55. Свети Кирил Ерусалимски (+386): „Невозможно е со телесните очи да Го видиме Бога: бидејќи бестелесното не потпаѓа под телесните очи… Од делата Божји можеме да дојдеме до разбирање на Неговата моќ… Ако некој бара да зборува за Бога, првин нека ги објасни краиштата на земјата. Живееш на земјата, а краевите на своето живеалиште, т.е. земјата, не ги знаеш. Како можеш достојно да Го разбереш Творецот? Ги гледаш ѕвездите, а Творецот не Го гледаш. Изброј го видливото, па дури потоа објасни го невидливото… Изброј ги, ако можеш, капките вода кои паднале во текот на само еден час во овој град, или на твојот дом, изброј ги ако можеш, но не можеш. Спознај ја својата немоќ и Божјата сила. А на Бога Му е познат бројот на дождовните капки кои се изливаат врз целата земја (Јован 36, 27). Сонцето е создание Божјо… Погледни првин кон сонцето, потоа испитувај Го Бога… Кога човек не може да го разбере она што Бог го создал, како тогаш ќе Го разбере Бога“?
56. Свети Максим Исповедник (+662): „За Бога знаеме само дека постои, но не знаеме што е Бог… Бог не може да се спознае по суштина, но се спознава по убавината на Неговите созданија и Својата промисла за нив. Во нив, како во огледало, ја гледаме Неговата бескрајна добрина, премудрост и сила“…
57. Свети Григориј Богослов (+389): „Бог е највозвишена светлина, непристапна, неискажлива, недостижна со умот, неизглаголива со зборови, која ја просветлува секоја разумна природа; за духовниот свет е она, што е сонцето за сетилниот. Сонцето го осветлува видливиот свет, а Бог – невидливиот; сонцето прави телесните погледи да гледаат, Бог разумните битија ги прави богоподобни“…
58. Свети Антониј Велики (+356): „Бог е дух, и иако е невидлив, Он јасно се гледа во видливото, како душата во телото. Како што телото не може да живее без душата, така и сè она што се гледа и постои не може да опстане без Бога“. Некој философ му пришол на свети Антониј и го прашал како може да поднесува таков пустински живот, лишен од утехата која ја пружаат книгите. На ова светителот му одговорил: „Моја книга, господине философ, е оваа создадена природа. Таа е секогаш со мене и јас, кога и да посакам, можам од неа да ги читам зборовите Божји“.

59. Свети Василиј Велики (+379): „Иако уметникот не е присутен на лице место, сепак неговите вештини самите по себе доволно го покажуваат уметничкиот ум, и ти можеш да му се восхитуваш на архитектот, ковачот, ткајачот, гледајќи го неговиот производ. И светот е уметничко дело и тоа сведочи за својот автор којшто не се гледа“…
60. Свети Тихон Задонски (+1783): „Како што едно уметничко дело говори за својот автор, и зградата за својот архитект, и книгата за својот писател, така сиот свет сведочи за неговиот Творец Бог, и безгласно ни говори нам, разумните созданија: Он ме создал. Великото и чудесно здание го покажува великиот и чудесен Создател“…
61. Свети Јован Дамаскин (+776): „Дека Бог постои, тоа е очигледно. Но што е Он по суштина и по природа – тоа е сосема недостижно и непознато. Дека Он е бестелесен, тоа е јасно. Зашто како може да има тело, она што е бескрајно и безгранично, што нема лик, што не се допира, што е невидливо, просто, несложено?… Самиот состав, одржување и управување со созданието ни покажува дека постои Бог, Кој сето тоа го создал, го одржува, го чува и за сè промислува… Кој распоредил на определени места сè што е на небото и што е на земјата, што е во воздухот и што е во водата, и што му претходи на сè: на небото и на земјата, на воздухот и природата, како на огнот така и на водата? Кој го разделил и соединил сето тоа? Кој им наредил движење и стремеж без престан и препрека? Не е ли нивниот уметник оној, кој на сите нешта им поставил закон, според кој сè се одвива и се управува? Кој е уметникот на сето тоа? Не е ли оној, кој сето тоа го создал и го привел во постоење? Таквата сила не можеме да ì ја припишеме на случајноста, но дури и да произлегло сето тоа од случајноста; но кој го привел сето тоа во таков поредок? Дури и да допуштиме, дека сето ова е од слепа случајност; но кој одржува и чува сè по тие закони, според кои сè е претходно создадено? Кој друг, ако не Бог?“…
62. Свети Јован Златоуст (+407): „Нема темел, а како стои зградата? Нема дно, а на што се држи чамецот? Нема бродоградител, а како се гради бродот? Нема земјоделец, а како плодоносат нивите? Нема музичар а од каде се јавува хармонијата на харфата на светот? Нема промислител, а како сè се потчинува на промислата? Нема кочијаш, а како се движат тркалата на четирите елементи? Нема вајар, а како луѓето, како живи статуи го полнат светот? Нема творец на сводови, а кој го раширил над тебе небесниот свод? Нема мајстор на златни дела, а кој го поставил пред тебе сонцето на небото, како чинија од чисто злато на маса? Нема творец на свеќникот, а кој ти ја дал месечината навечер како сребрена светилка? Нема светлодавец, а кој ти ги дал светилата, кои служат како извор на светлината и блесокот? Нема творец на големи светила, а кој ти го дал блесокот на ѕвездите во висините? Нема творец, а како убавината на создаденото сведочи за созданијата? Сè што се случува во светот, е направено и создадено, има свој востановител и извршител, а само светот нема управител? Ако нема Бог, што правиш ти на Неговиот имот? Ти остануваш во домот Божји, а не Го признаваш Него за домаќин? Или биди благодарен за домот во кој пребиваш, или оди си од дома!“…
Извадок од книгата „Најдобриот воспитувач“.
Превод: Ѓакон Јани Мулев