Вечерна служба за свети Наум Охридски

Loading

МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ,

ВО 23-от ДЕН ГО СЛАВИМЕ ПРЕТПРАЗНЕНСТВОТО

НА РАЃАЊЕТО НА ГОСПОДА НАШИОТ

ИСУС ХРИСТОС

И СПОМЕНОТ НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ

РАМНОАПОСТОЛНИОТ

НАУМ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ

 

НА ГОЛЕМАТА ВЕЧЕРНА, Прва катизма, прв антифон: Блажен е оној човек. На Господи, повикав, пееме 8 стихови и прво ги пееме стихирите на претпразненството, повторувајќи ја првата. Глас 4. Подобен: Како храбар:

Со мисли на праведност да ги објавиме претпразничните песни за Христовото рождество зашто Оној Кој е рамен по чест на Отецот и Духот, откако се облече во нашата природа од милосрдие, ќе се роди во градот Витлеем; Неговото неискажливо Рождество, пастирите со ангелите го воспеаја.

Во кимвали да разгласиме, во песни да воскликнеме: Христовото јавување се покажа, пророчките проповеди примија крај зашто Него, Кого што го претскажаа дека со тело ќе им се јави на луѓето, се раѓа во светата пештера и во јасли легнува како детенце и со пелени се повива како новороденче.

Витлееме, подготви се! Едеме, сега отвори се! Сесветата доаѓа да роди. Нека се веселат небесата, нека играат луѓето; Животот во јаслите, Богатиот во пештерата, доаѓа поради големата милост откако ја прими Адамовата бедотија, без промена и мешање.

Други стихири на преподобниот. Глас 2. Подобен: Со какви пофални:

Со какви пофални венци да го овенчаме преподобниот Наум, божествениот познавач на небесните тајни и вистинскиот проповедник на православието; река на божествените тајни што ги потопува градовите на нечестието, а луѓето ги очистува преку божественото крштение и нивните скаменети срца ги издигнува во прекрасен храм на Христа – нашиот Бог, Кој има голема милост.

Со какви убави песни да го пофалиме преподобниот Наум, наоѓалиште на благодатта, прекрасно пристаниште на Духот и светла палата на Словото; на Отецот, пак, избрано живеалиште; значи, на (Светата) Троица сецелосно пребивалиште во три лица, а во една природа, Којшто им го проповедаше на Словените, побожно почитуваниот Бог, Кој има голема милост.

Со какви красноречиви зборови да те прославиме, преподобен Науме, ние кои со љубов го празнуваме твојот чесен (свет) спомен и кои со вера стоиме пред гробот на твоите божествени мошти и побожно им се поклонуваме. Но, ослободи не нас од болести и напасти, од демонски измачувања и неправедни луѓе со твоите молитви кон Бога, Кој има голема милост.

Слава, глас 6:

Откако ја прими од Бога благодатта на премудроста, пречесен Науме, и многу Мизијци ги научи на побожност, ти постана темел и тврдина на православието, и украс на сите преподобни испосници. А бидејќи имаш слобода пред Господа, моли Го Него да се спасат нашите души.

И сега: на претпразненство, глас 3:

Украси се со добрини, Витлееме, зашто рајот се отвори! Подготви се Еуфрате, зашто со него се обновуваат Адам и Ева! Зашто клетвата се раскина, спасението на светот процвета и душите на праведниците се украсуваат како дар на подарување, место миро пеење пренесувајќи, спасение душевно и нетление примајќи. Зашто, ете, оној којшто легна во јаслите, претпочита духовно песнопение да се извршува од оние што извикуваат непрестајно: Господи, слава Ти!

Вход: Светлино тивка.

Прокимен на денот и три чтенија.

Од книгата Мудрост Соломонова, читање (5,15 – 6,1-3):

Праведниците живеат довека и нивната награда е во Господа, а за нив се грижи Севишниот. Затоа ќе го добијат царството на славата и венецот на убавината од раката Господова зашто Он ќе ги закрили со десницата и со Својата мишка ќе ги заштити. Он ќе ја земе својата ревност како силно оружје и ќе ја наоружи тварта за одмазда против непријателите. Ќе се облече во оклопот на правдата, а како шлем ќе го стави нелицемерниот суд. Светоста ќе ја земе како штит непобедлив, Својот строг гнев ќе го изостри како меч и со него ќе се собере светот во бој против безумните. Тогаш ќе полетаат како молња добро вперените стрели и од облаците, како од силно затегнат лак, ќе полетаат кон целта и, како од направа за фрлање камења, ќе паѓа град; морската вода ќе беснее врз нив и реките нагло ќе ги потопат. Против нив ќе стане духот на силата и како виор ќе ги развее, а беззаконието ќе ја опустоши целата земја и лошите дела ќе го превртат престолот на силните. Затоа, слушајте цареви и разберете, поучете се судии од краиштата на земјата! Внимавајте вие што владеете со мнозина и кои се фалите пред народите зашто власта ви е дадена од Господа и силата од Севишниот.

Од книгата Мудрост Соломонова, читање (3,1-9):

Душите на праведниците се во Божја рака, до нив нема да се допре никаква мака. Во очите на неразумните тие се како умрени, а нивниот крај се сметаше за пропаст, и тоа што тие заминуваат од нас – како уништување, но тие живеат во мир. Зашто, иако во очите на луѓето и да се накажуваат, надежта нивна е полна со бесмртност. Бидејќи и малку казнети, тие ќе добијат големи блага зашто Бог ги испитал и ги најде достојни за Себе. Он ги проверил како злато во печка и ги примил како најсовршена жртва. Во времето на посетата, тие ќе светкаат како искри меѓу гранки. На племиња ќе им судат и со народи ќе владеат и Господ ќе се зацари во нив во вековите. Оние што се надеваат на Него, ќе ја разберат вистината, а кои Му се верни во љубовта, ќе живеат во Него зашто он има милост и милосрдност за своите светии и промисла за Неговите избрани.

Од книгата Мудрост Соломонова, читање (4. 7-15):

Праведникот, и рано да умре, ќе биде во мир, оти чесната старост не е во долговечноста, ниту се избројува со бројот на годините. Мудроста – тоа се белите човечки коси, а непорочниот живот – возраст на староста. Откако Му угодил на Бога, праведникот е засакан и, откако живеал меѓу грешниците, Бог го прибрал; грабнат е, злобата да не го измени неговиот разум и подмолноста – да не ја заведе неговата душа. Зашто, извршувањето на лошото го помрачува доброто, а страсното бранување го развратува незлобивиот ум. Кој достигнува совршенство во кратко време, тој живее долго зашто неговата душа Му била угодна на Господа, затоа и побрзал да го избави од безбожноста околу него. А луѓето го видоа тоа и не го разбраа, дури и не помислија за тоа дека Бог има благодат и милост за Своите светии и промисла – за Своите избраници.

Стихири на литија, глас 2, самогласни:

Верници, да го прославиме божествениот Наум, кој е богосветла ѕвезда, мизиски светилник и за верата поборник; зашто сс радува со ангелите откако прими венец на нетление од Самиот Бог и се моли да се спасат нашите души.

Себлажен Науме, премудар, ти и по смртта живееш во Христа, за Кого што светот во себе си го распнал, бидејќи надвор од телото навистина си поживеал; не си живеел ти, туку Христос Бог живееше во тебе. Него моли Го да ги спаси нашите души.

Глас 6: Преподобен Науме, откако светлината на твоето учење засвети во земјата мизиска, како небо славата Господова си ја објавил; посветло од сонцето си огреал и појасно од светлината си засветил, затоа многу луѓе си привел кон Христа, кои од срце поверуваа. Нив сега спомени ги, бидејќи имаш смелост пред Господа.

Слава, глас 5: Преподобен отче, не си им давал сон на твоите очи, ниту дремка на твоите веѓи, додека душата и телото не си ги ослободил од страстите и себеси си се подготвил за живеалиште на Духот. Зашто, кога ти пријде Христос со Отецот, обител во тебе направи и тебе те претвори во чисто пребивалиште за Единосушната Троица. И сега, Науме најблажен, моли се да се спасат нашите души.

И сега, на претпразненство, глас 6: Не нервирај се, Јосифе, гледајќи ја мојата утроба зашто ќе го видиш Она што ќе се роди од мене и ќе се зарадуваш, и како на Бог ќе Му се поклониш, – му велеше Богородица на својот свршеник, сакајќи да Го роди Христа. Неа да ја воспееме, велејќи: – Радувај се, радосна, со тебе е Господ и заради тебе е со нас!

Стиховни стихири. Подобен: Радувај се, на испосницнте:

Глас 5: Радувај се, преподобен Науме, мизиски светилниче, мерило на догмите, правило на православието, небо што ја соопшти славата на Христа Царот на сè; око будно кое ги набљудува краиштата што си ги исполнил со божествената проповед. И се исполни во тебе пророчката изрека: – Во целата земја потече твојата проповед. преку Христа нашиот Бог; Него моли Го да им дарува мир на нашите души и голема милост.

Стих: Почитувана е пред Господа смртта на Неговите преподобни.

Радувај се, преподобен Науме, проповеднику на Евангелието во мизиските краеви, којшто на секоја човечка душа, љубов Христова си ì влеал. Затоа, откако ги оддалечи од прелеста сите црковни собранија, си ги научил православно да ì се поклонуваат на несоздадената Троица – беспочетниот Родител, Синот собеспочетен и Божествен Дух, Кој непосредно исходи од Отецот; Него моли Го да им дарува мир на нашите души и голема милост.

Стих: Блажен е оној човек кој се бои од Господа; преку Неговите заповеди ќе го засака многу.

Радувај се, преподобен Науме, навистина почитуван украс на монасите, кој, откако премина со радост и веселие на душата, во прекрасните населени места до домот Божји, каде што е гласот на Оној што празнува од прекрасното слушање и слатката пофалба, (и) откако единствено Него Го засака, телото си го умртвил и си ја добил божествената правда од Христа нашиот Бог, Него моли Го да им дарува мир на нашите души и голема милост.

Слава, глас 8: Преподобен Науме, откако го остави светскиот метеж и на рамо го зеде крстот на Спасителот, себеси целиот на Бога си Му се предал. Затоа, иако си бил во светот, надвор од телото си се покажал, Сеславен. А, подвизувајќи се секој ден со напорно воздржување, постојано присуствуваш со ангелите во Духот и се веселиш. Така, имајќи смелост пред Господа, моли да се избавиме од беди и жалости ние кои верно го празнуваме сечесниот спомен твој.

И сега, на претпразненство, глас 8: Прими ја, Витлееме, Божјата митрополија, зашто незалезната Светлина доаѓа да се роди во тебе. Ангели, восхитувајте се на небесата! Луѓе, прославете на земјава! Мудреци од Персија, принесете прославен дар! Пастири, свирејќи трисвето пеење, слатко воспејте. Секое суштество да Го фали Создателот на сè!

Тропар, глас 4: Светот си го оставил откако се прилепи кон Христа; телото си го распнал, живеејќи според Духот, преблажен Науме! Си се трудел како апостолите да се подвизуваш во животот и си уловил во верата безбројно мизиско мнозинство затоа, со твоите молитви, избави нè од искушенијата.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *