Соподвижникот на старец Дамаскин во Свети Василиј, отец Јован, послушник на старецот Јосиф, го раскажува следниов настан, кој се случи пред 70 години во рускиот скит на Свети Андреј, наречен „Сејрај“:
„Еден брат од овој скит, руски монах, се разболе тешко и го косеа ужасни болки, и додека Го молеше Бога да го исцели, гледа над креветот еден ангел, којшто му рече: Отец, што сакаш повеќе? Сакаш да останеш во креветот со вакви болки три години болен? Или повеќе сакаш да престојуваш во пеколот три дена и да оздравиш?
Болниот му рече: „Штом е само за три дена, попрво би сакал во пеколот“.
Веднаш се најде на местото на „невидени маки и неподносливи страдања“, таму беше страшно пеколно, бидејќи по половина час го гледа пак ангелот, којшто го праша: „Како си, старче? Добро ли ти е тука?“ И монахот му одговори: „Ме прашуваш како поминувам, кога наместо три дена, како што ми рече дека ќе бидам во пеколот, ме остави цели триста години со ужасни и неподносливи маки?“ И тогаш ангелот му рече: „Брате, не помина ни половина час а ти велиш дека поминале триста години?“
Замислете, половина час како триста години да поминале, а три дена колку векови би биле?
И монахот му рече на ангелот: „Брзо, те молам, да ме вратиш во креветот со болки, подобро таму да се мачам три години, отколку овде во овој страшен пекол три дена“.
Тогаш ангелот му ја исполни желбата на монахот и го врати назад во креветот, каде што помина три години болен.
(од Светогорскиот старечник)
Превод од грчки јазик:
Свештеник Јани Мулев
Изворник: Τρία χρόνια άρρωστος ή τρεις μέρες στην κόλαση http://www.agioritikovima.gr