…Љубовта е чудесно чувство, но таа не е само чувство, таа е состојба на целото битие. Љубовта почнува во тој момент, кога јас гледам пред себе човек и ја согледувам неговата длабочина, кога одеднаш ја здогледувам неговата суштина. Се разбира, кога велам: „Ја здогледувам“, јас не сакам да речам „ја сфаќам со умот“ или „ја гледам со очите“, туку „ја сфаќам со сето мое битие“. Ако може да се спореди, исто така јас ја доживувам убавината, на пример, убавината на музиката, убавината на природата, убавината на уметничките дела, кога стојам пред нив со восхит, со молчење, само примајќи го она, што се наоѓа пред мене, не бивајќи во состојба да го изразам тоа со зборови, освен со воскликот: „Боже мој! Колку е прекрасно ова!…“ Тајната на љубовта кон човекот почнува во тој момент, кога го гледаме без желба да владееме со него, без желба на било кој начин да ги искористиме неговите дарови или неговата личност – само ја гледаме и ѝ се восхитуваме на таа убавина што ни се открива…
Митрополит Антониј Сурошки
Во оваа книга се поместени две помали книги: „Православниот христијански брак“ од отец Алексиј Јанг, „Тајната на љубовта“ од митрополитот Антониј Сурошки, а завршува со семејниот молитвослов.
Преводот од руски и англиски го направи ѓаконот Јани Мулев.