- Овој посен период му претходи на Успението на пресвета Богородица, најголемиот богородичен празник од православниот календар. Тој е многу помал од останатите многудневни пости и првично се делел на два дела, кои им претходеле соодветно на празниците Преображение на Спасителот и Успение на Богородица.
Постот, кој му претходи на Преображението Господово, очигледно е древен. Тој трае пет денови, почнувајќи од први а завршувајќи на петти август (ст.ст.). На шести август се дозволувало јадење на месо. Според сведоштвото на епископот на Кесарија палестинска Анастасиј, кој живеел во XI век, императорот Лав Мудри забранил јадење на месо и го соединил преображенскиот пост со успенскиот.
Празникот Успение на Пресвета Богородица се појавува на Исток во почетокот на V век, најпрво, нормално, во Палестина, од каде што подоцна стигнал и на други места. Императорот Маврикиј (582-602) со своја одлука го востановил задолжителното празнување на Успението на 15 август низ целата Византиска империја. Веднаш потоа овој празник стигнал и на Запад и со текот на времето добил такво значење, што се сметал за најзначаен Богородичен празник.
- Првите сведоштва за постот пред празникот Успение на Пресвета Богородица, со кои располагаме, се однесуваат на VII век, но не укажуваат на неговото времетраење. Овие сведоштва на Анастасиј Синајски, на светиот Теодор Студит, Томосот на Единството, издаден во 920 година во врска со прашањето за четвртиот брак на императорот Лав Мудри, и познатото Послание на Теодор Валсамон до Антиохијците „за постите во секоја година, кои треба да се запазуваат“. Последниот, во своите „одговори“ до александрискиот патријарх Марко напоменува дека во негово време успенскиот пост бил седумдневен.
Како што веќе спомнавме претходно, од почетокот на X век седумдневниот пост пред Успението на Пресвета Богородица бил соединет со постот, кој му претходел на празникот Преображение и бил оформен еден пост „во чест на Богородица, Која, се разбира, постела во времето на своето Успение, според зборовите на Симеон Солунски“, како што забележува свети Никодим Светогорец.
- Како треба да постиме во успенскиот пост? Во својот денешен вид тоа е строг пост. Можеби, тоа се објаснува со љубовта и посебната почит, со која ние, православните, се однесуваме кон Пресвета Богородица, во Чијашто чест постиме. И така, доколку можеме, постиме во сите денови без масло.
Масло и вино се разрешува само во сабота и недела, а на празникот Преображение, во кој ден и да се случи, се разрешува риба. Разрешување само на риба има и на денот Успение на Пресвета Богородица, ако падне во среда или петок.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев
Извадок од книгата „Со пост и молитва“, изд. на Повардарската епархија