Кратко житие и поуки на старец Јероним Егински (1883-1966)

Старец Јероним, исихаст егински

Loading

Старец Јероним, исихаст егински

Старецот Јероним, световно Василиј Апостолидис, се роди во 1883 година, во Малоазиското село „Гелвери“, во Кападокија.

Неговите родители, Анестис и Елисавета, одгледаа 6 чеда, меѓу кои и од мајчината утроба повиканиот Василиј, подоцна, познатиот наш отец-старец Јероним.

Тој порасна опкружен од молитви, подвизи и светост. Молитвените солзи на неговата мајка, беа првите кои влијаеја врз чувствителната душа на Василиј. Исто така и светите примери на светите подвижници – Троглодити[1] од околината, коишто се криеја и живееја невидливо во тие расеани „центри“ на молитва, во карпите на Кападокија.

Беше ракоположен за ѓакон од митрополитот амисоски Софрониј. Како ѓакон ги посети светите Места и остана 9 месеци во светиот манастир на Чесниот Претеча покрај реката Јордан. Во тој манастир отец Василиј остана девет месеци и игуменот го постави на должноста секретар на манастирот. Во исто време и со иста цел во манастирот се наоѓаше отец Анастасиј, еден монах од Понт, којшто подоцна отиде на Света Гора и се причисли кон братството на отец Јосиф Спилеот. Таму стана великосхимен монах и доби ново име, Арсениј. Се упокои пред неколку години, на возраст од 98 години, во светиот манастир Дионисијат, откако проживеа околу осумдесет години како монах. Отец Анастасиј се одликуваше со речиси детска простота, огнена вера и силна љубов кон молитвата. Во манастирот на Чесниот Претеча игуменот го постави во служба на магационер.

Таму се сретнаа двајцата мажи и многу се спријателија. Секоја вечер, после дневните обврски и црковни служби, се сретнуваа, разговараа за разни духовни теми, разменуваа искуства и се молеа. И двајцата ја сметаа оваа средба за благословена коинциденција.

Еден ден на посета кај двајцата пријатели дојдоа тетката на отец Василиј, Деспина и сестрата на отец Анастасиј, отприлика дваесетгодишна, која на возраст од 16 години стана монахиња во манастирот Теоскепастис во Понт и сега имаше дојдено на поклонение на светите Места. Оваа монахиња не беше никоја друга, туку подоцна почитуваната старица Евпраксија, која подоцна остана да живее како послушничка на старецот во Егина и да му служи верно до крајот на неговиот живот.

По враќањето, беше поставен за ѓакон во светиот храм на свети Ѓорѓи во Цариград, каде што и остана неговиот печат, бидејќи беше почитуван поради неговите добродетели и светост, заради неговата ревноста и добриот глас.

Малоазиската катастрофа го донесе во Грција „пустинското пиле“, подвижникот ѓакон Василиј.

Островот Егина, веднаш по лишувањето од нејзиниот Светител, светиот Нектариј, во 1922, го прими ѓаконот Василиј, којшто дојде „од големото копно, како што ја нарече Кондоглу, од светите предели на Истокот: од Кападокија, којашто ја прославија толку маченици и преподобни на Православната Црква“ (П. Пасхос).

Во тоа време свештенопроповедник на Егина беше подоцнежниот митрополит каристијски Пантелејмон, кој го почитуваше и го љубеше кападокискиот ѓакон Василиј. Кога стана митрополит каристијски, при една негова посета на Егина, после многу притисоци врз Василиј, го убеди и го ракоположи за свештеник, давајќи му и архимандритски чин.

После една година прими и Велика и Ангелска Схима од светиот старец Јероним Симонопетриски, добивајќи го името Јероним.

На почетокот на неговото свештенствување, еден ден, во моментот додека ја правеше проскомидијата виде едно страшно видение (нашиот Господ како бебе врз Светата Трпеза) коешто толку многу го трогна и стана основа за да престане со свештенослужење, бидејќи толку голем страв имаше, што сметаше дека неговите раце не можат да го прободат Телото на нашиот Господ.

После тоа па сè до смртта се повлече во од него изградениот исихастирион „Благовештение Богородично“.

Во тој исихастирион ги продолжи неговите исихастички но и пастирски борби. Некогаш се повлекуваше во посебно скришно место (внатре во исихастирионот), кое потсетуваше на издлабените ходници-крипти и ќелиите под карпите, од неговата татковина, а некогаш стануваше „Бања Силоамска“, каде што мноштво посетители во негова близина наоѓаа утеха, избавување, препород.

Неговите совети и молитви, беа „мелем“ за секоја причина на повредените срца.

И само што ќе го погледнеше некој, ќе почувствуваше како во самото негово битие навлегува Благодатта и Благословот на Светителот, светоста на многустрадалниот старец, и ќе си заминеше од кај него како „друг човек!“

Ги имаше сите дарови на Светиот Дух, а дарот на прозорливост беше на незамислив степен највпечатлив, така што посетителот, додека го слушаше, чувствуваше страв и богобојазливост!

Се упокои после околу два месеци нешко боледување, во Атина, на 3/16 октомври (ст.ст) 1966 година, на празникот на свети Дионисиј Ареопагит.

Молитвите на светиот старец Јероним да нè покриваат, запазуваат, укрепуваат и помагаат во нашето спасение, да ни го чуваат нашето Православие и Народ, од секоја злонамерност и злоба.

Тропар, глас 1:

Кападокиска пофалба, Карвалска лозанка,

И блескав светилник Егински, Јероним преподобниот,

Да го почитуваме верни, како должни,

Светилник на божествената благодат,

Ризница на прозорливост,

Извор на чудеса за оние кои повикуваат:

Слава на Христа Кој те прослави,

Слава на Оној Кој те овенча,

Слава на Оној Кој ни те даде,

И за раководител на многумина те покажа.

Извадок од службата:

На големата вечерна пееме „Блажен е оној човек“, а потоа пееме „Господи возвах“, стихири на 6, глас 4:

Со посебна горешт, праведен отче Јерониме, си го возљубил ближниот со сета сила на душата, и со твојата љубов, си ги привлекол луѓето кон Оној Кој е Самиот Љубов. Зашто самото твое лице блескаше благодат од другиот свет, каде што сега пребиваш, посредувај пред Оној Кој ги прими твоите многу трудови заради Неговото име, та оние кои те почитуваат да бидат спасени.

Со едноставноста од параболите, кои беа земени од земниот живот, си ни ги покажал небесните таинства, откривајќи ги помислите на срцето, скриените вистини и умот Божји. О, какво таинство чудесно! – смртник од прав и глина, да стане уста Божја. Сепак поради твојата понизност на срцето и силна желба за спасение на луѓето, овие дарови ти беа изобилно дадени.

Како нов старец Симеон, со големо смирение, си бил избран да не видиш смрт сѐ додека не го видиш Неговото спасение и си бил вистински и целосно Негов; и Господ Кој ги слушна твоите молитви, го овенча твојот долг живот со страдања кои ја зголемија радоста која делумно уште тука си ја примил, зашто ти се молиш за нашето спасение, триблажен отче Јерониме.

Слава, глас 6:

Поминувајќи го детството во кападокиските пештери, си го нашол скапоцениот бисер уште од младоста, праведен отче наш Јерониме, и чувајќи го ова богатство твојот живот го помина во доброволна сиромаштија, несомнени дела на милосрдие кон страдалните, усрдно откажување од сите земни нешта, и строго приврзување кон непрестајната молитва, си ја следел мерата на древните богоносци, бивајќи чудесен нивни подражател. Затоа како близок пријател на светителите од многуте рајски живеалишта, неуморно моли Го Христа да ги спаси оние кои го слават со радост твојот спомен.

И ниње, догматик глас 6: Кто тебје не ублажит…

Превод од грчки и англиски јазик: Свештеник Јани Мулев

(Во тек е преводот на втората книга за старец Јероним Исихастот Егински)


[1]„Троглодити (пештерници)“, беа монаси кои паралелно и без да ги напуштат исихастичките подвизи, им служеа на сиромашните, болните, туѓинците и инвалидите. (бел. на прев.)

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *