Смирението на преп. Ефрем Сириски

Loading

Уверен, дека љубовта на едеските жители кон него неизбежно ќе се претвори во богати дарови за неговото погребение, Ефрем, не барајќи ништо за себе, сè префрлил во полза на сиромашните. Тој им велел на оние околу него: „Донесете што сте ветиле и положете го пред вашиот брат; принесете и положете пред мене, та самиот јас, додека сè уште ме држи умот, да му одредам цена… и нека биде тоа раздадено на сиромасите, бедните и на оние кои имаат потреба. И вам ќе ви остане во сеќавање и мене ќе ми биде за полза, вас за тоа ќе ве награди милоста Божја, како дарители, а мене – како советник“[1]. Некористољубивиот монах не сакал да се товара себеси и по смртта со она, што го отфрлал во животот. „Се колнам и со вашиот и со својот живот, – велел тој, – Ефрем немаше никаква сопственост, немаше ни жезал, ни живеалиште, бидејќи ги послушав[2] зборовите Господови: Не собирајте богатства на земјата (Мат. 6, 19)“.

Но најјасно се открило во „Заветот“ на Ефрем длабокото смирение и плач срдечен, кои биле душа при неговиот живот. Оттука произлегувале неговите последни заповеди, да не го погребуваат со раскош, да не го прославуваат при погребението, да не го испраќаат торжествено до гробот, туку наместо сите украсувања и угодности да се погрижат да му ја олеснат судбата со своите молитви. „Кој ќе ме положи под жртвеникот, – велел тој, – да не го види тој Божјиот жртвеник, бидејќи на смрдливата нечистотија не ѝ доликува да лежи на свето место. Ако некој ме положи во храмот, таквиот да не го види храмот на светлината, бидејќи суетната слава му е бесполезна на оној, кој не е достоен за слава. Зошто да му се даваат почести на оној, кој не ја сочувал својата чест? Не ме полагајте со мачениците, бидејќи јас сум грешен и не вредам ништо; заради моите недостатоци се плашам да им се доближам и на нивните коски. Кој ќе ме понесе мене на своите раце, на таквиот рацете да му се покријат со лепра, како на Гиезиј: но, кревајќи ме за рамената, носете ме колку што е можно побрзо, и погребете ме, како презрен, бидејќи мизерно ми поминаа дните.

Зошто да ме прославувате мене, кога јас сум засрамен пред Господ? Зошто да ме ублажувате, кога јас немам добри дела? Ако некој би ви ги опишал моите дела, тогаш секој од вас би ме плукнал в лице; кога би ја почувствувале смрдеата на грешникот кога се приближувате кон него, тогаш сите би избегале од смрдеата на Ефрем… Грешен сум јас, осквернет со нечистота и беспотребност, оцрнет од гревови. Каква ли нечистотија нема во мене? Каков ли грев не лежи во мене? Сè што е непотребно, сето беззаконие и скверност е во мене. Воопшто ништо добро не сум направил во сиот мој живот, воопшто ништо добро не сум сторил, откако ме донеле на свет моите родители.

Не земајте ништо од мене за сеќавање, бидејќи треба да се сеќавате на она што сте го чуле од нашиот Господ. Ако земете нешто од Ефрем, тогаш Ефрем ќе одговара. Господ ќе ми рече: „Повеќе веруваа во тебе, отколку во Мене“. Кој ќе стави со мене во ковчегот свилена облека, тој да биде фрлен во најмрачната темница; кој ќе стави со мене во ковчегот пурпурна облека, тој да биде фрлен во геената огнена. Во моето расо и пана ставете ме в земја, бидејќи облека не му доликува на непотребниот.

Кој ќе понесе пред мене восочна свеќа, таквиот да го изгори огнот од неговата утроба. Што ќе му е оган на оној, кој се запалува од својот оган? Подобро пролејте, браќа, солзи за мене и за сите, слични на мене. Во гревови и бесполезна суета ги поминав своите денови.

Не ставајте во ковчегот мој мириси, бидејќи таа чест за мене е бесполезна; не ставајте убави мириси, бидејќи тие нема да ме избават од судот. Мирисите запалете ги на олтарот, а мене предадете ме на земјата со пеење псалми. Наместо да расфрлате миризливи масла и мириси, спомнувајте ме во вашите молитви.

Не ме ставајте во вашите гробници, бидејќи за ништо нема да ми послужат вашите украсувања. Јас Му дадов ветување на Бога, да ме погребат со туѓинците. Јас сум ист туѓинец, како и тие. Со нив погребете ме. Погребете ме на гробиштата каде што се погребени скрушените по срце“[3]. Така се искажа за последен пат смирената и скрушена душа на великиот Ефрем[4].

По еден месец[5] од враќањето во својата самотија преподобниот Ефрем се упокоил на рацете на своите ученици и жителите на Едеса кои го љубеле. При многубројно слевање на клирици, пустиници и народ неговото тело било погребено токму онака, како што тој заповедал[6], и само по некое време неговите нетлени мошти биле пренесени во храмот[7]. По најверодостојните сведоштва светиот Ефрем се упокоил во јуни 373 или 372 година, а се родил во почетокот на четвртиот век, веројатно во 306 година[8].


 

Превод од руски јазик: Ѓакон Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *