…Оваа книга ни дава голем пример за еден човек кој е производ на оваа Света Фабрика; кој тежнееше кон светост; кој го зеде својот крст „и Го следеше Христа“. Тоа е житие на таков човек кој, слободен од прелест, ни го покажува патот на вистинското старчештво; т.е. не таков кој се фали со своите добродетели – ниту таков кој отворено зборува за своите виденија – туку таков кој се чува себеси преку смирение, секогаш спомнувајќи си за ништожноста на човекот, и величието Божјо.
Во секоја генерација Бог ја обезбедува Црквата со такви луѓе. Таа исто така ја предупредува својата паства „да ги испитуваат духовите“, бидејќи „многу лажни пророци се јавија во светот“ (1.Јн. 4,1). Затоа, оваа книга е голем дар за Македонскиот народ. Таа е повик за покајание и укорување на нашата совест. Таа е повик за сите нас да ја цениме вистинската и автентична Православна вера, којашто нашите претходници (Бог да ги упокои нивните души) ја пренесуваа од колено на колено. Историски, ова е најголемото богатство на нашата земја и народ, скапоцениот бисер: нашата Православна вера. Со векови, нашите претходници ја сочувале Вистинската Вера под суровите околности во Отоманската империја. Некои станаа маченици, некои беа измачувани, а сите беа сметани за граѓани од втор ред. Сите тие може да бидат сметани за исповедници на Верата. Треба да се запрашаме: дали ние го цениме она што ни беше предадено, и, дали сме ние навистина Православни христијани во истата смисла како што беа и тие?
Тоа ни укажува како треба да ја сочуваме верата. Не со фанатични изјави, туку со цврста намера, со љубов, со разбирање, предавајќи ѝ ја на оваа генерација пораката на Божјата љубов. Навистина, ако не ја сочуваме оваа вера, што друго ќе ни остане?“ – Митрополит Димитриј
Преводот од грчки јазик го направи свештеникот Јани Мулев