Со својот богоугоден живот епископот Теофан Вишенски потсетува на многу велики отци и учители на древната христијанска Црква. Тоа е оцена која сама по себе ја наметнува неговиот исклучителен подвижнички живот, неговата неуморна пастирска и духовна работа, неговата длабока и силна богословска мисла, искажана во бројните негови пишани дела.
Детство и младост
Идниот епископ Теофан Затворник се родил во 1815 година во селото Черновское, во Орловската област, во царска Русија, од побожни родители: татко – Василиј Тимотеевич Говоров, свештеник; и мајка – Татјана Иванова, која исто така, по потекло била од свештеничко семејство. На крштението го добил името Ѓеорѓиј. Затоа за време на школувањето, т.е. додека не положил монашки завет, бил познат под световното има Ѓеорѓиј Васиљевич Говоров. Големата благочестивост на родителите на Ѓеорѓиј била прва и најважна „школа” за неговото основно христијанско образование и правец во понатамошниот живот. Во осмата година од животот (1823) заминува во Ливенската духовна школа. Шест години подоцна (1829) се запишува на Орловската семинарија, која ја води архимандритот Исидор, подоцна познат епископ на Руската црква. Орловската семинарија ја завршува во 1837 година со одличен успех.
Монаштво
Ѓеорѓиј потоа се запишува на Киевската духовна академија, на која студира наредните четири години. Академијата успешно ја завршува во 1841 година со степен магистер, и тоа како млад јеромонах, бидејќи малку порано, истата година, пред крајот на студиите, бил замонашен и ракоположен со името Теофан. Веќе во август 1841 година, јеромонахот Теофан е поставен за ректор на Киевско-софиевската духовна школа. Набрзо (1842) е одреден за надзорник на Новгородската семинарија, во која подоцна се истакнува како извонреден предавач по психологија и логика. Поради своите изобилни интелектуални и духовни дарови, како и педагошки способности, Теофан во 1844 е поставен за предавач во Петербуршката духовна академија, каде предава морално и пастирско богословие. Јеромонахот Теофан своите вдахновени предавања ги темели на христијанската психологија (облагородена со личниот подвижнички живот и осмислена од учењето на Светото Писмо), како и на житијата на светиите, и поуките на големите христијански богоугодници и отци на Црквата. Богат со духовен живот и богословие, отец Теофан во 1845 година е поставен за помошник надзорник на Петербуршката духовна академија, а во текот на 1846 година ја врши и должноста надзорник на Академијата.
Мисионерски престој на Исток
Следната година (1847) по сопствена желба станува член на Духовната мисија во Ерусалим, со која во тоа време раководи архимандритот Порфириј (Успенски), големиот познавач на Истокот и истакнат црковен археолог. За време на шестгодишниот престој на Истокот, јеромонахот Теофан ревносно ги посетува древните монашки обители и трудољубиво ги чита старите христијански ракописи, особено оние во кои биле изложени житијата на светителите и уставите на древниот монашки живот. Покрај тоа, се сретнува и води духовни разговори со големи подвижници, особено во текот на своите престои на Света Гора. Сето тоа разгорува љубов во неговото срце и желба за пустинско подвизување.
Враќање во Русија
Во 1854 година јеромонахот Теофан се враќа од Ерусалим во Русија, заедно со Руската духовна мисија која, поради Кримската војна морала да биде повлечена во Татковината. Трудот на јеромонахот Теофан во Мисијата не останал незабележан, па бил една од причините во 1855 година да стане архимандрит и да биде поставен за професор на катедрата по канонско право на Петербуршката духовна академија, а набрзо и на должноста ректор на Олонецката духовна семинарија.
Истата година архимандритот Теофан станува член на Олонецкото духовно собрание. Во тоа време е познат по своите вдахновени проповеди, како и по мерките кои ги преземал за побивање на ереста на расколништвото.
Во Цариград
Познавањето на приликите на Истокот како и знаењето на грчкиот јазик, биле пресудни во одлуката на Руската црква, во 1856 година, да го постави архимандритот Теофан за старешина на Руската црква во Цариград. Архимандритот Теофан одблизу ги следи и го известува Синодот на Руската Црква за расправиите помеѓу Цариградската и Бугарската црква, во врска со расколот на Бугарите. Во своите извештаи отворено ја покажува наклонетоста кон Бугарите, но и богословската љубов кон Цариградската црква, нагласувајќи дека „великодушна Русија, не би требало да ја остави својата мајка по вера во таква беспомошна состојба”.
Ректор на Петербуршката духовна академија
Набрзо (1857), кога се укажала потреба, архимандритот Теофан со своите искуства и дарови уште повеќе да придонесе за Руската православна црква, Светиот Синод со указ го поставува за ректор на Петербуршката духовна академија. Од тоа место ги објавува своите многубројни богословски дела, главно во списанието „Христијанско четиво”, кое излегува под негов надзор. Меѓутоа, основна задача во Петербург му е стражарење над духовниот и духовен развој на студентите што му биле поверени.
За време на неговото ректорување во Академијата, 1859 година, одбележува педесетгодишнина од своето основање, и во таа прилика Синодот на Руската Црква, „за покажаниот труд и посветена служба во Академијата”, го одликува со орден на светиот кнез Владимир од III степен.
Епископ Тамбовски и Шацки
Во 1859 година архимандритот Теофан е избран за епископ тамбовски и шацки. Како епископ на таа епархија тој четири години неуморно ја поучувал својата паства со едноставни и силни проповеди (кои подоцна биле објавени во два тома). Во времето на тамошното епископување, епископот Теофан отвора црковно-парохиски и други школи и иницира издавање на епархиско списание. Од посебна важност е неговото богословско дело „Писма за христијанскиот живот”.
Епископот Теофан, во својата пастирска дејност, околу себе шири вистинска црковност и духовност, богословска строгост и човекољубива благост, родителска љубов и грижа кон сите, особено кон бедните и сиромашните.
Обиколувајќи ги, во една прилика, црквите и манастирите во својата епархија, епископот Теофан ја посетува и Вишенската пустина, која веднаш необично му се допаднала со своите строги монашки правила, како и со прекрасната местоположба. Праќајќи го за старешина во Вишенската пустина игуменот Аркадиј, епископот Теофан ги изрекува следниве пророчки зборови: „Појдете, отче игумене, таму, а Бог ќе даде и јас да дојдам кај вас”.
Епископ владимирски
Кога во 1863 година се упокоил владимирскиот епископ Јустин, Синодот на Руската црква донесува одлука на негово место да го постави тамбовскиот епископ Теофан, со образложение дека е способен да раководи со „поголема паства”. Како и во претходната епархија, епископот Теофан и во оваа – владимирската, непрестајно мисионери, отвора школи, иницира епархиско списание…
По дваесет и петгодишно служење на Црквата, епископот Теофан донесува одлука, својот монашки идеал да го оствари, така што ќе се повлече во пустина и потполно ќе се одрече од овој свет.
Оваа највозвишена монашка одлука претставува круна на неговиот подвижнички живот и исполнување на најдлабокиот Божји призив, што епископот Теофан го чувствувал во срцето, додека – уште како дете, и подоцна како младич – им се восхитувал на подвижниците, коишто ги гледал низ руските манастири, низ Светата Земја, и на Света Гора Атонска; додека читал светоотечка литература и, особено, кога во 1861 година присуствувал на духовната прослава по повод откривањето на моштите на светиот Тихон Задонски.
Настојател на Вишенската пустина
По советувањето со својот духовник, митрополитот Исидор, епископот Теофан испраќа молба до Светиот Синод, во која моли да биде разрешен од епископските обврски во Владимирската епархија и да му биде дозволено да се насели во Вишенската пустина.
Одобрението за ова го добива во 1866 година, кога и е поставен за настојател на Вишенската пустина, во која, до крајот, го поминал својот овоземен живот, но не како настојател. (Набрзо пишува нова молба до Светиот Синод, барајќи овој пат да биде разрешен и од настојателската должност, за да може уште подлабоко да се посвети на подвижничка осаменост, та така, уште поодвоен од светот да може попосветено да Му служи на Бога, сецело потопен во подвигот на молитвеното тихување).
За себе и за своите најдлабоки стремежи кон совршен христијански живот, подвижникот Теофан, во тоа време, вака пишува: „Ме нарекувате среќен. Јас не се чувствувам така… Виша (т.е. Вишенската пустина) може да се замени само со Царството Небесно”. Најдлабоко предаден на тихувателен живот во тишината на Вишенската пустина епископот Теофан не ја прифаќа понудата од Светиот Синод на Руската православна црква повторно да раководи со некоја од големите епархии, како ни понудата да биде епископ московски, ниту да оди во Јапонија, каде што во тоа време мисионерел отец Николај Касаткин.
Затворник, пастир и духовник
Задлабочувајќи се сè повеќе во тајната на пустинското подвижништво, епископот Теофан во 1872 година почнува да живее затворнички живот. Ги прекинува сите контакти со луѓето и престанува да доаѓа во манастирскиот храм на богослужби, затворајќи се во посебен агол на пустинското живеалиште, поради што е наречен затворник. Оттогаш го прима само настојателот на пустината, духовникот – игумен Тихон, и ќелијникот отец Евлампиј.
Во своите ќелии гради мала црква, посветена на Крштението Господово, во која последните 11 години секојдневно служи света Литургија. Својот затворнички живот го поминува во непрестајно општење со Бога преку непрекината молитва, читање и пишување.
Живеејќи подвижнички и затворнички пишува многу писма – одговори на оние кои му се обраќале барајќи од него духовна утеха, помош и поуки, што тој го сфаќа како посебен вид служење на Црквата Божја и на народот христијански. Дневно му пристигнуваат од 20 до 40 писма од сите краишта на Русија. Затоа, со право, еден од неговите биографи го нарекува „голем ум на христијанската философија, плоден писател според мерата која ја постигнале пустинските отци од IV век”.
Исто така, треба да се истакне дека епископот Теофан со своите боговдахновени богословски дела во значајна мера го збогатил руското богословие, но и православната духовност во целост, бидејќи сите свои мисли – преку поуки и толкувања – ги изложувал на едноставен и јасен начин, така што, основните вистини на христијанската вера и учењата на Црквата да бидат јасни и прифатливи за секого.
Епископот Теофан исто така се истакнува како исклучителен преведувач на светоотечки текстови. Најдобар доказ за ова е неговиот превод на Добротољубието, книга која ги содржи највозвишените учења за духовниот живот од перото на основачите и големите учители на христијанското подвижништво. Искреноста, скромноста, љубовта кон човекот и кон Бога, претставуваат основна одлика на светата душа на Теофан Затворник. „Еве ја книгата, – велел тој – и читам и пишувам, но во мене нема ништо слично со она што го правеле Божјите угодници”. Таквиот негов внатрешен живот и смирение го направиле да биде добар кон сите; а познато е дека бил склон сите луѓе во суштина да ги смета за добри и потенцијално свети.
Својот велик праведник Бог го преселил во оној свет во 1894 година, на денот на Крштението Господово – ден на празникот на храмот што тој го подигнал во својата ќелија. Епископот Теофан се преселил во Царството Божјо, не престанувајќи да живее на земјата, во сеќавањето на живите членови на Црквата Христова, не само во Русија, но и ширум православниот свет.
Во едно од многуте напишани дела на овој светител се вели вака: „Умрените продолжуваат да живеат и на земјата, во сеќавањето на живите, по своите добри дела”. Православната Црква го прославува како светител, угодник Божји, Теофан Затворник, кој – преку своите прескапоцени богословски и пастирски добри дела – продолжува да ги поучува новите поколенија на христовите војници кои, на патот на спаението, во Црквата Христова, се подвизуваат и одат кон Света Троица и Царството Божјо.