
Свети Кирил, Архиепископ Александриски е познат голем Отец на Црквата Православна, па ќе дадеме само најкратки податоци. Роден е околу 375 год. во Александрија, внук од сестра на Теофил Александриски; по школувањето во градот, монахувал во Египетската пустина, близу свети Исидор Пелусиот, кого го сметал, и го прашувал за сè, како духовен отец. По враќањето од пустината Теофил го ракоположил за ѓакон и презвитер. По смртта на Теофил, 412 год., избран е за архиепископ Александриски, и останал на катедрата на свети Марко полни 32 години. Во првиот период (412-428) многу работел како архипастир и егзегет на Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет; а посебно имал проблеми од Евреите и многубошците во Александрија, но, со поддршка на народот, монаштвото и царот, излегол како победник. Во годината 419 му пишувал на Соборот Картагински (види таму во Додатокот). Од 428 год. водел борба со еретикот Несториј, и претседавал на Третиот вселенски собор во Ефес 431 год., каде што Несториј е осуден, а Православната Христологија Кирилова триумфирала. Имено, Кирил насетил дека ако преовладува Несториевата ерес, тогаш Црквата ќе се одрече од Христа како вистински Бог и Човек, Еден и единствен Син Божји и Син Човечки, Спасител. Затоа бил непопустлив во одбрана на најсветата Светиња на Христијанството, Личноста Христова. Во одбрана на таа вистина напишал бројни дела против Несториј, во кои, навистина, не наоѓал секогаш најпогодни изрази за артикулирање на својата потполно Христолошка вера, потоа се обиделе подоцна да го злоупотребат еретиците Монофизити, но свети Кирил нема ништо со Монофизитството, како што покажал со усвојување на Посланието на Јован Антиохиски и на останатите епископи, 433 год., кога им одговорил, во своето Послание 39: дека го прифаќа познатиот ©ro~ sumfwnja~ за „двете природи во Христа“, со што однапред ја прифатил Халкидонската Христологија, поради што Атанасиј Синаит го нарекол „печат на Отецот“. Преминал во Господа 27 јуни во 444 год. и се слави на 9 јуни и 18 јануари со свети Атанасиј. Свети Кирил се истакнал како еден од најплодните црковни отци. Зачуваните негови дела може да се поделат на неколку групи: 1. Егзегетски; 2. Догматско-полемички; 3. Апологетски; 4. Пасхални посланија; 5. Проповеди; и 6. Писма.
I. Егзегетски:
А. Толкувања на Стариот Завет:
1. „За поклонувањето и почитувањето на Бог со дух и вистина“
2. „Фини изреки“ (дополнување на првото дело);
3.„Коментар на прор. Исаија“
4. „Коментар на дванаесетте мали пророци“
5. „Коментар на псалмите“
6. Фрагменти од толкувањата на четирите книги Царства, Изреки Соломоноиви, Песна над песните, пророк Еремија и пророк Варух, пророк Језекиил и проирок Даниил.
Б. Толкувања на Новиот Завет:
1. „Толкување на еванг. според Јован“
2. „Толкување на еванг. според Матеј“
3. „Беседи на евангелието според Лука“
4-6. Фрагменти од толкувањето на посланијата на ап. Павле до Римјаните и Второто до Коринтјаните.
II. Догматско-полемички:
А. Против аријаните
1. „Ризница за Светата и едносуштна Троица“;
2. „За Светата и едносуштна Троица“;
3. „Светиот символ“.
Б. Против несторијанството
1. „Против богохулството на Несториј во 5 книги“;
2. „За вистинската вера, до императорот“;
3-4. Уште две дела со ист наслов, првото пупатено веројатно до двете помлади сестри на императорот, Аркадија и Марина, а другото до жената на императорот Евдокија и сестра му Пулхерија;
5. „Апологија до императорот“
6. „Апологија на дванаесетте глави, против источните епископи“;
7. „Послание до Евоптиј против нападите против дванаесетте глави од страна на Теодорит“;
8. „Објаснување на дванаесетте глави“;
9. „Схолии за воплотувањето на Еднородниот“;
10. „За воплотувањето на Еднородниот“;
11. „Дијалог со Несториј, дека Света Дева е Богородица, а не Христородица“;
12. „Против оние, кои не сакаат да признаат дека Светата Дева е Богородица“;
13. „Против Диодор (Тарсиски) и Теодор (Мопсуестиски)“;
14. „За единството на личноста на Христос“
В. Против други ереси
1. „Против синусиастите“;
2. „Против антропоморфистите“;
III. Апологетски:
„За светата христијанска религија против книгите на безбожниот Јулијан“.
IV. Пасхални посланија:
1. Познати се само 29 Пасхални посланија.
V. Проповеди:
Сочувани се само 20 проповеди. Дел од нив се произнесени во Ефес за време на Соборот и се посветени на догматот за Боговоплотувањето и на почитувањето на Мајката Божја. Пофалбата на Света Богородица е најзначајната проповед од древноста на таа тема.
VI. Писма:
Кај Миње се изложени 88 писма, од кои 17 се испратени до свети Кирил.