Света Теодора е родена во средината на XVII век во селото Винатор, областа Њамц во Молдавија. Се омажила, но бидејќи со мажот ѝ немале деца, обајцата заминале во манастир. Теодора била замонашена во Варзаретскиот скит, во областа Бузау, но набрзо Турците го зазеле овој крај и го разрушиле манастирот. Тогаш Теодора заедно со духовната мајка Пајсија се скрила во планината, каде што поминала многу години, храбро пренесувајќи го невремето и заштитувајќи се со молитва од нападите на демоните.
По смртта на Пајсија, Теодора добила од Бога заповед да се насели во гората Сихла недалеку од Њамецката лавра. Таа проживеала таму 30 години, слично на Марија Египетска, во ќелија, оставена од некој пустиник. На почетокот од монашкиот живот Теодора добила од Бога дар на срдечна молитва и сите ноќи ги поминувала во молитва со рацете издигнати кон небото сѐ додека на нејзиното лице не паднеле сончевите зраци. Тогаш си допуштала два часа одмор, а потоа ја обновувала духовната борба. Оваа монахиња јадела само на два дена сув леб и диви треви, а пиела дождовница, која се собирала во процепот на карпата, која потоа почнале да ја нарекуваат извор на света Теодора.
Никогаш не заминувала од своето живеалиште кај луѓето и лишена од човечка утеха, светителката живеела, поддржувана од Божествената благодат. Само отец Павел, духовникот на Сихастрискиот скит, понекогаш одел за да ја причести подвижничката и да ѝ даде духовна поука. Кога се упокоил во Господа отец Павел, Теодора останала сосема сама, оставена на Промислата.
Еднаш кај нејзиното прибежиште дошле монахињи, кои биле принудени да се кријат во планините поради гонењата од Турците. Светителката веднаш им ја отстапила ќелијата и отишла во пештерата, за таму да ги продолжи подвизите, непозната за луѓето и рамнодушна кон телесните потреби и нападите од демоните, кои биле немоќни против неа.
Во една прилика дошле Турците во планината и се нафрлиле на светителката. Таа, клекнувајќи на колена почнала да се моли. Тогаш карпата, која ја криела пештерата, на чудесен начин се тргнала и Теодора се нашла во шумата. Таму водела рамноангелски живот, непрестајно издигнувајќи го умот кон Бога. Од текот на времето и од лошите услови нејзината облека се претворила во партали. Птиците кои долетувале кај неа ѝ носеле корки леб од трпезата на манастирот Сихастрија.
Еднаш игуменот, откако ги забележал тие птици, испратил монаси да ги следат. Водени ноќе од огнен столб, двајцата монаси стигнале до живеалиштето на светителката, која тогаш се молела. Нејзиното тело било издигнато над земјата, а лицето ѝ блескало како сонце. Таа ги успокоила, кажувајќи им дека таа е жена, а не привид, и побарала да ѝ фрлат наметка, за да си ја скрие голотијата. Потоа Теодора им рекла да се доближат и им го раскажала својот живот, барајќи од нив да ѝ испратат свештеник со Света Причест. Следниот ден дошол свештеник со двајцата монаси. Светителката откако се причестила, тивко ја предала душата на Бога, притоа од нејзиното тело излегувало небесно благоухание.
Веста за смртта на великата подвижничка брзо се раширила низ околијата, и многу верници почнале да доаѓаат кај пештерата. Во 1830 година нејзините чесни мошти биле пренесени во Киево-печерската лавра. Местото на нејзините подвизи исто така било осветено од благодатта, и до ден денес многу болни добиваат исцеленија, откако ќе се напијат од водата од изворот на света Теодора во скитот Сихла.
Нејзиниот свет спомен се празнува на 7/20 август. По нејзините свети молитви, Господ да нѐ помилува и спаси. Амин!
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев