Скапоцениот Гостин – Ѓакон Јани Мулев

Гостопримството на Авраам

Loading

„Братољубие нека пребива меѓу вас.

Гостољубивоста не заборавајте ја,

бидејќи преку неа некои, и не знаејќи,

им укажаа гостопримство на ангели“

(Евр. 13, 1-2)

 

Гостопримството на Авраам

Една од најголемите добродетели во Црквата е токму гостопримството и гостољубието. Особено тоа се гледа во манастирите, каде што монасите се трудат да им посветат огромно внимание и љубов на сите гости. Но кога сме кај оваа добродетел, да видиме какви гости и домаќини има.

Постојат луѓе, кои ни доаѓаат на гости, и кај кои одиме, но и покрај нивната љубезност и куртоазни насмевки, сепак немаме желба да се гледаме со таквите често. Во нив препознаваме двоен однос, затворен ум и срце, голема резерва, нељубовен однос, и само љубезност која нема внатрешно покритие во расположението на срцето, студенило, помраченост, осудување, лесно се соблазнуваат, ни ги мерат зборовите, да не кажеме случајно нешто погрешно, не се радуваат на нашиот успех, на нашите радости, туку попрво покажуваат прикриена злоба. Кога ќе се разделиме од таквите, ни останува само немир и дилеми за нивните двозначни зборови.

Друга категорија се оние кои нè канат, но заради нивната нехигиена, нечистотија, домашна неуредност, колку и да ни се мили, некако губиме желба за дружба со нив.

Наспроти овие категории, имаме пријатели кои ни се блиски, и со кои најчесто комуницираме, и сакаме да дружиме; такви кои имаат отворен ум и срце, со кои, при секоја средба, се радуваме, а ја чувствуваме и нивната радост и љубов, и со кои секогаш ни недостасува барем уште еден час за да си изнакажеме сè. Кога се разделуваме ни останува само радост и мир, и копнеж за наредна средба. Разговорот со таквите никогаш не престанува, па дури ни за една минута. Љубовта нè поттикнува кон заедничарење, разговарање, споделување на нашите таги и радости, непосредно, без резерва, без простор за сомнежи, предрасуди, осудување, соблазнување итн. Такви гости сакаме да имаме што почесто, но и кај такви да одиме.

Што се однесува, пак, до нашето гостопримство и гостољубие, јасно е дека, мораме да ги поседуваме горенаведениве особини, та разгорени од Богољубие и човекољубие, во секој наш гостин да Го гледаме Христос, и така да го пречекуваме, како Самиот Христос да ни дошол на посета.

 

Отприлика вака, метафорично, со прости зборови, јас ја сфаќам подготовката за Света Причест, за пречекувањето и соединувањето со Најскапоцениот Гостин – нашиот Господ Христос. Само луѓето со чисти и отворени срца и умови, исполнети со радост и љубов, но и со копнеж за повторна и повторна средба со Возљубениот Гостин, се удостојуваат да Го примат Христос. Оние, пак, кои имаат нечисти домови (срца), но сепак Го љубат и копнеат да го сретнат, Христос оди кај таквите, но со големо милосрдие и сострадание, и заради нивната љубов кон Него, Самиот Тој им помага на таквите домаќини, да си го уредат и исчистат својот дом. Оние, пак, кои лицемерно го канат, исполнети со помраченост, студенило, лага, лицемерие, од снисходење Христос ќе отиде и кај таквите, ќе им даде можност да видат што е радост и љубов и ведар дух, но ако таа средба не ги промени, не ги поттикне кон љубов и радост, кон благодарење, тогаш Христос ќе ги остави сами, и нема повеќе да оди кај таквите, како недостојни, како такви кои свесно и намерно ја отфрлиле Неговата понудена љубов.

Имајќи го сето ова предвид, секоја дебата дали преку постење без масло, или со масло, ќе се удостоиме за Христос, – станува бесмислена. Верата во Бога, како и љубовта кон Него и кон ближните, подвигот за очистување на умот и срцето, како и копнежот за средба со Него – нè прават достојни за Него. Сè друго е споредно, без суштинско значење.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *