Почитување на светите реликвии

Даровите кои тројцата мудреци Му ги донеле на новородениот Спасител

Loading

Даровите кои тројцата мудреци Му ги донеле на новородениот Спасител
Даровите кои тројцата мудреци Му ги донеле на новородениот Спасител

Реликвии се нарекуваат моштите и предметите кои им припаѓале на Божјите угодници за време на нивниот живот и тие се служеле со нив. Благодатта Божја која почива на светителите дејствувала и дејствува, кога Му е на Бога тоа угодно и целисходно, и преку светителските реликвии.

1.  Првата чудотворна реликвија во Новиот завет – била облеката Христова. Податок за ова ни даваат светите евангелисти. Еден ден дошол кај Господа и паднал пред Неговите нозе еврејскиот црковен старешина, по име Јаир. Неговата ќерка единица на 12 години била на смртна постела и тој Го молел Господа да дојде и да ја исцели. „И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. Една жена, што страдаше од крвотечение дванаесет години, и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сè што имала и никаква полза не видела, а ì станало дури и полошо, штом чу за Исуса, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; оти си велеше: Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам! И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста“ (Марко 5, 24-29).

2. Чудотворната облека Христова во германскиот град Трир. На реката Мозела, во рајнската област, се наоѓа гратчето Трир (околу 60.000 жители). Во неговата катедрала се чува чудотворната облека Христова, онаа за која стражарите под крстот на Голгота фрлале жрепка на кого да му припадне (Мат. 27, 35). Неа ја пронашла царицата Елена и во 326 година ја дала на чување во црквата во Трир. За време на нападот на Варварите, оваа светиња е скриена и заборавена. За време на реставрацијата на катедралата во 1196 година најдена е во ѕидот на еден олтар. Во 1512 година, по царска наредба, прв пат е изложена за верните да ја почитуваат. Тогаш папата наредил секоја седма година да се изнесува од ризницата, но војните кои се случиле тогаш го оневозможиле тоа. За време на војните облеката е пренесувана на неколку места (Келн, Бамберг, Аугсбург и др.), но пак била враќана во Трир, каде што се наоѓа и денес и повремено се изнесува од ризницата. Тогаш многубројните почитувачи и болни навалуваат од сите страни и многу болни се исцелуваат (Спираго, 421, стр. 198-199).

3. Благодатната сила Божја делувала и преку облеката на светите апостоли. „А Бог правеше не мали чудеса преку рацете Павлови, така што донесуваа и полагаа крпи и убруси врз болните од неговата испотена снага, и болестите ги напуштаа, злите духови излегуваа од нив“, сведочи светиот евангелист Лука, следбеникот на светиот апостол Павле и очевидец на сето ова (Дела 19, 11-12).

Извадок од книгата „Најдобриот воспитувач“, издание на Повардарската епархија.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *