога, да се потрудиме со сето срце да Го возљубиме Воскреснатиот Господ, да започнеме да водиме цврст подвижничко-литургиски живот, па вкоренети во Христа, од Него, од Изворот на животот и на секоја премудрост, да го црпиме својот христијански идентитет, и отфрлувајќи ја секоја демонска помисла на срам или страв, слободно и смирено, во секое време и место, јавно да ја исповедаме својата вера во нашиот Светотроичен Бог, а со својата Христоподобна и себепожртвувачка љубов да Го сведочиме Христос – Кој заради нас се распна и пострада и славно воскресна. Христос воскресна!
19 мај 2013 година, недела на Жените мироносици