(Текст од IV век)
Кога Трајан ја наследил власта на Римјаните, (тогаш) беше Игнатиј, ученик на апостол Јован, маж во сè апостолски, и внимателно (επιμελως) управуваше со Црквата на антиохијците. Тој, само што ги имаше пребродено старите неволји од многуте гонења од времето на Домицијан, и како добар кормилар, под раководство на молитва и пост и постојано поучување и духовно бодрење, се спротивставуваше на противничката бура, плашејќи се да изгуби некој од малодушните или од неискусните (верници).
Бидејќи гонењето на кратко престанало, тој се радуваше на непоколебливоста на Црквата, но во себе негодувал затоа што (самиот) сè уште не ја достигнал вистинската љубов кон Христа, ниту, пак, совршеното звање на ученик (Господов). Зашто, подразбирал (ενενόει – сметал) дека исповедништвото, кое би било преку мачеништво, повеќе би го приближило кон Господа. И така, останувајќи уште малку години на чело на Црквата и осветлувајќи го, како божествена светилка, умот на секој (верник) со толкувањето на Божествените писма, (на крајот) го постигнал тоа што го посакувал.
Зашто, кога потоа Трајан, во деветтата година од своето царување (107 год.), возгордејувајќи се од победата над Скитите и Дачаните и над многу други народи, и сметајќи дека од потполното покорување му бега (само) уште богопобожниот собор (τό Θεοσεβές σύστημα) на христијаните, почнал да се заканува дека (христијаните) ќе поднесат гонење ако не се согласат со сите народи (των εθνων – незнабошците) да се потчинат на служењето на демоните, та ги принудувал сите што живеат побожно (христијаните) или да принесат жртви (на идолите) или да умрат (τελευταν – да завршат). Значи, тогаш, овој храбар Христов војник, плашејќи се за Црквата на антиохијците, отишол доброволно пред Трајан, кој во тоа време престојувал во Антиохија, а имал намера да тргне на Ерменија и на Персијанците.
А кога тој застанал пред царот Трајан, овој му рекол: „Кој си ти, како демоне (зли демоне), кој настојуваш нашите наредби да ги престапуваш; а со тоа и ги убедуваш и другите од зло да погинат?“ – Игнатиј одговорил: „Никој не го нарекува Богоносецот како демон, затоа што демоните отстапиле од Божјите слуги. Ако пак мислиш дека јас сум им (на демоните) непријател и ме нарекуваш зол кон демоните, тогаш се согласувам. Зашто имајќи Го Христос, Царот Небесен, јас ги уништувам нивните замки“. – Трајан рекол: „А кој е тој Богоносец?“ – Игнатиј одговорил: „Оној што го има Христос во себе“. – Трајан рекол: „А зар ние според тоа изгледаме како да немаме богови, кои ги користиме како помошници против непријателите?“ – Игнатиј рекол: „Се лажеш, нарекувајќи ги демоните за богови на незнабошците, зашто Еден е Бог, Кој ги создал небото и земјата и морето и сè што е во нив; и Еден е Христос Исус, Синот Божји Единороден, чие Царство силно го посакувам!“ – Трајан рекол: „Зборуваш за Оној Кој беше распнат во времето на Понтиј Пилат?“ – Игнатиј рекол: „За Него Кој го распна мојот грев, заедно со неговиот пронаоѓач (ѓаволот), и Кој ја осудил секоја демонска измама и злоба (со фрлање) под нозете на оние што Го носат во срцето“. – Трајан рекол: „Значи, ти во срцето Го носиш Распнатиот?“ – Игнатиј рекол: „Да, затоа што е напишано: Ќе се вселам во нив, и ќе живеам меѓу нив“ (3. Мој. 26, 12; 2. Кор. 6, 16). – Трајан (тогаш) одлучил: „Наредуваме Игнатиј, кој зборува дека во себе го носи Распнатиот, да биде врзан (окован) и од страна на војниците да биде однесен во великиот Рим – за да биде храна на ѕверовите за развеселување на демосот (народот)“.
Светиот маченик, откако ја слушнал оваа одлука, со радост возвикнал: „Ти благодарам, Господи, што ме удостои да ја почествувам совршената љубов кон Тебе, откако ме врзаа со железни окови заедно со Твојот апостол Павле“. Откако го кажа тоа и откако со радост ги прими оковите на себе, тој се помолил најнапред за Црквата и откако во солзи ја предаде на Господа, како достоинствен (библиски) овен, предводник на доброто стадо, беше зграбен од ѕверската грубост на војниците и поведен во Рим, крволочните ѕверови да го растргнат.
Така, со огромна готовност и радост, сакајќи да пострада (за Христа), слезе од Антиохија во Селевкија и оттаму беше возен со кораб. Откако по голем напор дојде во градот на смирјаните, со голема радост слезе од коработ и поита да го види Поликарп, епископот на смирјаните, кој заедно со него бил слушател (ученик), зашто порано биле ученици на апостол Јован. Откако слезе до него и откако се приопшти со неговите духовни дарови, и фалејќи се со оковите (за Христа), (ги) молеше да соподвизуваат со неговата намера (страдање); и посебно (ја молеше) целата Црква заедно, зашто светиот, преку епископите и презвитерите и ѓаконите, го примиле во посета градовите и Црквите во Азија, итајќи сите кон него, на некој начин да добијат дел од неговиот духовен дар; и посебно (го молеше) светиот Поликарп (да го замоли Бога) преку ѕверовите набргу да стане невидлив за светот, а да се појави пред лицето Христово.
И (сето) ова така го говореше и така го посведочуваше, толку зголемувајќи ја љубовта кон Христа, така што можел да ги достигне небесата преку доброто исповедништво и ревноста на оние што заедно со него се молеле за страдањето, а на Црквите, коишто му излегле во пресрет преку своите старешини (των ηγουμένων – водачи), како награда им возвратил со испраќање благодарни посланија до нив, кои (со своите) молитви и поуки мирисаат со духовна благодат. Меѓутоа, гледајќи, дека сите тие се благонаклоно расположени кон него, се исплашил љубовта на братството (η της αδελφοτητος στοργη) да не го запре неговото ревнување за Господа, зашто (сега) му била отворена добрата врата за мачеништво, како што и напишал (во Посланието) до Црквата на Римјаните, што (овде) го приложуваме.
Откако се подготви, онака како што сака, (со своето) Послание до оние браќа (христијани) во Рим кои не сакале (тој да пострада), замина од Смирна – затоа што Христоносецот (ο Χριστοφορος) беше брзан од војниците, (што е можно побргу) да стигне до почестите во великиот Рим, та пред римскиот демос да биде фрлен на дивите ѕверови, и да се задобие со венецот на страдањата – па пристигна во Троада (кај Троја). Оттаму потоа е одвезен во Неапол (Кавала), па преку Филипи поминуваше низ Македонија и (понатаму) преку Епир, кон Епидамнос (Драч), та на приморјето најде кораб и пловеше преку Јадранското Море, од каде што преминал во Тиренското, минувајќи острови и градови, додека на светиот не му се покажа Потиоли (кај Неапол), каде што поитал да излезе сакајќи да оди по стапките на апостол Павле. Но, бидејќи дувнал силен ветер и не го дозволил тоа, затоа што коработ со носот се опирал, пропловиле таму (без застанување) фалејќи (μακαρίσας) ја љубовта на браќата во тоа место.
Во текот на еден ден и следната ноќ, значи, зафрлувани од повратните ветришта, ние неволно и понатаму бевме водени, жалејќи поради претстоечката разделба на Праведникот од нас. А нему сè му одеше преку молитва, затоа што иташе што побргу да излезе од овој свет за да стигне кај Господа Кој Го Љубеше. Допловувајќи така во Римското пристаниште, војниците поради претстоечката, да кажеме, нечиста свеченост, негодувале поради задоцнувањето, а епископот со радост ги послушал во (таа) брзаница.
Оттаму пак беше одведен од таканаречениот Порт, а веќе се беше прочуло ова со светиот маченик, па попатно сретнуваме браќа (христијани) исполнети со страв и со радост. Тие се радуваа што се удостоија за средба со Богоносецот, а се плашеа затоа што таков (човек) е воден на смрт. На некои (христијани), кои беа огнени и говореа дека ќе го убедат демосот (римски) да не бара погубување на Праведникот, им порачувал да се смират. Тој, тоа го дознал веднаш со духот; и откако ги поздрави сите, бараше од нив вистинска љубов, и уште повеќе од тоа во Посланието (до Римјаните) (им) говорел и ги убедил да не му завидуваат на оној што ита кон Господа. Така, со клечење на сите браќа, го замолил Синот Божји за Црквите (υπερ των Εκκλησιων), за престанување на гонењата, за меѓусебна љубов на браќата. Тогаш набрзина беше однесен во амфитеатарот (Колосеумот).
Потоа веднаш беше затворен, според поранешната наредба на кесарот, затоа што требало да заврши свеченоста – а тоа била знаменитата, како што сметаа, таканаречена со римски јазик Тринаесетта (свеченост), за чие време се собирале официјално – па така е фрлен на суровите животни покрај храмот. Така набрзина е исполнета желбата на светиот маченик Игнатиј – согласно напишаното: „Желбата на праведникот бива прифатена! (Мудр. Сол. 10, 24) – та ниту на еден од браќата (христијани) да не биде на товар поради собирањето на неговите остатоци, како што и претходно посакал во Посланието (до Римјаните), крајот да му биде (таков) (την… τελειωσιν – свршеток – совршенство). Единствено (потоа) се собрани покрупните остатоци од неговите свети мошти (των αγιων αυτου λειψανων), кои се пренесени во Антиохија и положени во платно, како непроценливо богатство оставено на светата Црква од благодатта (Божја) која е во маченикот.
А ова се случило ден пред тринаесеттите Календи во јануари, односно на дваесетти декември, кога во Рим биле конзулите Сур и Сенекиј по втор пат.
Бидејќи сме биле очевидци на ова, ја пробдеавме целата ноќ плачејќи во куќата, и со клечење и молитва многу го молевме Господа да нè изведе нас слабите од ова што претходно се случи. Откако заспавме малку, некои (од нас) видовме како (Игнатиј) ненадејно ни доаѓа и нè прегрнува; други, пак, го гледавме блажениот Игнатиј како одозгора се моли заедно со нас, а трети (видоа), како тој целиот во пот, и со голем труд (καματου – напорна работа), стига и застанува пред Господа. Така, гледајќи го ова со голема радост и откако ги споредивме овие видувања на сон, отпеавме похвала на Бога, Давателот на добрините, и откако го прославивме (μακαρισαντες – откако го пофаливме) Светиот, ви го јавивме и денот и времето (годината) на мачеништвото (негово), та сите, собирајќи се во времето на мачеништвото (на неговиот спомен), да станеме заедничари со Страдалникот и храбриот Христов маченик, кој го победи ѓаволот и го заврши патот на својата христољубива желба, во Христа Исуса, нашиот Господ, преку Кого и со Кого е славата и моќта на Отецот, со Светиот Дух, во вековите. Амин.