Запознавање и стапување во врска – отец Павел Гумеров

Loading

Колку треба да трае предбрачниот период, запознавањето? Искусните свештеници велат дека треба да е минимум една година. Зошто една година? Како прво, тој период не е мал, и тие ќе имаат време да се запознаат еден со друг. Како второ, за една година потполно ќе се смени природниот циклус. Познато е дека психосоматската состојба на човекот многу зависи од годишното време.

На психолозите им е добро познат терминот „есенска депресија“. Кај А.С. Пушкин, пак, обратно, есента е период на подем, тој напролет запаѓал во меланхолија. Според тоа, за подобро да го запознаеме карактерот на еден човек, треба да ја видиме неговата душевна состојба во текот на годината.

Дури и ако човекот е неискрен со вас или сака да се покаже како подобар, отколку што навистина е, тој тешко ќе може да се преправа долго време.

Ќе наведам пример. Во една од воените области, каде биле воспоставени груби меѓусебни односи, дошле новинари. Нив ги сместиле во општата касарна и им дозволиле да снимаат. На почетокот војниците се однесувале примерно. Но наскоро почнале да попуштаат, за една недела престанале да се срамат од камерите, од старешините, од исмејувањето над помладите, и се претставиле пред новинарите во својот вистински лик.

Во предбрачниот период е добро не само да се шетате фатени за рака под месечината, туку заедно да одите на некое патување или да земете учество во некое заедничко дело. Еден мој познаник ѓакон велеше: „Постои многу брз начин да се дознае, дали ќе можеш да живееш сопружнички живот со твојот избраник. Купи два билети до Владивосток и отпатувај заедно со него до таму и назад во исто купе (а тоа е 7 деноноќија натаму и 7 назад). Ако вие го издржите тоа, значи, најверојатно ќе можете да го издржите и животот во брак“. Може едноставно заедно да отпатувате некаде или да одите на поклоничко патување. Како кај Висоцки: „Ако веднаш не разбереш, лош ли е тој или добар, турни го момчето во гората, ризикувај, не го фрлај сам, нека биде врзан со тебе, таму ќе разбереш, кој е тој“.

Со еден збор, потрудете се подобро да го запознаете својот избраник.

Многу важен фактор е семејството – како е воспитан човек, какви се неговите родители. Ако момчето е грубо со своите родители, тој таков ќе биде и со вас. Од тоа како родителите ги градат меѓусебните односи, исто така многу зависи. Градејќи сопствено семејство, човекот често го користи примерот од своите родители.

Како момчето или девојката комуницираат не со вас, туку со своите другари или воопшто со луѓето, им отстапуваат ли место на постарите во јавниот превоз… – сето тоа може многу да каже.

Има уште еден начин да се дознае правилноста на изборот: да се обратите кон тој кој е постар и поискусен од вас, или уште подобро – кон свештеникот. Идеално е младоженецот и невестата да имаат ист духовник. Од страна подобро се гледа. Со мене во семинаријата, во Троице-сергиевата лавра, учеше момче кое ќе го наречеме Колја. Тој се дружеше со една девојка. Еднаш тој ја покажа нејзе на своите другари, барајќи совет. Сите го одвраќаа од намерата да се ожени со неа. Од самиот почеток се гледаше дека таа е световен човек и дека не ќе може да биде попадија, жена на свештеник. Но Николај не ги послуша советите на своите другари (можеби поради тоа што тие му беа врсници) и се ожени. Не многу потоа, тој брак се распадна.

Ќе кажам малку за тоа како треба да се однесува девојката, за правилно да се омажи. Се задржав точно на девојките, затоа што со момчињата во овој однос е многу полесно. Тоа општо е голем проблем. Во нашата земја преовладува женското население, па според тоа во црквите главно доаѓаат жени.

Позната е изреката: успехот на жената не се многу мажи, туку еден (вистински). Можностите да се омажи за добар човек кај девојка, која не се стреми по секоја цена да ги привлече погледите на мажите, се значително поголеми, отколку кај онаа која се служи со успехот кај спротивнот пол. Таканаречените „фатални жени“ најчесто се несреќни во бракот или воопшто не се мажат, затоа што привлекуваат луѓе кои се неспособни за сериозна врска.

Ќе ви раскажам за губењето на невиноста пред бракот. Знам точно, дека дури и најрасипаните момчиња би сакале да се оженат за девственица. И тоа како! Секому му е пријатно да е прв, а не петти или единаести. Жално е што сè помалку се оние кои го чуваат девството. Секоја предбрачна врска не поминува без да остави траги на душата и срцето, и жената кој стапува во брачен сојуз, позади себе го влече товарот на својот изминат грешен живот. Тоа многу пречи во бракот. На девојката која се однесува примерно и се облекува скромно, а не предизвикувачки, многу ì е полесно среќно да се омажи.

Сè што е кажано досега воопшто не значи дека девојката треба да потсетува на нешто без форма, замотано до очите со шамија. Господ ги создал машкиот и женскиот пол и на секого од нив му дал свои признаци и убавини. Се создала апсолутно лажна претстава за тоа, како треба да изгледа православната жена. Кога јас учев во семинаријата, во нашата зграда се наоѓаше и регентската и иконописната школа. И еве некои девојки (во главно иконописци) се облекуваа вака:

Широк фустан долг до подот, искината тексас јакна, на вратот шал намотан вкрстено, на нозете војнички чизми. Често сликата ја дополнуваше ранец на грбот. Но мнозинството од девојките се трудеа да се облекуваат поинаку, како што се вели, скромно, но со вкус.

Да напоменам, многу од нив потоа се омажија за семинаристи.

Убавината во жената не мора да биде искривувана и сокривана, но не треба и да ги соблазнува другите.

Превод од руски јазик:

Миле Иваноски, апсолвент на Руски јазик

Наслов на изворникот:

Священник Павел Гумеров,

Малая Церковь,

Изд-во Сретенского монастыря, 2008.

Православна светлина бр. 20

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *