Блажен е човекот, во кого има љубов Божја, бидејќи тој во себе Го носи Бога. „Бог е љубов, и оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога“ (1. Јн. 4, 16). Во кого има љубов, тој заедно со Бога е над сè. Во кого е љубовта, тој не се плаши, бидејќи љубовта го пади стравот (1. Јн. 4, 18). Во кого има љубов, тој од никој никогаш не се гнаси, од мали и големи, славни и беславни, бедни и богати; туку напротив, самиот за сите станува сметиште; сè покрива… сè претрпува (1. Кор. 13, 7). Во кого има љубов, тој пред никого не се превознесува, не се гордее, не клевети никого, и на оние кои го клеветат не им возвраќа. Во кого има љубов, тој не оди со фалење, самиот не си ја сопнува ногата и на братот нозете не му ги сопнува. Во кого има љубов, тој не соперничи, не завидува, не гледа со омраза, не се радува на падот на другите, не го оцрнува оној што паднал, туку сострадува за него и сочувствува со него, не го презира братот кој има потреба, туку се застапува и подготвен е да умре за него. Во кого има љубов, тој ја исполнува волјата Божја, тој е ученик Божји. Бидејќи Самиот добар наш Владика рече: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици,… да се љубите еден со друг“ (Јован 13, 35, 34). Во кого има љубов, тој никогаш ништо не присвојува за себе, за ништо не вели: „Ова е мое“, но сè што има тој, им го нуди на сите за општа употреба. Во кого има љубов, тој никого не го смета за туѓ, туку сите ги смета за свои. Во кого има љубов, тој не се раздразнува… не се гордее, не се разпламтува од гнев, не се радува на неправда, не тоне во лаги, никого не смета за свој непријател, освен ѓаволот. Во кого има љубов, тој сè трпи… милосрден е… долго трпи (1. Кор. 13, 4-7). Затоа е блажен, оној кој стекнал љубов и со неа се преселил кај Бога, бидејќи Бог ги знае своите, и ќе го прими во Својата прегратка. Делателот на љубовта ќе биде сожител на ангелите и со Христа ќе се зацари. Од љубов и Бог Словото слезе на земјата. Љубовта ни го отвори рајот, и на сите ни се покажа влезот во небото. Со љубовта сме помирени со Бога ние, кои Му бевме непријатели. Затоа справедливо велиме, дека Бог е љубов, и оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога.
За оние кои немаат љубов во себе
Кутар и несреќен е оној, кој е далеку од љубовта. Тој ги мине своите денови во сонливо бунило. И кој не би почнал да плаче за тој човек, кој е далеку од Бога, лишен од светлина и живее во мрак? Зашто ви велам вам, браќа, во кого ја нема љубовта Христова, тој Му е непријател на Христа. Не лаже оној кој вели, дека „секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец“ (1. Јн. 3, 15), и во темнина оди (1. Јн. 2, 11), и лесно е уловуван од секој грев. Во кого нема љубов, тој брзо се раздразнува, брзо се гневи, брзо се разгорува од омраза. Во кого нема љубов, тој се радува на неправдата на другите, не сострадува со оној кој паднал, не ја подава раката кон болниот, не му дава совет на соборениот, не го поддржува колебливиот. Во кого нема љубов, тој е со заслепен ум, тој му е другар на ѓаволот, тој е смислувач на секое лукавство, тој е кавгаџија, тој е другар на оговарачите, пријател на поткажувачите, советник на навредувачите, учител на завидливите, служител на гордоста, сад на надменоста. Со еден збор, кој не стекнал љубов, тој е орудие на противникот, талка по секоја патека и не знае, дека во темнина оди.
Превод од руски јазик:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Святой Ефремъ Сиринъ
Творения. Томъ 1,
„ПОСАД“, Москва, 1993.