Митрополит Иларион Алфеев
- Треба да се причестуваме гладни. Наутро не треба ни да јадеме, ни да пиеме. Ниту кафе, ниту цигари, ниту мастики за џвакање. Наутро се миеме заби, без да голтаме вода.
- При причестувањето на верникот му се дава не едноставно леб и вино, туку Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, под видот на леб и вино. Ако не верувате или се сомневате, тогаш не се причестувајте сѐ дотогаш, додека да се ослободите од неверието или сомнежот.
- Доаѓајте навреме во црква, пред почетокот на Литургијата, и не излегувајте пред да заврши. Исповедајте се кај вашите свештеници барем еден ден порано, пред Литургијата. На Литургијата внимателно слушајте сѐ што се чита и се пее во храмот, затоа што целата Литургија, од почетокот до крајот, нѐ подготвува за примање на Светите Христови Таинства.
- Причестувајте се кај свештеникот кој е најблиску до вас. На празниците, кога повеќе свештеници причестуваат, причестувајте се кај оној кој причестува најблиску до вас во храмот, и не одете кај оној кој е познат или славен. Телото и Крвта се исти и Самиот Христос ви ги дава преку рацете на свештеникот. (Исто така, не трчајте да се причестувате само затоа што служи владиката, или затоа што служат повеќе владици.)
- Кога пристапувате пред причест, ставете ги рацете крстообразно на градите. Ако носите чанта во рацете или на рамото, оставете ја на столовите, за да не ви падне и да не ја истури Светата Причест.
- Кога доаѓате на ред да се причестите кажете си го името јасно и гласно и отворете ја устата. Се кажува крстеното име, а не нагалено. Дури и кога свештеникот нѐ познава, треба да си го кажеме името, затоа што и свештеникот може да заборави во тој миг како се викате.
- Пред причестување не се прекрстувајте, за да не го удрите Путирот. И после причестување не треба да кажувате ништо, ни „благодарам“, „амин“, ни „за многу години“. И строго внимавајте да не ја истурите или плукнете светата Причест.
- Ако носите бебе за причест, ставете го на вашата десна рака, со лицето да биде свртено кон свештеникот. Ако детето се плаши или плаче, не треба насила да се причестува, затоа што ќе добие асоцијација за светата Причест со стрес или насилство. Ако вашите деца се поголеми, оставете ги сами да одат и да се причестуваат.
- Не плашете се дека ќе се заразите од Светата Причест, затоа што со иста лажичка се причестуваат стотици луѓе. Светоста на Телото и Крвта Христови не дозволуваат пренесување на болести преку Причеста. Некои луѓе се гнасат од Светата Причест, затоа што многумина се причестуваат од едно и исто лажиче. Ако имате такво чувство, потрудете се да го надминете. Исто така, доколку сте болни од некоја заразна болест, не доаѓајте во црква додека сте болни. Оние кои се тешко болни и не можат да дојдат во црква, нека повикаат свештеник дома да ги причести.
- Кога треба да се причестиме на бдение, на полноќна Литургија, како на Велигден, тогаш после 19-20.00 часот не треба да јадеме, ниту да пиеме.
Запомнете: Светата Причест е најголемо Таинство, кое го соединува човекот со Бога, и духовно и телесно. Затоа што во Причеста ги примаме Телото и Крвта не на обичен човек, туку на Бога, Кој стана човек. После причестувањето во клетките на нашето тело влегуваат клетки од Телото и Крвта Христови и во нашите вени тече Неговата Крв, па затоа после причестувањето треба да се однесуваме побожно, за да не го изгубиме овој скапоцен Дар поради нашите многу грижи, многуговорливост, страсти и гревови.
Врз основа на текстот од митрополитот Иларион Алфеев.
Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев