(Еден од најголемите Свети Отци од Западната Црква, кој, за жал, не се изучува во нашите учебници по Патрологија)
Житие
Свети Илариј, современик на свети Атанасиј Велики, со истата усрдност водел борба против аријанството во заштита на православното учење, затоа со право го добил епитетот „Западен Атанасиј“. Роден е околу 315 год. во Пиктавија, денешниот град Поатие во Аквитанија. Потекнувал од познато и богато римско незнабожечко семејство. Образование стекнал во родниот град и подоцна во Бордо. Уште како незнабожец, како што самиот сведочи, тој се грижел да ја зачува чистотата на совеста и да живее согласно побарувањата на слободата на духот. Сакал да добие познание на својот Создател – Бог, да ја разбере смислата и целта на човечкиот живот. На тие прашања не наоѓал задоволителен одговор во незнабожечката философија. Му се откриле сите слабости на незнабоштвото. Случајното запознавање со Мојсеевото петтокнижие му го открило вистинскиот Бог, изучувањето на пророчките книги го утврдило во тоа познание, а читањето на Јовановото Евангелие му го издигнало духот и засекогаш го покорило на учењето на Господа Исуса Христа. Примил свето Крштение заедно со своите сопруга и ќерка.
Околу 350 година по „еднодушниот глас на народот“ свети Илариј бил избран и ракоположен за епископ на неговиот роден град. Кога во 355 година по заповед на императорот Констанциј епископите учесници во Медиоланскиот собор, кои не се согласиле да го осудат заштитникот на православието, светиот Атанасиј, и да потпишат аријанско исповедање, биле испратени на заточение на Исток, свети Илариј му испратил на императорот смело писмо во заштита на свети Атанасиј и на затворените епископи. Во исто време свети Илариј испратил Послание до галските епископи, во кое им соопштувал, дека го прекинува заедничарењето со главните виновници за раширувањето на аријанството на Запад: Сатурнин, Урсакиј и Валент, и ги повикал останатите епископи да го следат неговиот пример. Во 356 година на свиканиот од аријанските епископи собор во Битере, свети Илариј смело и цврсто се изјаснил против отворените аријани, особено против арлескиот епископ Сатурнин, и одбил да го осуди светиот Атанасиј, повикувајќи се на одредбите од Сардичкиот собор. Тоа уште повеќе ги настроило аријанските епископи против него. По нивно барање императорот Констанциј заповедал на управителот на Галија Јулијан да го испрати свети Илариј и Тулускиот епископ Родон на заточение на Исток во Фригија (Мала Азија). Свети Илариј се потчинил, но неговата паства не примила друг пастир. Свети Илариј продолжувал да ја раководи својата дијацеза преку презвитерите. Во прогонство, главно во Фригија, поминал четири години, не престанувајќи да се грижи за запазувањето на чистотата на православието. Во 359 година префектот му разрешил да учествува на Селевкискиот собор, каде што ги заштитил западните епископи од обвинувањата за савелијанство. Од Селевкија свети Илариј отишол во Константинопол и испратил второ писмо до императорот Констанциј; меѓу другото го молел да му разреши да влезе во отворен спор со аријаните, за да ја разоткрие неодржливоста на нивното учење. Молбата не му била услишана, но аријаните се убедиле дека за нив е подобро тој да не биде на Исток блиску до императорскиот двор. На свети Илариј му било разрешено да се врати во својата татковина и повторно да ја заземе својата епископска катедра. На пат кон Галија тој го утврдил православието во Илирија и Италија. По враќањето во Пиктавија свети Илариј свикал неколку собори во заштита на православието; на нив аријанските епископи биле осудени и расчинети. Според зборовите на Сулпициј Север на свети Илариј се должи тоа што Галија била исчистена и спасена од аријанската ерес. Во 364 година бил свикан собор во Медиолан (Милано) под претседателство на свети Илариј, за да се позанимава со положбата ма тамошниот епископ Авксентиј, главниот претставник и распространител на аријанството во Италија. Свети Илариј го разобличиј Авксентија. Тој бил принуден да признае дека Синот Божји е едносуштен на Отецот. Но на своја страна го придобил императорот Валентинијан, а свети Илариј морал да се врати во Пиктавија, каде што починал во 367 година.
Дела
Делата на свети Илариј може да се поделат на пет групи: егзегетски, догматски, историско-полемички, химни и писма.
1. Егзегетски дела:
Свети Илариј е еден од првите западни црковни писатели, кои составиле коментари на Светото Писмо.
А) „Коментар на Евангелието според св. ев. Матеј“ (In evangelium Matthaei commentarius, PL, t. 9, col. 917— 1078) – за него сведочи блажени Јероним. Свети Илариј користи алегориска метода на толкување на Светото Писмо, затоа некои автори сметаат дека е под влијание на Ориген.
Б) „Трактат над Псалмите“ (Tractatus super Psalom, PL, t. 9, col. 231—908).
В) „Трактат над книгата на Јов“ (Tractatus in Iob) – запазени се само два мали фрагменти кај блажениот Августин (PL, t. 10, col. 723—724).
Г) „Книга за таинствата“ (Liber mysteriorum) – за делото спомнува блажениот Јероним. До крајот на XIX век се сметало дека е загубено. Ако се суди според насловот, треба да се прифати, дека имало литургиски карактер. Познато било дека ракопис од тоа дело од XI век имало во библиотеката на манастирот Монте-Касино. Станало јасно од ракописот дека под мистерии свети Илариј ги подразбирал не таинствата, туку старозаветните пророчки предобрази.
Превод од бугарски:
Ѓакон Јани Мулев