Светиот и Трет вселенски собор (431 година)

Трет вселенски собор во Ефес 431 год.

Loading

Трет вселенски собор (431 година)

Трет вселенски собор во Ефес 431 год.

(текстот на свети Фотиј, од Посланието до Михаил кнезот бугарски)[1]

„А Светиот и вселенски трет собор (431 година) се состана во Ефес во Азија, умножен до бројот од 200 (отци). Меѓу нив се познаваа водачите: Кирил, познат меѓу отците, кој поради добродетелта и богатството од мудрост управуваше со престолот на велеградот на Александар (Александрија); и Целестин, кој ја пополнуваше катедрата и лицето на Рим; и со него Мемнон, кому му е поверена управата со Црквата на Ефесјаните; и исто така (епископот) на Ерусалимјаните Јувеналиј. Тие, со сета полнота на Соборот, го судеа злочестивиот (неправославен- еретик) Несториј за она што нечестиво (еретички) учел.

Овој (Несториј), потекнувајќи од градот на Антиох на Оронт (Антиохија), го добил не чисто во рацете престолот Цариградски, па тој несреќникот, откако се напи од матните води на нечестивоста (неправославието, ереста) на Диодор (Тарсиски) и на Теодор (Мопсуестиски) и, откако падна со мозокот во опиеност, ги наполни ушите со многу грди и неумесни зборови, на штета на стадото (Христово). Зашто Христа, Единствениот Син Божји, Вистинскиот Бог наш, Кој заради нас и заради нашето спасение најтесно зеде учество во нашето тело и крв (Евр. 2, 14), и во Себе го воипостазира нашиот состав (e>~ 5aut4n t4 Óm1teron 7post/sameno~ fvrama – човечка природа), станувајќи Еден, од две спротивни природи (Божествена и човечка), останувајќи Он ист Бог и Човек, Еден Христос, Еден Син, Он истиот (роден) горе од Отецот без мајка, и долу од Мајка без татко; Он истиот  а не друг, едно Лице, една Ипостас. Него, значи, Господа нашиот Исуса Христа, тој тронесреќник, не плашејќи се, го расекува и разделува во две ипостаси (две личности): едниот, како прост човек и без Логосот кој го зел на Себе, го ставал во посебна ипостас, а другиот посебно (во ипостас) како Бог и оголен од земеното (на Себе тело), божем плашејќи се безумникот Бог да не пострада нешто кога, од неизречено човекољубие, заради исцелување и преродување, го зема на Себе Своето создание; ни тоа не сфаќајќи го дека со тоа, што човечката природа ја одвојува од Ипостаста на Логосот, неа ја прогласува за неисцелива и неизлечива, па (така) стана одрекувач на сопственото спасение. Но уште и (тоа го хулеше), расипувајќи ги со тоа сосема своите мисли, што не ја прифаќал дека Неговата по тело Мајка, Пресветата Дева и навистина и вистинска Родителка на Воплотениот Бог Логос, ни Нејзе да ја нарекува Богородица (Qeot3kon), туку, како што Синот го лишувал од Божеството, така и Родителката ја лишувал од називот Богородица.

Затоа него, достојно на толкаво безумие и хулнички јазик, Соборот на Блажените Отци (во Ефес) го лиши од свештенството, и истиот, со својственото за него најгнасно мислење, го предаде на вечна анатема[2]. А (отците) одогматија (догматски исповедаа) дека отечкопредански и преподобнодолично Го обожуваме и проповедаме Господа нашиот Исуса Христа, и следствено на тоа предадоа и Сепречистата и Вечнодева Мајка Негова навистина и вистински да ја нарекуваме и пофалуваме како Богородица. Затоа Таа, Која го роди Оној Кој го прифати тоа, Бог Логосот, по тело го роди, со право е посветена (удостоена) да се славослови и нарекува Богородица.

И во тоа, значи, овој (Трет) Собор завршен (431 година), кога Римската држава со мирни очи гледаше на Теодосиј Помладиот (440-450) дека татковската и царска власт во третото поколение преминува“.

(Третиот вселенски собор во Ефес донесе и 9 канони).


[1] Овој, од нас додаден, текст на свети Фотиј види во Svntagma 1,374-388 (PG 102,632-656).

[2] Светите Отци велат: „Казната на анатемисување не е ништо друго освен одвојување од Бога“ (IV Вселенски Собор, седница 8).

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *