За другарството

Целивот на апостолите

Loading

Иван Александрович Илин

Целивот на апостолите

Секој од нас во својот живот има такви периоди, кога природната, природно дадената осаменост одеднаш почнува да ни се чини тешка и горка: се чувствуваш себеси од сите напуштен и беспомошен, бараш другар, а не се наоѓа другар… И тогаш зачудено и збунето се прашуваш себеси: како можеше да ми се случи ова; јас целиот свој живот љубев, посакував, се борев, страдав, и најбитното, служев на една голема цел – и не најдов ни сочувство, ни разбирање, ни другар? Зошто единството на идеите, меѓусебната доверба и заедничката љубов не ме поврзаа мене со никого во живо единство на духот, силата и помошта?…

Тогаш во душата се буди желба да дознаеме, каков е животот на другите луѓе: си наоѓаат ли тие вистински другари или не? Како живееле луѓето порано, пред нас? И нели е уништен принципот на дружењето токму во нашево време? Понекогаш се чини, дека токму современиот човек апсолутно не е создаден за дружење и не е способен за такво нешто… И на крајот на краиштата неизбежно ќе дојдеш до основното прашање: што е тоа вистинско другарство, и во што се состои и на што се потпира?

Се разбира, луѓето и сега неретко „си се допаѓаат“ еден на друг и „се водат“ еден со друг… Но, Боже мој, колку е сето тоа бедно, површно и неосновано. Тоа само значи, дека ним им е „пријатно“ и „забавно“ зедничкото поминување на времето, или, пак, дека тие умеат да си „угодуваат“ еден на друг… Доколку во склоностите и вкусовите има извесно совпаѓање; доколку обајцата умеат да не се задеваат со остри забелешки, ги избегнуваат острите агли и ги премолчуваат меѓусебните разидувања; ако и обајцата умеат со љубезен израз да слушаат нечие празно дрдорење, лесно да се додворат, малку да направат услуга, – и тоа е доволно: меѓу луѓето се поврзува таканаречената „дружба“, која, всушност, се потпира на надворешни услови, на нежна „учтивост“, на празна љубезност и на прикриено пресметување… Постои „дружба“, основана на заедничко сплеткарење или на меѓусебно поплакување. Но има и „дружба“ на ласкање, „дружба“ на суета, „дружба“ на протекции, „дружба“ на злословење, „дружба“ на преферанс[1] и „дружба“ на заеднички пијанки. Понекогаш еден зема на заем, а другиот дава на заем – и обајцата се сметаат за „другари“. „Раката рака мие“, луѓето заеднички вршат некои дела и зделки, без премногу да се доверуваат еден на друг, и мислат дека тие се „здружиле“. Но „дружба“ понекогаш се нарекува и лесната, со ништо необврзана „привлечност“, која ги поврзува мажот и жената; а понекогаш и романтична страст, која понекогаш ги разделува луѓето засекогаш. Сите тие лажни „дружби“ се сведуваат на тоа, што луѓето меѓусебно непознати, па дури и туѓи, одат еден покрај друг, привремено олеснувајќи си го животот со површен и користољубив контакт: тие не се гледаат, не се знаат, не се сакаат еден со друг, и неретко нивната „дружба“ се распаѓа толку брзо и исчезнува без трага, што тешко е дури и да се каже, дали тие воопшто порано биле „познаници“.

Луѓето се сретнуваат еден со друг во животот и отскокнуваат еден од друг, слично на дрвени топки. Таинствената судба ги крева како земен прав, и ги носи низ животните пространства во непозната далечина, а тие ја играат комедијата наречена „дружба“ во трагедијата на сеопштата осаменост… Зашто без жива љубов луѓето се слични на мртва прашина…

Но вистинската дружба ја раскинува таа осаменост, ја победува и го ослободува човекот за жива и творечка љубов. Вистинската дружба… Кога само би знаеле како таа започнува и никнува… Кога само би умееле луѓето да ја ценат и да ја зацврстуваат…

На светот постои само една – единствена сила, која може да ја надмине самотијата на човекот; таа сила е љубовта. На светот постои само една можност да се излезе од животната прашина и да ì се спротивставиме со виор; тоа е духовниот живот. И така, вистинската дружба е духовна љубов, која ги соединува луѓето. А духовната љубов е вистински пламен Божји. Кој не го знае Божјиот пламен и никогаш не го доживеал, тој не ќе може да ја разбере вистинската дружба и не ќе успее да ја оствари, но тој исто така не ќе ги разбере ни верноста, ни вистинската пожртвуваност. Ете зошто за вистинска дружба се способни само луѓето на духот.

Нема вистинска дружба без љубов, бидејќи токму љубовта ги сврзува луѓето. А вистинската љубов е слободна сврзаност: во неа човекот истовремено е и слободен и сврзан; и оваа сврзаност не ја нарушува и не ја намалува слободата, бидејќи таа ја остварува; и оваа слобода која се реализира себеси во приврзаноста, сврзува човек со човек во духот. Најсилната сврзаност на земјата е слободната сврзаност, доколку таа се остварува во Бога, ги соединува луѓето преку Бога и се зацврстува пред лицето Божјо. Ете зошто во основата на секој вистински брак и на секое здраво семејство лежи слободната, духовна дружба. Вистинската дружба, како и вистинскиот брак, се склучува на небесата и не се раскинува на земјата.

Ако видиме некаде на земјата вистинска верност и вистинска пожртвуваност, тогаш со сигурност можеме да прифатиме, дека тие изникнале од вистинската духовна блискост. Дружбата им е својствена само на луѓето на духот: тоа е нивни дар, нивно богатство, нивни начин на живот. Луѓето без срце и без дух се неспособни за дружба: нивните студени, користољубиви „сојузи“ секогаш остануваат условни и полупредавнички; нивните сметкаџиски и досетливи здружувања се одржуваат на ниво на пазарење и кариеризам. Вистинското соединување на луѓето е можно само во Божјите зраци, во дух и љубов.

Вистинскиот човек носи во своето срце некој скриен жар, како во него таинствено да живее усвитен јаглен. Се случува и тоа, само малкумина да знаат за тој жар и дека неговиот пламен ретко се појавува во секојдневниот живот. Но неговата светлина свети и во затворен простор, и неговите искри проникнуваат во сеопштиот етер на животот. И така, вистинската дружба изникнува од тие искри.

Кој еднаш видел честичка од радиум, таквиот никогаш нема да го заборави тоа Божјо чудо. Во малиот тесен простор, во темнината, зад стаклото на лупата, се гледа минијатурно тело, од кое непрестајно на сите страни излетуваат подвижни искрички и брзо исчезнуваат во темнината. Со лесно завртување на винтот може полека да се намали стегањето на пинцетата, која ја држи таа честичка – и тогаш искрите почнуваат да летаат изобилно и радосно; а кога стегањето се зголемува – искрите летаат слабо и внимателно. А природонаучниците потврдуваат дека радиоактивноста на таа честичка ќе биде активна околу 2.000 години…

Слично на тоа живее и блеска и човечкиот дух; така тој ги испраќа своите искри во светското „пространство“. Од тие искри се раѓа вистинската дружба.

Има луѓе за кои зборот „дух“ не е празен звук и не е мртов поим: тие знаат дека во животот има „Божји цветови“, и дека животот со нив се украсува и свети; тие знаат дека на човекот му е дадено внатрешно око, способно да ги види и препознае тие цветови; тие ги бараат, ги наоѓаат, им се радуваат и ги љубат со срце. Таквите луѓе во своето срце носат духовен „полнеж“ и душевен „жар“. Нивниот личен дух е сличен на честичка од радиум, која ги шири своите искри во светското пространство. И во секоја таква искра блеска нивната љубов и свети силата на од нив љубената божествена содржина. И секоја таква искра бара прифаќање, признавање и одговор, бидејќи човечката љубов секогаш има потреба од разбирање и реципроцитет.

Но испуштената искра на духот може да биде примена и сфатена само од духовно жив и со разгорен дух, само со такво срце, кое самото љуби и точи. Студениот мрак голта сè без трага. Мртвиот пустош не може да даде одговор. Огнот се стреми кон оган и светлината тежнее кон светлина. И кога ќе се сретнат два огна, тогаш се појавува нов силен пламен, кој почнува да се шири и се обидува да создаде нова, жива „ткаенина“ од оган.

Вистинската дружба почнува онаму, каде што летечката искра на духот се допира до туѓа огнена капина и бива примена од неа. По примањето следи возвратна искра, која ја прима оној кој прв ја испратил својата и предизвикува во него одговор на одговорот. Тогаш започнува светлосна размена. Искрите воопшто не исчезнуваат во мракот наоколу. Секоја ја постигнува целта и запалува. Се распалуваат цели снопови од светлина, пламенот се разгорува, пожарот расте. Слободни дарови, творечко восприемање, светла благодарност… И ни сенка од завист. Духот се насладува од својата несебична отвореност. Тој знае, дека него ќе го пресретне духовно созерцание и проникнувачко сфаќање. Срцето внимателно заслушува и радосно го предвидува она што е подлабоко. И пламенот Божји на земјата го празнува својот празник…

Да, човечката душа е осамена на земјата и често страда од тоа. Таа може да се почувствува како оставена и напуштена. Но човечкиот дух не се помирува со осаменоста. Тој се втемелува во Божественото, живее за Божјото дело, слободно ги испраќа своите искри, и не се плаши од никакви „ѕидови“. Тој не верува во тоа, дека делењето на атомот или распрснувањето на множеството го сочинува последниот збор на човечкото битие, непремостливата форма на живот; тој не верува, дека луѓето се осудени на осамено скитање во хаосот,  дека никогаш нема да се најдат еден со друг; тој не верува во победата на „светската прашина“. Некаде, –  не се знае каде, некогаш, – не се знае кога, во лоното на Божјите замисли и творечки идеи, тој видел некое видение: единственото, сеопфатно море од пламен дремливо почивало во пророчкото спокојство, онака, како што на почетокот било замислено од Бога и повикано кон будно постоење во иднина; тој го согледал тоа видение – стапил во ново, земско постоење, за да се разбуди во вид на издвоено, поединечно „оганче“ и да почне на земјата творечка борба за духовно разбудено повторно соединување на многуте човечки огнови… Бидејќи човечките души, тие духовни Божји огнови, повикани да поминат низ индивидуализација и осамување и повторно да се соединат во единствено, компактно море – но од веќе духовно разбуден оган…

И ете, вистинската дружба, како љубов, притоа како духовна љубов, ја создава првоначалната ќелија на тоа единство; од такви ќелии на духовен оган ќе се состави некогаш големиот и единствен пламен Божји, светлата и радосна ткаенина на Божјото Царство во светот…

Ете зошто секој духовно жив човек бара вистинска дружба на земјата и станува среќен, ако се случи да ја најде и да ја оствари. Со ова тој го исполнува заветот на својот Создател и учествува во извршувањето на Неговото ветување; со ова тој учествува во обновувањето и преобразувањето на светот Божји.

Во светот има многу луѓе кои ништо не знаат за вистинската дружба и со тоа не помалку беспомошно зборуваат за неа; и не наоѓајќи го патот до неа, и не знаејќи, како да ја реализираат, се задоволуваат со земската страсна „љубов“, обично добивајќи од неа разочарување и униние. Но токму тие треба да сфатат и да почувствуваат, дека тие се повикани кон неа и дека таа им е достапна. Бидејќи и најслабиот зрак на благонаклонетост, сострадание, грижливиот и внимателен однос на човек кон човека; – и најмалата искра на духовна размена, во жив разговор, во уметноста, во заедничкото истражување или созерцување, – и секој обид заеднички да му се помолиме на едното Божество со една воздишка, – веќе го содржи почетокот, семето на вистинската дружба. Скалата започнува уште од првото скалило; и пеењето ја започнува својата мелодија уште од првиот тон… И колку е тажно ако животот прекине уште во своето семе, ако скалата се сруши уште на првото скалило, ако песната замолкнува уште на првиот звук!…

Затоа секој од нас треба цел живот да бара вистинска дружба, духовно да ја изградува и со љубов да ја чува. Тогаш тој ќе узнае во што се состои блаженството на вистинската верност и лесната природност на вистинската жртва.


[1] Игра со карти, во која играат тројца играчи, и секогаш двајца играат против еден. Се појавила во Русија во XIX век. Специфична е по нејзината динамичност, а полна е со тактичко надмудрување, мајсторство, знаење и блефирање (бел. на прев.).

 

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Изворник: Иван А. Илин,

Срцето што пее,

издание на Повардарската епархија.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *